Достигнувањата на воената револуција

05.01.2012 14:38
Достигнувањата на воената револуција

Ancien régime е општеството кое Французите кон крајот на 18-от век го нарекуваа, а кое се истрошило и кое било сомелено од Француската револуција. Ознаката стар режим или стар поредок е соодветна и за поредокот во кој живееме денес. Живееме во општество кое преживеало.

Но, додека во Франција пред двесте години го укинале општествениот поредок кој повеќе не функционирал, нашиот денешен дисфункционален поредок се зајакнува – се зајакнува во секоја криза – и сè уште има добри можности да преживее. Ако преживее, ќе преживее наместо нас.

Каде се покажува појасно тоа зајакнување и нихилистичката волја за преживува освен во напредокот на средствата за уништување и угнетување? Имено, зајакнувањето не значи дека нашиот ancien régime се подобрува и поправа. Напротив, значи дека зајакнува неговата решителност да не попушти. По стрмниот пад на легитимноста, таквото опстојување сè повеќе мора да се потпира на употребата на сила, како дома така и во странство.

Употребата на сила по дефиниција е бруталност, но бруталноста може да биде префинета. Во неа се изразува историскиот напредок и воедно претставува замајување за напредокот. Најпосле, кај употребата на сила целта е некого да убиеш. Напредокот се мери со тоа како да го убиеш, какви средства да употребиш за да го оневозможиш или елиминираш непријателот. Затоа и културните луѓе беа зачудени од развојот и напредокот на средствата за убивање и уништување. Да речеме, Даниел Дефо, кој важи за апологет на модерното општество, во „уметноста на војната“ го гледал „највисокото совршенство на човечкото однесување“ и ги фалел подобрувањата и напредувањето во таа област. Ернст Јингер, пак, во допишувањето со Чарлс Шмит во 1930-те години, запишал дека она што „денес ја одредува решителноста на духот“ е токму односот на духот кон вооружувањето.

Во денешните тешки времиња за добрата вест за љубителите на напредокот и стариот режим се погрижи фирмата Raytheon. Добрата вест дојде токму во вистинско време, па на неа можеме да гледаме како на божиќен подарок. Имено, споменатата фирма патентираше посебен полициски штит за судир со демонстрантите. Посебноста на овој штит е во нискофреквентните звучници. Во однос на звучните топови, кои веќе ги користат за растерување на демонстрантите, односно, во технички јазик, за надгледување на масите, новиот штит е прилично тивок. Звучните топови произведуваат гласни и пореметувачки звучни експлозии кои предизвикуваат главоболки и слабост. Штитот на Raytheon емитира пулсирачки звучен бран кој создава притисок. Резонанцата на тоа пулсирање во горниот човечки дишен тракт го запира дишењето и на тој начин ја онеспособува „метата“. Авторите на овој изум предупредуваат дека звучните бранови од овие штитови не се посебно силни. Тоа го фалат вредно: демонстрантите ќе се онесвестат поради недостаток на кислород, а нивните ушни тапанчиња нема да бидат оштетени. Дополнителната предност на овие штитови ќе биде тоа што ќе можат да се поврзат и на тој начин да се обликуваат поголеми звучни коридори, што ја зголемува нивната моќ, досегање и делотворност. За можните долгорочни здравствени последици од дејствувањето на овие штитови изумот не кажува. Ќе покаже искуството.

Идејата за употреба на звукот за оневозможување на непријателот не е нова. Меѓу нејзините пионери можеме да го вброиме Роџер Бејкон, големо име на средновековната ренесансна наука. Бејкон бил францисканец и не ги сакал војните и крвопролевањето. Посебно му се гадело од крвопролевањето. (Го ужаснувала дури и менструалната крв.) Како францисканец го вложил својот живот за ширење на светата вера. Сакал неверниците да ја прифатат вистинската вера од мисионерите, а не од војниците. Ако зборот не помагал, велел тој, тогаш треба да се посегне по оружје. И бидејќи Бејкон не сакал да се пролева крв, а не можел да се откаже од војната, замислил некрвава војна. Напомош ја повикал науката. Докажувал дека е можно експерименталните науки да се употребуваат во доброто на божјата црква, против непријателите на верата.

Според замислите на Бејкон, подобро е непријателите на верата да се уништуваат со „научни откритија“ одошто со „војничко оружје на воин“. Таквото научно уништување на непријателот го нарекувал „патот на мудроста“. Во разработката на тој пат на мудроста најголемо внимание им посветувал на апликациите од оптика. Но, не ја заборавил ни акустиката. Некои изуми на експерименталната наука „можат да предизвикаат такви пречки во слухот што, ако ненадејно ги предизвикаме ноќе со доволна умешност, нема да може да ги издржат ниеден град или војска. Со таквата врева не може да се споредува никаков грмеж“, вели тој. Облаците кои ги параат молњи не влеваат толку страв и ужас како таквите изуми. Непријателот е победен без физички контакт и без крвопролевање, што христијанството не ги допушта.

И Дефо, опишувајќи ја, восхитувајќи ѝ се на и фалејќи ја новата воена техника и технологија – мините, новите видови бомби и огромните топови кои поставени на британските бродови можат да го имитираат семоќниот бог и да ги прекријат со сулфур и оган градовите оддалечени и до три милји – на крајот дошол до „нашите новоизумени машини кои во својата утроба носат гром, молњи и земјотрес, и ги разоруваат најнепробојните тврдини“. Не знам на што конкретно овде мислел писателот, ниту знам дали кај опишувањето на „островот на пеколот“ (изразот го повикува во сеќавањето јазикот кој Еразмо Ротердамски го употребувал, зборувајќи за оружјето) ја употребил и фантазијата. Значајно е дека војната револуција, која ја славел, била сестра на финансиската револуција за која исто така пишувал и дека ја прифаќал како гласник и носителка на новото време.

Но, меѓу Роџер Бејкон, Дефо и нискофреквентниот штит на Raytheon постои битна разлика. Употребата на науката кај Бејкон била помош во борбата против непријателот на верата, значи, против надворешниот непријател. Воедно, бидејќи убивале од далечина, тие ги штителе христијаните од ранување и смрт. Дострелите на воената револуција – материјализацијата на „највисокото совршенство на човечкото однесување“ – биле вперени против непријателот на нацијата. За Англичаните тој се наоѓал на другиот брег од каналот Ла Манш. Нискофреквентниот штит на Raytheon, пак, како полициска опрема и оружје, е наменет за борба против сограѓаните. Колку војната против надворешниот непријател станува поглобална, толку внатрешните конфликти ќе стануваат послични на граѓанската војна.

Извор: dnevnik.slo

ОкоБоли главаВицФото