Побуна - 10 заповеди

09.01.2012 15:08
Побуна - 10 заповеди

Неодамна една пријателка од Канада ме праша дали движењето од 1960-те има некакви искуства кои би можеле да му ги пренесе на движењето Окупирај. Одговорив: она на што се сеќавам од времето пред 45 години е мојата огнена заклетва да не станам мудар старец кој ќе објавува големи пораки. Но таа не попушташе, така што на крајот прашањето ми се виде како многу интересно. Што навистина научив како лев анархист дилетант?

Несомнено, стручњак сум да отпечатам леток на шапилограф, евтино и во илјада примероци. Им ветив на моите деца дека еден ден во музеј ќе им ја покажам оваа пеколна машина која го одржуваше во живот движењето за граѓански права. Ние тогаш бевме еден вид герила, а денес имаме вистинска успешна опсада на Волстрит. Гневот кој ги собира младите во движењето „Окупирај го светот“ засега сè уште се крчка на лесниот гандиевски оган. Беше потребно банките да им одземат куќи и работа на доволен број Американци за да се случи нешто ново.

Најфасцинантно во обаа побуна е заземањето на улиците и поистоветувањето на бунтовниците со бездомниците. Првата помисла на мојата генерација беше да влеземе во големите деловни згради додека полицијата не нè избрка оттаму со палки. Во 1965 г., како 18-годишник ја организирав блокадата на банката Chase Manhattan, која беше главен финансиер на јужноафриканскиот апартхејд. Тоа беше првиот протест на Волстрит на мојата генерација, и бевме уапсени околу четириесетмина.

Сè уште мислам дека заземањето на деловните згради е одлична идеја, но само во доцната фаза на борбата. Генијално е како денешните револуционери ги претвораат најскапите локации во светот во места на јавен протест. Иако генерацијата од 68-та секој нов бунт го прогласуваат за ново доаѓање на месијата, ми се чини дека над движењето Окупирај навистина блеска виножито. Тие деца го обновија моралниот кодекс на малите луѓе од генерацијата на моите родители. Станува збор за великодушна, спонтана солидарност која потекнува од времето на Големата депресија, која се заснова на едноставната егалитарна етика: кога ќе видиш сиромашен скитник, застани и прими го во колата. Никогаш немој да бидеш штрајкбрејкер, иако твоето семејство повеќе не може да ја плати киријата. И слушај внимателно што ти зборуваат тивките луѓе кои изгубиле сè освен своето достоинство. Укради млеко за своите деца, но дај им половина на децата од соседството – мајка ми го правела тоа во 1936 г.

Освен ова, се сеќавам на предупредувањата на старите пријатели кои ги запаметив како мои лични десет заповеди. Тоа се максими за дејствување, какви што можат да се најдат во упатствата за диета или во некој верски текст. Не знам колку вредат, ама еве ги:

1. Категорички императив: Организирајте се и помогнете им на другите луѓе да се организираат! Добро е да се запали оган, но уште подобро е да се создаде единствен фронт.

2. Вашите водачи само привремено можат да бидат тоа. Мора лесно да се отповикуваат. Задачата на вистински добрата организација се состои во тоа самата себе да не се направи незаменлива и излишна.

3. Морате да ја избегнете склоноста на медиумите кон персонализација – значи, целокупниот протест да се сведе на само една личност или група. Бизарно е што во САД не го одбележуваме Денот на движењето за граѓански права, туку само Денот на Мартин Лутер Кинг. Претставниците на бунтот треба да ротираат.

4. Истото предупредување важи и за односот меѓу движењето и неговите поддржувачи. Длабоко сум убеден во нужноста на револуционерното заедништво. Фракциите се легитимни само ако се во служба на заедничката борба, а не на своите посебни проблеми.

5. Консензуалната и претставничката демократија не се иста работа. Во 1960-те ние тоа го искусивме на сопствена кожа. Меѓу роднините или во заедниците, консензусот може да биде добар начин на носење одлуки. За големото движење неопходен е одреден степен претставничка демократија, доколку се сака најшироката можна партиципација. Деталите се битни. На пример, секој делегат да е отповиклив, правата на политичките малцинства да се формално осигурани и да се гарантира претставување лишено од секаква дискриминација. Вистинските бунтовници, кои веруваат во самоуправната и концентрирана акција, можат да најдат многу добри идеи во Процесните насоки од 1876 г., напишани од еден американски бригаден генерал. Тоа се говори за уметноста на дискусијата и начините како процесите на одлучување да се направат делотворни.

6. Стратегијата на организирање не е само план за тоа како да се зголеми бројот на учесници во протестот, туку го подразбира и концептот за тоа како протестите да се насочат на оние социјални слоеви кои го поднесуваат најголемиот товар на експлоатацијата. Една од најбрилијантните тактики за ослободување на Афроамериканците се состоеше во тоа борбата да се пренесе во фабриките за автомобили во Детроит, и таму да се основа лигата на револуционерни црни работници. Движењето Окупирај е споредлив пример. Истите групи кои ги зазедоа дворовите на плутократите мораат, на пример, недвосмислено да ги тематизираат проблемите на имигрантските работници на кои им се ускратени основните човекови права. Пред пет години, протестите во САД против обесправеноста на доселениците прераснаа во најголемите демонстрации во американската историја. Можеби следниот Први мај ќе доживееме сите кои се борат против неправдата да организираат заеднички ден на акција.

7. На оној кој гради едно движење и искрено сака во него да ги вклучи и сиромашните луѓе, потребна му е инфраструктура која ги згрижува основните човечки потреби: храна, сместување, медициска помош. Треба и нашите сопствени средства да ги насочиме кон младите луѓе на првата линија. Исто така, потребни се и професионални правници кои чувствуваат дека му припаѓаат на движењето, и кои ќе го бранат протестот од државното угнетување.

8. Идината на движењето нема да биде решена во зависност од тоа колку долго активистите ќе останат на Волстрит, туку од тоа колку такви групи ќе бидат организирани на други места. Ако протестите се прошират географски, во нив безусловно мораат да бидат вклучени и борците за човекови права и синкдикалистите од сите националности. Благодарение на социјалните медиуми, денес постојат одлични можности за рамноправен однос меѓу „неелитните’ активисти низ светот. Покрај тоа, на демонстрантите им е потребна и поддршка од групите кои имаат искуства со медиумите во градските и академските центри. Самофинансирачко биро за претставниците на медиумите би било од непроценлива вредност овде. Од друга страна, важно е приказната да се пренесе од маргините на општеството во јавноста. Приказната за протестите мора да стане панорама на сето она против кое се борат не само малите луѓе во САД, туку и во светот.

9. Американските синдикати кои се солидализираа со движењето и ја спречија њујоршката полиција да ги растера протестантите отвораат можност за вистинска класна борба. Притоа не смее да се заборави дека многу претставници на синдикатот се во политичка спрега со партиите. Антикапиталистичките протестанти мораат подобро да се поврзат, пред сè, со синдикалната база.

10. Наједноставната лекција е за крај: дисидентот мора да зборува со јазикот на народот. Моралната неопходност за промени најјасно се покажува на едноставен начин. Навистина, повеќето борци за човекови права во САД во 1960-те години на Американците им се обраќаа со поими кои им се познати на граѓаните. Извонреден пример беше неуспешната кампања на Синклер за позицијата Гувернер на Калифорнија во 1934 г. Неговиот манифест „Да се победи сиромаштијата во Калифорнија – сега“ во суштина претставува програма на Социјалистичката партија, но соопштена низ метафори од Новиот завет. Тоа му донесе милиони гласови.

Моментално во Окупирај движењето во тек е дискусијата за тоа дали да се дефинира политички. Во таа смисла, се поставува прашањето: кои од нивните барања можат да привлечат најмногу луѓе. Поради тоа важно е што побрзо да се напушти неодредениот однос кон отпор кон системот. Предлагам младите активисти за миг да ги остават на страна своите Бакуњини, Лениновци или Жижеци и наместо нив да го отворат правливото издание на програмата со која во 1943 г. Френклин Делано Рузвелт ја водеше својата претседателска кампања. Тој ја нарече таа програма „Повелба за економските права“.

Овој документ беше повик за создавање социјална држава. Во него Рузвелт ги објасни нашите неотуѓиви права на работа, дом, здравствена заштита и среќен живот. Оваа повелба е километри над кротката и секогаш подготвена за компромис политика „ве молам за помала експлоатација“ на Обама. Рузвелт зборуваше со остар џеферсонски јазик, барајќи правда. За волја на вистината, не беше поддржувач на максималистичките леви барања за национализација на банките и големите концерни. Но несомнено ја формулираше најнапредната социјална позиција која некогаш ја претставил еден американски претседател.

Денес ваквата повелба за основните економски права би изгледала како целосна утопија. Сепак, треба попрецизно да се дефинира што суштински им недостасува на луѓето низ светот. Затоа новите движења мораат по секоја цена да ги застапуваат основните човекови потреби, наместо да се задоволат со реалполитика. Ако постапат така, стариот и добар говорник Рузвелт ќе им стане моќен сојузник.

Да се вратиме на тактиката: која е следната алка во ланецот, кој е следниот чекор? И мора ли брзорастечкото движење да ги одреди своите програмски цели кои одговараат со претстојните избори во САД? Мора ли Окупирај да се фрли во прегратка на партијата која најмногу ќе понуди?

За среќа, во овој миг се чини дека Окупаторите не се предаваат лесно. Јас лично сум наклонет кон анархистичката позиција на протестот, независно од партиите. Политичките императиви за мојата земја, за Америка, се очигледни за мене.

Првин мораме да го изнесеме во јавноста страдањето на оние 99% изиграни од банките, а Волстрит да го изнесеме пред суд. Потоа мораме уште повеќе да ги демократизираме јавните простори. Историчарот Марк Најзон од Бронкс разви храбар план запуштените населби во Њујорк да се претворат во простори за живот на бездомниците и сиромашните. Без големи трошоци таму би можеле да се создадат градини, шатори и игралишта. Добро е што протестантите од целата земја во меѓувреме дознаа како е кога немаш покрив над глава. Ова искуство би можело да биде уште една причина да се урнат сите оние капии и огради зад кои се наоѓа неискористен простор кој им е потребен на многумина.

При сето тоа, не смееме да ја испуштаме од вид нашата вистинска цел. Не станува збор за тоа богатите да се одданочуваат повеќе или банките подобро да се регулираат. Се работи за економска демократија, за правото на обичните луѓе сами да решаваат за социјалните инвестиции, каматните стапки, тековите на капитал, создавањето работни места и сл. Ако економската моќ не се демократизира, целата дискусија е излишна.

За почеток, движењето мора да ја издржи зимата. Бидејќи во јануари не е студено само на улиците на Њујорк. Блумберг и другите градоначалници и локални принцови се надеваат дека острата зима ќе ги спречи протестите. Затоа е важно огнот да се одржува во текот на долгата божиќна пауза. Им се восхитувам на момчињата кои ѝ пркосат на зимата, како што тоа го прават нивните браќа и сестри бездомници.

Банкарите, кои неодамна ги интервјуираше New York Times, во ова движење гледаат само пречка и млади пркосни луѓе кои не сфаќаат како функционира финансискиот сектор. Мислеам дека овие банкари треба да настапуваат помалку надмено, бидејќи во САД од 2000 г. само во индустријата се изгубени 4,5 милиони работни места. Од 1987, Афроамериканците изгубија над половина од вредноста на својот имот, а Латиноамериканците незамисливи 2/3. До кога ќе трпат овие луѓе?

Да бев банкар, ќе се плашев од иднината. Навистина би треперел пред неа, во страв дека ќе завршам на ѓубриштето од историјата. Оние кои ќе го уништат американскиот сон за еднакви можности за сите треба да очекуваат казна од малите луѓе кои ги изгубиле тие можности.


Авторот се занимава со социологија на американските градови, живее во Калифорнија и предава на универзитетот Риверсајд, а е автор на книгата Кварцен град (City of Quartz). Бил член на Студентите за демократско општество на комунистичката партија, како и на Социјалистичката работничка партија.

Извор: Die Zeit