Прасе

10.01.2012 11:45
Прасе

За Нова година се изнагледав волови, што живи, што печени. Мене не ме удостоија да пробам таква големина, па за божиќните празници заминав во Маврово на гости кај син ми и снаата. Бадниковата вечер пред црквата Св. Никола Мириклиски беше како што треба, како од сликите на блажено упокоена наивката Зузана Халупова од Ковачица. Идила, снег, греено вино и ракија, дечурлаана околу огнот...

А утредента на прв ден од Христовото рождество – п р а с е.

Кај нас многу повеќе се цени печеното прасе отколку живото. За волја на вистината, додека е живо со него се постапува убаво, му се угодува, се води сметка за сите детали кои се важни за неговиот нормален живот и правилен развој. Највкусно е, и тука сите се сложуваат, прасе доенче, бидејки тоа прасе според возраста е младо, речиси без маснотии и сало, и како такво какво што е, препорачливо е дури и за оние кои имаат висок притисок и холестерол.

Новогодишната трпеза и секоја посериозна свеченост во семејниот амбиент и пошироко, вклучително и прославата на претстојната Стара Нова година, односно одбележување на упокојање на мудриот Св. Василије Велики архиепископ Кападохијски, не може да се замисли без прасе. Тоа ја има главната ролја, тоа е најстариот и најпознатиот глумец на трпезата. Таа претстава не се голта само со очи. Ако сакате прасето да биде добро испечено, потребна е добра рерна со соодветна големина во која прасето може комотно да се смести.

Доколку се препече, секој пат ќе се најде некој кој ќе рече: „Загорело ти прасе“.

За десет луѓе е потребно едно прасенце, опрлено, исчистено, убаво избричено, измиено и малку пиво (една гајба, колку да се најде). Откако ќе го исчистите и избричите, убаво избришете го со чиста крпа, па потоа посолете го однадвор и однатре, а потоа оставете го малку да „одмори“, најпрвин на една, а потоа и на друга страна, за да биде подеднако посолено.

За тоа време вклучете ја рерната да се затопли до 250 степени. Ставете го прасето, онака студен, а во плехот налејте малку вода. По петнаесетина минути намалете ја темепратурата на 160 степени и цело време додека го печете прасето долевајте по малку вода. Кога прасето ќе почне да добива убава румена боја, од фолијата за печење направете два фишека и ставете му ги на ушите за да не изгорат. Потоа на сцена стапува пивото. Во мало тенџерче истурете половина шише пиво и постојано, додека прасето се пече, премачкувајте го со четкичка натопена во пивото. Вообичаено прасето се пече – додека не се испече.

Сигурен знак дека е испечено е кога ковчињата на ножињата ќе се одвојат од месото – тогаш е перфектно испечено. Овој процес трае од 2,5 до 3,5 часа.

За да прасето не испадне „ќошкасто“ има еден трик. Штом ќе го допиете преостанато пиво, ставете го шишето во стомакот на прасето, кој треба да го сошиете со игла и конец за да не испадне шишето. За цело време додека прасето со пече, во устатата треба цврсто да има загризано едно излупено цвекло. Кога прасето ќе се испече, извадете му ги конците и шишето, а наместо цвеклото ставете едно убаво црвено јаболко. Прасето може да се послужи така – цело, а може и исечено на парчиња.

Сосот од прасето треба да се употреби правилно. Онака топол, измацкајте го со тазе лепче, додека домаќинката го сервира прасето.

Цела оваа епизода со прасето кај мене заврши со коментар на внук ми кој наскоро ќе наполни пет години: „Дедо, па и ти станал малку дебел!“

ОкоБоли главаВицФото