Буништето на сегашноста

10.01.2012 13:58
Буништето на сегашноста

Одговор на „Плоштад Слобода“ на говорот на Груевски по повод отворањето на Триумфалната Капија во Скопје на 06.01.2012

Речиси 2 години откако Владата ни даде до знаење дека има некакви планови со нашиот главен град и по телевизиите го пушти славниот видео спот Скопје 2014, Груевски пресече уште една црвена лента. Овојпат на најбизарниот, најнепотребниот и најкичестиот објект на овој проект – триумфалната капија лоцирана кај Чичко Стоилко. Но, ова не беше само обично сечење лента. Груевски својот говор го посвети за целосен осврт на проектот Скопје 2014 и на процесите што го следеа. Цинично им испрати поздрави на противниците, уште еднаш обвинувајќи ги дека работеле во корист на опозицијата. Еве што поточно рече Груевски:

“...Благодарност до сите мои противници и неистомисленици, на сите противници на проектот, на опозицијата, НВО секторот кој, најчесто во договор со опозициските партии организираа протести. Благодарност до одреден број професори и студенти на архитектонскиот факултет, разни колумнисти, и други истакнати личности, но и на дел од медиумите и нивните претставници. Тие со сета жар и максимална посветеност работеа на максимално оцрнување на овој проект, со надеж дека на тој начин ќе ме оцрнат мене и моите соработници, како и актуелната политичка гарнитура”.

Бидејќи премиерот својот говор и својот градски проект го смета доволно вреден за историски осврт, ајде да направиме еден историски осврт на проектот што не може да се чуе на владините медиуми, а така и се заборава во јавноста. Ако Груевски вели дека “Јас стојам зад овој проект, сметам дека е добар, квалитетен и корисен и дека нема ништо лошо во него”, ајде да се осврнеме малку наназад и да оцениме дали е навистина (1)добар, (2)квалитетен и (3)корисен како што тврди.

Премиере Груевски, дозволете да ви ја расипеме забавата!

(1) Добар

Проектот Скопје2014 го објавивте на 6-ти Февруари 2010. Речиси една година откако вашите активисти ги тепаа младите на плоштадот во Скопје кои протестираа против градењето на црква. Го објавивте неколку месеци откако тогашниот најчитан дневен весник на својата насловна страница скандалозно објави дека планирате да потрошите 10 милиони евра зе леење бронзени скулптури, иако денеска знаеме дека ќе нè чини 30 пати повеќе. “Пропуштивте” да го спомнете во своите изборни програми во 2006, 2008 и 2009, иако веќе наголемо сте спроведувале конкурси и тендери со барокни фасади.

Целиот проект го спроведовте незаконски. Не само што го криевте од јавноста, туку и од институциите надлежни за вакви проекти. Законот јасно кажува дека Собранието е надлежно за поставување на споменици од национално значење, а општините за спомен обележја на локални личности и настани. Која е локалната важност на Александар Македонски или Филип Втори за Општина Центар? Вие го заобиколивте Собранието зашто го немавте потребното мнозинство, се плашевте од јавната дебата и амандмани на листата на споменици што си ја направивте сам. Го заобиколивте Собранието и го прекршивте законот.

Проектот беше непопуларен од самиот почеток. Како политичар кој цело време се потпира на анкетите на јавното мислење, сигурно знаевте дека мнозинството е против изградбата на верски објекти на плоштадот, а откако го објавивте проектот 2014, видовте и дека повеќето граѓани се против него. Одевте директно против волјата на граѓаните. Проектот не им го понудивте во вашите изборни кампањи, а откако го објавивте, го игнориравте нивното противење.

Ја игнориравте општата јавност, но и стручната. Архитектите и урбанистите не беа консултирани за вашите градски планови. Кога се спротивставија, ги игнориравте. Кога побараа увид во планот, документацијата, проектите и решенијата, повторно ги игнориравте. Може ли најголемиот урбанистички зафат во Скопје да се смета за квалитетен без учество на асоцијата на архитектите?

Оваа зима во Скопје за прв пат ги чувствуваме ефектите од Скопје 2014. За вашите барокни згради го уништивте паркот Жена Борец, паркчето спроти пабот Лондон, паркчето спроти влезот на главната Пошта, имате планови да го уништите паркот кај Домот на АРМ, како и оние спроти МЕПСО и спроти хотелот Бристол. Планирате да изградите и 10 катница на самиот плоштад, и изградивте неколку објекти покрај реката во самиот центар на градот. (Сечењето на дрворедите на Климент Охридски и Илинденска можеби не се дел од планот за Скопје2014, но убаво го покажуваат вашето разбирање за потребата од зеленило во градот). Во моментов во центарот на Скопје се гради на преку 15 локации. Истовремено! И ова се случува додека секојдневно Скопјани го проверуваат индексот на загадувањето во градот. Овој град не е загаден со јаглерод диоксид или сулфур диоксид, овој град има загадување со ПМ10 предизвикано од градилишта и нерасчистено од намален проток на воздухот.

(2)Квалитетен

Без намера долго да дискутираме за вкусови, вашата визија за Скопје со сигурност ќе стане синоним за кич и невкус. Градите класични и барокни фасади со современи градежни материјали. Каде е предизвикот во тоа? Сте се запрашале зошто владетелите во барокот не граделе со ренесансна естетика? Сте се запрашале зошто Casio денеска не прави песочни часовници, а Volkswagen кочии со дрвени тркала? Вашето денешно имитирање на туѓите достигнувања од пред неколку векови е смешно. Градењето на Акропол пред 20-ина векови со никаква механизација и недостапни градежни материјали е импресивно. Градење на античка зграда со малтер и цигли, и антички столбови од гипс-картон е за жалење. Во таа смисла, не моравте да градите нови ѕидини на тврдината. Можевте да ги изработите со гипс-картон и да ги облепите со тапети со шара на ѕидини.

Вашите ценети уметници изработуваат скулптури што се веќе изработени и ги красат плоштадите и тротоарите во други градови. Измислуваат писма (нешто помеѓу латиница и кирилица) за да ги докажуваат вашите верзии на нашата античка историја. Скулптурите се недовршени, со изместени пропорции, лошо и набрзина сработени. Фонтаните ќе прскаат фекални бактерии на минувачите на Камениот мост. Има ли поголем кич наратив од начинот на кој вашиот омилен скулптор ги подредува жените во нејзините дела?

Кога сме веќе кај неа, Валентина Стефановска ја направивте веројатно првиот милионер-уметник од Македонија. Жената има изработено повеќе капитални дела, отколку што има појавувања во јавноста или изложби. Во уметничките кругови никој не ја познава. Не се сеќава на ниедна нејзина изложба, ниедно нејзино дело што не е сработено за држава/општина... Единственото интервју во кое зборува за својата уметност, Исус и Александар Македонски го има дадено за најтиражниот таблоид во Македонија. Зарем вие ја сметате за компетентна да се бави со еден историски проект како менувањето на личниот опис на нашиот главен град?

Дали не ви паѓа тешко кога ги гледате странците како се подбиваат со нашиот град? Кога најгледаната ТВ во светот CNN го нарекува вашиот проект „тематски парк“, The Economist го нарекува „несериозен“, а Јутарњи Лист „лудило“. Дали ви пречи кога ХТВ целиот проект го нарекува „леб и игри“, го поврзува со вашето тоталитарно владеење и вашите лични хирови, а Вечерње Новости го опишува како „пикање прст во око на Атина“?

Впрочем, сте погледнале ли настрана за да го споредите вашето дело со урбанистичките достигнувања на модерните светски метрополи. Додека Белград и Софија градат подземни железници, додека Талин и Тирана градат супермодерни објекти, додека Загреб гради музеј на современата уметност, вие градите барок во 21 век. Вашиот проект за Скопје повеќе потсетува на проектот на Назарбајев за казахстанскиот главен град Астана, отколку на стара европска метропола, како што сакате да го замислите овој град. Коинциденција или не, токму пред еден месец во Казахстан беше отворена речиси идентична триумфална капија како вашата. Секоја чест!

Вие си дозволувате на Скопје да му приредите поголема реконструкција од онаа во 1963 по земјотресот. Вашата тоталитарност оди дотаму што освен што сакате да ја окупирате сегашноста, сакате да ја окупирате и иднината на градот. Вие практично не оставате ни еден квадрат простор да биде изграден од некој после вас, од некој нов голем Никола Груевски. Во центарот на градот нема ниту еден тревник, ниту еден паркинг што ќе остане недопрен. Дури и надвор од центарот, на најубавото земјиште под Калето јавните претпријатија и вашите партиски другари градат во вашиот омилен барок.

Дури и една личност со така големо историско значење (Тито), со толку големи законски надлежности и тоталитарни склоности не си дозволил цел град да си го дизајнира по свој терк. А можел. Дури и тој ја имал доблеста да дозволи новото Скопје да го осмисли меѓународен тим на архитекти избрани на конкурс на ООН.

(3) Корисен.

Конечно, последниот дел од вашата изјава за овој проект, околу неговата корисност, не смее да остане непредизвикан. Корисноста на проектите се мери со парите што ќе ги генерираат, прашањата што ќе ги решат, долгорочноста на решените проблеми... Што од ова мислите дека постигнавте со овој проект?

Иако на почетокот лажевте дека проектот ќе чини 80 милиони евра, краток осврт на досега спроведените тендери покажува дека сте потрошиле 3 пати повеќе. А проектот не е ни завршен. Од независноста наваму, ова е најголемата капитална инвестиција во Македонија. Просто е неверојатно дека толку пари сме потрошиле за скулптури и фасади. Во време кога зависиме од странската енергија и со години не можеме да започнеме нов енергетски проект што ќе генерира струја за неколку градови, кога железнички сме поврзани со 3/5 од нашите соседи, кога ниеден автопат не е до крај завршен, а „приоритети“ како коридорот 8 остануваат незапочнати, вие мислевте дека Триумфалната Капија е поважна?

Дали сметате дека е „корисно“ и менувањето на ликот на скопските фасади само затоа што вам не ви се допаѓаат? Зградите околу плоштадот имаат свои автори кои се горди на своите дела и не сакаат архитектонски незнајковци како вас да им ги оценуваат и менуваат. И не само нивните дела, вашата дрскост оди дотаму што имате намера да го менувате изгледот на еден од најубавите објекти во Скопје каде имате среќа да поминувате 24/7 од своето време и покрај противењето на неговиот автор и немањето никаква реална потреба за такво нешто.

Во меѓувреме, во неколку наврати ја кратевте социјалната помош за најзагрозените семејства и ги зголемивте бирократските процедури за социјалците, неколкупати ги одбивте стечајците да добијат мали месечни средства за да издржат до пензија. Поскапеа нафтата, водата, струјата и парното, а со тоа и вашите приходи од акцизите и даноците. Додека нашиот живот поскапуваше, парите ни ги трошевте на ваши играчки.

Истовремено, покрај што нашите пари ги трошите за вашите фасади, ги трошите и за нови вработувања во јавната администрација. Без никаков отчет вработувате и вработувате буџетари, а притоа одбивате да го кажете конечниот број на административци. Денес имате и министерство за јавна администрација, а ни тоа самото не го знае тој број. Единствената корисна работа во Скопје2014 е што ќе им користи на некорисните државни службеници. Оние чиј број е бесконечен. За нив веројатно ќе има доволно бироа, столчиња и фиоки. Ние останатите во меѓувреме ќе го губиме кровот над главата.

Се надеваме дека овие редови ќе ви го расипат меракот со Скопје 2014 онака како што ни го расипувате меракот секој пат кога ќе поминеме покрај некое од вашите чудовишта. Онака како што го сменивте личниот опис на нашиот град надевајќи се дека со тоа го заслуживте своето место во историјата. Заборавате дека историската наука можеби не ги памти жртвите на кинескиот ѕид или версајскиот дворец, но овие жртви веќе оставија свој траг. Трагите на вашето тепање, судско гонење, изигрување на процедури, отпуштање од работа, иселување од домови, забранување за вработување, јавен линч и клеветење ќе го пратат вашето Скопје2014 во секоја идна монографија. Вашето место во историјата е обезбедено и придружено е со фусноти на злосторства против својот град и своите граѓани.

Колажи: Свирачиња

Да не заборавиме и на двете

Да не заборавиме и на двете скорешни „празнични честитки“ што на Грујо му ги упатија два глобално водечки весници.

Првиот, американскиот Washington Post, кој важи за близок до Белата Куќа, го смести нашиот Грујо во друштво со незрелите светски диктатори како Ким Џонг Ун од Северна Кореја и Кралот на Свазилент Мсвати III. За целосна статија отидете на:
http://www.washingtonpost.com/rw/WashingtonPost/Content/Epaper/2011-12-24/Cx8.pdf

Вториот, влијателниот лондонски The Economist, во своето истражување објави дека Македонија е број еден во светот според инексот на мизерија (misery index) кој ги рангира земјите според ниво на невработеност и инфлација. Целосна статија на:
http://www.economist.com/blogs/graphicdetail/2012/01/daily-chart-0

Секој друг коментар е излишен (I rest my case).

Плоштад Комунизам - без

Плоштад Комунизам - без аргументи само со политички етикетирања. Загаденоста ПМ10 да ти била од градењето. Really? Seriously? Имаме гугл ало а имаме и мозоци фала богу. За некаква легитимност имавме избори пред пола година! Што сакате повеќе? Еве пак ќе имаме догодина издржете. Објектот на Владата бил најубав во градов. Пахахаха. Странците ги цитирате извадени од контекст и само одбрани текстови, од кои најостри се нашите соседи срби, кои последниве дваес години од Скопје објавуваат слики од битпазар и циганче како проси. Па после некоја тирада за нафта, струја, вода (!?). А бе ајде, ако имаше некое сомнение кои сте, сега се разобличивте целосно - неинвентивни СДСјугенд отпадоци.

„Фројд“, будалетино, таа

„Фројд“, будалетино, таа фраза („паднаа маските“, „се разобличивте“ итн.) е една од најизветвените матрици на (главно) тоталитарниот ум (баш вчера, Асад, сирискиот крвник, ја употреби истата фраза за „непријателите однатре“; и Ахманидеџад го бамбори истото, речиси постојано).
Интересно е што за секоја акција на Плоштад Слобода (а и на другите борци за правда и слобода) центарот за контаминации (воден од дебилскиот но тоталитарен ум на Илија Димовски, следен од армијата послушни наци кретени ала „Фројд“) ја има истата реакција: „е, ако до сега и имаше некои сомневања, сега е сосема јасно дека сте испрдоци на СДСМ“.
Ах, „Фројд“, кретенчино, не ли гледаш дека со ваквиве ступидни фрази (толку умот ви сече, толку мислите, толку разбирате - само низ фрази и матрици) всушност вие, стоката, преторијанската гарда на Фамилијата, му давате најголем легитимитет на дејствувањето на борците за правда и слобода?! (Ја фаќаш логиката, глупчо, или, по обичај, морам да ти цртам?!) И утре борците за слобода ќе го кажат истото, дека вашиот пастир е психопат и дека Фамилијата е клептократска дружина што работи за туѓи интереси, и ти и утре, будало, ќе каеш дека „маските сеа конечно паднаа“, иако и денес и вчера Плоштад Слобода го збореа истото: ти, „Фројд“, твојот имбецилен шеф Димовски, вашиот психопатски пастир, Груевски итн. (по субординација наредени, баш ко што доликува на вашата милитарна организација) - сте шупци, просто речено. Компликувано речено, вие сте разбивачи и уништувачи на РЕпублика Македонија и освен што работите (кој свесно кој несвесно) за вашите криминални босови од Фамилијата, вршите работа и за грчката и српската кауза, а богами и за албанската и бугарската. Но, да не тупам - шупци, тоа е доволно.

Чеај сеа збориме за

Чеај сеа збориме за инвентивност? Па скоро секој текст на Окно е исто - Грујо, Фамилија, Диктатура сликица од периодот на нацизмот. Еве и ти истото го верглаш некои нацисти, партиски војници, послушници бла бла бла. Ја не знам ВМРО што кажува ја ти кажувам ја што мислам. Претходните соопштенија и делувања на плоштад слобода беа во подзавиена форма, сега отворено се навлага у политика и социјала. Тоа е тоа. Ако сакаш кажи маските паднаа, сакаш кажи се виде кој е кој, сами се разобличија, си ги покажаа суратите...исто ти се фаќа.

Не се согласувам дека

Не се согласувам дека Триумфалната Капија не е корисен објект. Напротив, ни треба ваков грандиозен спомник на триумфот на глупоста, за да остане врежан во колективната свест на овој народ кој инаку брзо заборава.

Предлагам економскиот тим на

Предлагам економскиот тим на владата во поворка помине под сводот на Триумфалната Брука...во чест на освоеното прво место на ранг листата на Економист..

Приговорот дека Скопје се

Приговорот дека Скопје се гуши во ПМ10 заради СК014 е тотална глупост.

Се сомневам дека ќе се буневте доколку беа во прашање проекти на Калатрава, Хадид, Фостер или некое друго звучно име.

Патем, не е само Ск014 кој се гради во Скопје. Само во делот на Дебар Маало спроти Соборна моментално се градат неколку згради (некои се завршени, како Граве и Фероинвест, ама мислам дека има барем 3-4 кои се сеуште во изградба). А потоа РадиоБран, КиселаВода, Карпош, Тафталиџе итн.. значи на големо се ѕида и копа низ цел град... ама изгледа само СК014 испушта ПМ10.

Далеку било дека сообраќајниот хаос во градот се реши со проширувањето на Илинденска и СвКО, ама секако помогна да се растерети во одредена мера гужвата во тој дел од градот.

Со другото горе долу се согласувам. Понепотребен проект од Ск014 на оваа држава мислам дека и да сакаа не ќе можеа да измислат.

Nacionalizam je i dalje

Nacionalizam je i dalje glavna ideologija koja vlada ovim prostorima. Kakva nam je projekcija budućnosti?

Popularnost nacionalizma je loša, a ključna stvar je da je on namenjen glupim i manje obrazovanim. Nacionalizam je na nivou znanja neka vrsta ponižavanja znanja, jer ne neguje intelekt, kritiku i razumevanje. To je najgori aspekt nacionalizma koji je istinski opasan za budućnost. Osnovni problem je da nacionalizam zaglupljuje. Sve ostalo može da se leči, a zaglupljivanje je jako teško lečiti, jer to zahteva jako mnogo novca i vremena.

Svetlana Slapšak

http://www.6yka.com/slapsakintervju#.Twg5aQPST6s.facebook

Слични содржини

Жарко Трајаноски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Општество / Јавни простори
Никола Гелевски
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото