Патување со неизвесност

13.01.2012 11:58
Патување со неизвесност

Во годината што измина ни се случија многу работи. Беше тоа возбудлива, чудна и тешка година, година за паметење. Сепак, во целото тоа разнообразие на случки и доживувања не наидовме на ниту еден напис, извештај или преглед на постигнувањата на планот на промоција и учество на децата и младите во заедницата, или барем во врска со нивните права. Ниедна институција за тоа не извести, никој не се пофали со резултатите, во пресрет на Новата Година.

Зачуденоста доаѓа особено кога ќе забележиме дека децата се насекаде – во домовите, на улиците, во училиштата, во автобусите, на факултетите, по кафулињата и студентските домови, во институциите, селата и градовите, насекаде... И како е тогаш можно да сме ги превиделе, и тоа токму сега, кога се подготвуваат извештаи, по толку успешно спроведените реформи, инвестициски циклуси и распишани тендери, во нивно име?

Нема ни збор за намалување на ризиците од насилството меѓу младите, на пример. А немаше ништо ни за децата зависници, децата од улиците, за хронично болните деца, за децата во институциите, ниту за децата со прекумерна тежина. Не стана збор ни за децата од руралните средини, или за учениците и студентите, корисници на кредити и стипендии... Освен, се разбира, ако ги изземеме новогодишните пакетчиња, на кои не се заборави ни оваа нова година.

Или сите овие и не се баш некои новогодишно-празнични теми?

А да ја свртиме темата од поубавата страна? Колку од нашите способни и вредни деца аплицираа и беа примени на некој од универзитетите ширум светот, во годината што измина, и колку од нив, за еден таков подвиг добија поддршка од државата? Или, колку вложивме во нашите млади таленти, во спортот, уметноста и науката, за тие да продолжат со сопствениот развој? Колку младински и културни центри за активно вклучување на младите во градењето политики врзани за нивниот живот, беа финансирани од јавната каса, на државно и локално ниво? Во колку проекти за унапредување на заедницата младите беа консултирани, за потоа и активно да учествуваат во нивната реализација? Колку форуми, креативни работилници и обуки од интерес на младите се организираа минатата година за тие да имаат каде понатаму да ги развиваат своите идеи и интереси? Колку советувалишта за деца и млади се отворија во истата година, за во случај на потреба, младите да можат да се обратат, по кое било прашање од нивни интерес?

Беа ли слушнати младите кога самите изразија потреба нешто да кажат и соопштат? Кога протестираа со денови и месеци, сакајќи правда, одговорност и гаранции, за работите кои излегоа од контрола, и заради кои нивни врсник на брутален начин беше претепан до смрт, а тие протестираа и бараа гаранции токму за ТОА, истото никогаш веќе да не се повтори. Беа ли слушнати кога протестираа против самоволието на власта во уредувањето на нивниот простор и место на живеење? Или, кога посакаа повеќе сопствено учество при донесувањето на нивниот закон, законот за млади, со кој требаше да се регулираат слободите и доменот на нивното учество во заедницата?

Помисли ли некој во минатата година, на пример, на Стратегијата за млади од далечната 2006-та, и на нејзините акциони планови од 2009-тата, и да извести што е постигнато во меѓувреме? Колкав е степенот на младинско учество во креирањето политики, на пример. Или, имаат ли младите услови да го остварат своето право на работа, и во своето слободно време да ја заработат својата прва, скромна, но важна, ученичка/студентска дневница? И сето тоа да биде така поставено да им биде еднакво достапно на сите што учат, или студираат? Се создадоа ли во меѓувреме повеќе услови за младите да волонтираат, па и така да учат, и да почувствуваат како изгледа и една општествено корисна активност, од која сите на крајот имаат полза? Помислил ли некој колку е важно младите да можат да се движат, да патуваат и да запознаваат други средини и луѓе, и така да учат, па да се воведе, на пример, данок за „мобилност на младите“, со кој би се обезбедиле средствата за реализацијата на една таква идеја?

Во какви сè, освен партиски, клубови членуваат младите денес во Македонија? Дали и какви списанија и публикации од интерес на младите се издаваат во нашата земја? Колку тие самите учествуваат во нивниот избор, уредување, печатење и дистрибуирање? Како и според кои критериуми се финансираат овие активности, и која национална установа ги препознава ваквите потреби и идеи на младите?

Ова се само мал дел од темите со кои надлежните институции можеа да се пофалат, зборувајќи за вклученоста на децата и младите во заедницата, и за нивната афирмација, доколку имаа што да кажат и покажат, во годината што измина.

Но немаше ништо од сето тоа. Во стварноста ги гледаме истите тензични слики, на кои со години немаме одговори. Само спорадични, инстант решенија за „гаснење на пожарите“, по кои младите и натаму остануваат изложени на истите високо ризични ситуации и однесувања, без соодветни одговори од возрасните и надлежните, и без нивно сопствено учество во можните решенија.

А во училиштата, центрите за социјална работа, клиниките и сите други институции поврзани со младите, незаинтересираноста, недисциплината и ароганцијата се сè повеќе правило, отколку исклучок. Наставниците, социјалните работници и стручните служби се веќе исцрпени, нетолерантни, и без какви било идеи, и пред да почнат со работата. Со екстерни оценки ќе се мери објективноста, а со психолошки тестирања ќе се „ловат“ извитоперените склоности на наставникот, додека неговиот квалитет веќе се проценува со бодовна листа од неспоиви категории на неговиот минат труд!!! Учениците се незаинтересирани, дефокусирани и нетрпеливи, а своите незадоволства најчесто и неконтролирано ги истураат врз послабите од себе. Родителите се затечени, дезориентирани и сосема немоќни. И тие се повикани на одговорност за однесувањето и неуспехот на своите деца. Родителите со т.н. „проблем-деца“ дополнително ќе се дисциплинираат така што ќе мораат да одат на групни советувања за поуспешно родителство, и тоа во истите тие училишта каде што нивните деца веќе одамна изгубиле интерес за учење. Во спротивно и тие ќе треба да плаќаат казни.

За оние кои нема да успеат да ги поминат овие „филтри“ ќе има социјални работници, кои ќе влезат во нивните домови и ќе сугерираат мерки, од кои најомилената е веќе во игра – детето да „паузира“ со одењето на училиште, и во меѓувреме да полага испити „од дома“, затоа што не смее да биде исклучено од образовниот процес. А ќе може и да се префрли во друга поприемчива (!) средина.

Да не ги заборавиме и инспекторите, од неодамна честите посетители на училиштата. И самите фрустрирани од новите улоги, нестручни и неинформирани за развојните потреби и интересите на младите, тие ја преземаат ситуацијата во свои раце, за конечно да ја дадат и опцијата детето „да се лечи“. Е, тука веќе стапуваат на сцена психијатрите, психолозите и, се разбира, надлежните институции за ментално здравје. Тоа се нашите актуелни политики и практики на поттикнување на младите за активно учество во својата заедница. Тоа е атмосферата во која растат и учат децата. Еј!!!

А сè што треба да направиме е во секоја прилика отворено и искрено да ги земаме предвид и идеите на младите и нивните точки на гледање, за тие да можат да учат да ги артикулираат своите ставови и позиции, а потоа и подобро и поодговорно да ги користат. Треба да собереме храброст да ги признаеме сопствените заблуди и да отвориме пат за детските решенија и изуми, кои единствено така и можат да добијат признание. Треба да престанеме моралистички-манипулативно од децата и младите да произведуваме пасивни корисници на изветвени, неупотребливи туѓи идеи, а кога тие на тоа ќе се спротивстават и ќе изберат нешто сосема друго, па дури и ризично, да престанеме да ги прогласуваме за виновни, или жртви, за да потоа, со истото лицемерие, незнаење и површност ќе си дадеме за право да ги спасуваме.

Сè што треба да направиме е само да го смениме курсот, и да тргнеме во сосема обратната насока од оваа по која сме се „залетале“. Кога би се сложиле да се откажеме од сопствените себични интереси и суети, и кога би можеле да понудиме повеќе стимулативно-партиципативни, наместо корективни политики и практики за развој на младите. Со развојна динамика и цели, и со прецизирани буџети за нивна реализација. А тоа би значело дека и кога ќе снема пари во државната каса, би морале да знаеме точно, што понатаму. Исто како и во економијата, или во монетарната политика. Мора да се размислува долгорочно, но и чекор по чекор, и за секој чекор да се предвиди, во какви услови, какви последици може да има. Развојот на децата мора да продолжи, што и да се случува. Тој не е проект кој може да се одлага за некои подобри времиња, или да се префрла во идната година.

Стимулативните политики и програми мора да се потпираат на следење на ефектите, на постојано прилагодување и менување согласно промените, планирани и непланирани. Развојноста во планирањето претпоставува реални, но и антиципативни проценки на можностите за развој. Само така предвидувањата имаат шанса да успеат. Добрите развојни прогами за млади се најсилните и најисплатливите вложувања во една заедница, на долги патеки.

Но ние сè уште, и по толку години, не препознаваме во младите богато инвестициско поле. Сè уште немаме никакви позитивни вложувања во градењето клима за одржлив развој, поврзан со децата и младите. Не покажуваме вистински интерес за младински развојни политики. Затоа не знаеме што губиме и не знаеме колку се тие релевантни и нужни за опстанокот на заедницата.

Во нашиот актуелен институционален развој, за жал, тоа останува и најголемата непознаница, нашето најголемо неискуство. Актуелните деперсонализирани, технократско-централистички и моралистички поставени политики и практики, засновани на владеењето на стравот, во сите сегметни кои имаат допир со децата и младите, уште долго ќе ги попречуваат развојните процеси. Тие веќе ги туркаат младите во самоизолација, подвојување и затворање во сопствените квази-сигурносни кругови, научени по погрешен модел.

Тоа е атмосферата во која растат младите денес во Македонија, во која нема простор за нивните изрази и идеи, а опасноста е голема дека така може да продолжи сè до моментот кога ќе престанат да се продуцираат нови идеи. Тогаш веќе ќе нема насушна потреба да се учи, ќе нема љубопитство да се истражува, ќе нема храброст за преземање ризици, за проблематизирање и предизвикување на стварноста. Животот ќе се одвива по зададени модели, по туѓи избори, со повторување на истите оние обрасци, на кои од немајкаде сме ги учеле децата, кога не сме знаеле за ништо подобро.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: bawbee

ОкоБоли главаВицФото