Што на ум, тоа на друм

13.01.2012 15:35
Што на ум, тоа на друм

Летово еден младич намина во една книжарница и ми кажа дека обожува како ги опишувам келнерите што си играат со храна во „Тепачки клуб“ (Fight Club). Побара да му ја потпишам книгата и спомна дека работи во ресторан со пет ѕвезди каде цело време се глупираат со храната на славните.

„Маргарет Тачер“, рече, „ми ја има јадено спермата.“ Ја испружи едната рака, со отворени прсти, и додаде: „Барем петпати.“

Кога ја пишував книгата, познавав човек што пушташе филмови и собираше единечни кадри од порничи како слајдови. Кога разговарав со луѓе за тоа како би било такви кадри да се вметнат во семејни филмови, еден пријател ми рече: „Немој. Луѓе ќе го читаат тоа, а ќе почнат и да го прават.“

Подоцна, кога се снимаше филмот „Тепачки клуб“, неколку холивудски фаци ми рекоа дека книгата успеала зашто тие, самите, вметнувале порно во семејни филмови кога биле гневни тинејџери. Некои ми кажуваа дека си ги секнеле носовите во хамбургери. Кажуваа како ги менувале шишенцата со боја за коса од кутија во кутија по продавниците, руса во црна итн., па се враќале да ги гледаат споулавените теткици како му врескаат на продавачот. Ова беше деценија на „трансгресивни романи“, почнувајќи од „Американски психо“ (American Psycho), па „Препознавање возови“ (Trainspotting) и „Тепачки клуб“. Ова беа книги за лоши дечки со премногу слободно време кои би пробале сѐ, само да почувствуваат дека се живи. Сѐ што луѓето ќе раскажеа, јас можев да продадам.

На секоја турнеја за книгата, луѓе ми опишуваа како секогаш кога седеле покрај излезот за итни случаи во авион, цело време се бореле со желбата да ја отворат вратата. Да снема воздух во авионот, да паднат маските за кислород, да дрекне хаотичното „Тревога! Тревога!“ за принудно слетување, сè толку јасно. Вратата – моли да ја отвориш.

Данскиот филозоф Сорен Киркегор го дефинира ужасот како свесност за нешто што мора да се направи за човек да си докаже дека е слободен, дури и ако тоа нешто го уништи. Како пример го зема Адам во Едемската градина, среќен и задоволен сѐ додека Бог не му го покаже Дрвото на Знаењето, велејќи му: „Не јади од ова.“ Тогаш, Адам престанува да е слободен. Постои едно правило кое може да го прекрши, кое мора да го прекрши, за да си ја докаже слободата, дури и ако тоа го уништи. Киркегор вели дека во моментот кога нешто ни е забрането, ќе го направиме. Неизбежно е.

Што на ум, тоа на друм.

Според Киркегор, оној што дозволува законот да му го контролира животот, кој вели дека можното не е можно само зашто е нелегално, води неавтентичен живот.

Во Портланд, Орегон, каде што живеам, некој полни тениски топчиња со стотици краеви од кибритчиња и цврсто ги затвора. Па ги остава на улица за некој да ги најде, а секое нивно шутирање или фрлање предизвикува експлозија. Засега, еден човек остана без стапало, а едно куче без глава.

 

Дечките што цртаат графити денес користат кисели раствори што го разјадуваат стаклото и така шараат по излози и автомобилски стакла. Во средното училиште „Тајгард“, некој тинејџер сере и размачкува гомна по ѕидовите на машкиот тоалет. Школото го знае само како „Уна-серко“. Никој не смее да зборува за него зашто се плашат дека некои ќе го следат неговиот пример.

Како што би рекол Киркегор, кога и да забележиме дека нешто е возможно, го правиме. Го правиме неизбежно. Пред Стивен Кинг да почне да пишува за запоставените средношколци кои ги убиваат своите соученици, немаше престрелки по училиштата. Но дали „Кери“ (Carrie) и „Гнев“ (Rage) ги направија неизбежни?

Милиони од нас платија да гледаат како се руши Емпајр стејт билдинг во „Ден на независност“ (Independence Day). А сега Министерството за одбрана ги најмува најдобрите креативци во Холивуд да прегледуваат терористички сценарија, меѓу кои и режисерот Дејвид Финчер, човекот што го срамна облакодерот Сентури сити со земја во „Тепачки клуб“. Сакаме да ни е познат секој потенцијален начин на напад. За да сме подготвени.

Заради Тед Казински, Унабомбардерот, не можеш да испратиш пакет по пошта без да се појавиш пред шалтерскиот службеник. Заради луѓето што фрлаат топки за куглање по автопати, надвозниците ни се затворени со огради.

Сето ова – како реакција. Како да е можно да се заштитиме од сѐ.

Летово човекот осуден за убиството на татко ми рече, еј, државата можела да го осуди на смрт, ама тој и неговите пријатели-расисти имале закопано неколку бомби со антракс околу Спокејн, Вашингтон. Ако државата го убие, некој ден некој ровокопач ќе ги активира закопаните бомби и десетици илјади ќе умрат.

Следуваат милион нови причини да не останеш жив. Можеш да ги негираш можностите за успех што ти се укажани и да ги обвиниш другите за тоа. Можеш да се бориш против сѐ - Маргарет Тачер, земјопоседниците, желбата да ја отвориш вратата на сред лет, Бог... Сѐ што се преправаш дека те задржува. Можеш да го живееш Киркегоровиот неавтентичен живот. Или можеш да го изведеш она што Киркегор го нарекува Премостување на верата, кога престануваш да постоиш како реакција и почнуваш да постоиш како сила која одлучува. Следуваат милион нови причини да продолжиш.

Резултатот е катарзичен трансгресивен роман; сега, кога веќе имаме кого да мразиме повеќе отколку што се мразиме меѓусебно.

Оригинален наслов на есејот „Monkey Think, Monkey Do“

Од збирката автобиографски раскази, есеи и интервјуа „Stranger than Fiction: True Stories“ (2004)

Превод од англиски јазик: Јона Броз

Чарлс Мајкл „Чак“ Паленик (1962) е американски писател, претставник на трансгресивниот роман, и слободен новинар. Најпознат е по својата книга „Тепачки клуб“ која подоцна беше филмувана и која постигна огромен успех. Досега објавил четири романи.

ОкоБоли главаВицФото