Bad

21.07.2009 15:03
Мајкл Џексон

Далеку од тоа дека сакам да напишам нешто пригодно за Мајкл Џексон: ме интересира културниот удел на оваа икона, не толку денес колку пред дваесетина и повеќе години, кога стана навистина популарен, и кога од американска детска ѕвезда стана нешто што навистина можеше да се мери глобално.

 

 

 

Мајкл Џексон стапна во светот на масовната забава во овој дел на светот кога веќе постоеја музички спотови, и телевизиите, колку-толку, редовно ги пренесуваа. Добар дел од попладневната програма буквално беше украден од веќе успешната MTV. За поголемиот дел од младото поколение популарната музика тогаш стана визуелна исто колку и акустична: станува збор за многу битна антрополошка промена на нашите тела и секојдневието, во размери кои појасно ќе ги видиме дури кај наредните поколенија.

Три сосем различни појави со исто толку различни нарации – глас, тело кое пее во живо, и длабоко симболички, односно, митографски конципиран видео запис – добиваат врска, од која во голема мера потекнува денешното често губење перспектива на реалноста, и мешање на медиумската претстава и сопствениот идентитет, дури и сопствената интимност меѓу „потрошувачите“ на масовната култура. Но истовремено тоа е погодно тло од кое настануваат нови идентитети. Мајкл Џексон е лично одговорен - и заслужен - за некои од нив.

Кога се појави Мајкл Џексон во ново издание, достапно глобално, со Трилер и бели чорапи, југословенскиот рок беше на врвот на својата слава и моќ. На меѓународен план, видео спотовите на АВВА, со едноставна приказна и соочување на профилите на пејачите и пејачките веќе изгледаа наивно во споредба со сложените заплети на новите видео записи, полни со алузии на филмови, па и политика, гламур, неверојатни костими, делови со меко порно, провокации (на кои понекогаш реагираа институции како црквата и други), играње со потсвесното, фантастичното; накратко, веќе се навикнавме тривијалните зборови да бидат покриени со слики кои евоцираат широк културен спектар, а, за жал, не повикуваат на проширување на знаењето.

Истовремено, понискиот регистер на поп-музиката најде своја „нишка“ и на Балканот: брејкденсот (кој не го измисли Мајкл Џексон) стана ромски танц, и виртуозноста на ромските деца, кои го изведуваа токму како црнците во Харлем, на израмнета картонска кутија на некој плочник, за ситежот од минувачите или за свое лично задоволство, можеше да се види на улиците на многу југословенски градови: Белград, Скопје, Сараево. Рапот не беше прифатен тогаш, туку дваесетина години подоцна.

Ова културно „одомаќинување“ на брејкденсот е клучно бидејќи потече непосредно од една култура во друга, без никаков пренос на културата која го прима: тоа е, всушност, првиот пример на непосредната културна глобализација без посредник, бидејќи домашните поп изведувачи и рокери не успеваа да ја совладаат оваа вештина, ниту ја применуваа. При овој пренос возбудливо е, пред сè, тоа како се оствари општествениот паралелизам на групите кои совладуваат одредена вештина, а способноста и вежбите во изведување на овој танц се сосем исклучителни.

Најсиромашните, маргинализирани и непризнаени, или дури омразени делови од некое општество, го покажуваат она што во поголемиот дел општества важи како најголем квалитет: работа, вежба, истрајност, дисциплина, врвни резултати. Тоа е наопаку превртен – буквално – слоган како на капитализмот така и на некогашниот социјализам: работи, усовршувај се, за да бидеш признат.

Од друга страна, рокот во овие краишта стекна целосна самостојност од институциите, и изјавувањето верност кон Тито на фестивалите за воена музика повеќе не беше пожелно – освен поради хонорарорт – а рок културата сè повеќе стануваше сопственост на младите, критични и самосвесни, свртени кон светот, поколенија; значи, битен елемент на протестот против сивата реалност на југословенскиот социјализам.

Во извесна мера, рокот стана и знак на елитата, која почна да теоретизира за него и да го засакува во својата втора младост, во очекувањето клучни промени. Таа двојна улога на алтернативната култура, која истовремено им се обраќа на маргинализираните, на масите и елитата, не е ништо ново. Меѓутоа, интересно е тоа дека не дојде до вистинско среќавање на уличниот, ромскиот брејкденс и рок културата, која исто така живееше на улица. Слепа точка? Неспособност да се согледаат грубостите на општествените односи? Неосвестен расизам?

Што и да било, овој процеп меѓу алтернативците, општествените и културните, го услови примањето на Мајкл Џексон. Во секојдневниот говор го нарекуваа „Циго“, или „Херцеговец“ во Хрватска, поради белите чорапи. Беше совршено вон секој контекст и поврзување, и неговата прва публика беа девојчиња, огромната скриена „маргинална“ група. Во него ги препознаа оние елементи кои и денес важат кај многу девојчиња, негови обожавателки – ненасилство, отсуство на агресивност: можеше бескрајно да се фаќа за шлицот на своите панталони, но Мајкл Џексон како икона не претставуваше опасна машка агресивност. Првиот интерес дојде од елитната култура, која ја забележа танцовата иновативност, потоа музичката доработеност на неговите точки. И конечно, дојде албумот Bad, кој го сметам за клучен за промената на стојалиштето во културата на секојдневието.

Сè уште црн и колку-толку природен, Мајкл Џексон во носечката песна на албумот, во полна gang-панкерска опрема (и со совршено нашминкани трепки) ги доведува во врска уличното насилство, сиромаштијата, расната и половата дискриминација, и самосвеста на групата која ги дели сите овие сегменти на општествената стигматизација. Пораката е јасна: да се прифатите себе, да изработите и да остварите пренос на општествената траума во културата, совесно да го естетизирате проблемот, да барате канали за комуникација. Уште денес би ја советувала да го погледне видео записот за Bad секоја новостаната НВО иницијатива и група која треба да го изгради својот идентитет.

Во многу подоцнежните спотови на Џексон се повторуваат сличните пораки, и често само неговата виртуозност ја спасува наивноста на таквите пораки. Bad, меѓутоа, е клучното и провокативното свртување на значењето, како и насловот на песната (bad-лош, односно добар во сленгот, во поинаквиот свет на вредности): ништо не се порачува непосредно, како љубовта меѓу луѓето и слично, туку се укажува на отпорот на отфрлените, кој има смисла доколку отфрлените можат да изградат препознатлив и културно продорен идентитет.

Сосем е разобличена идејата – која денес некои „послободни“ јавни личности ја пропагираат кај нас – дека „другите“ ги имаат сите права, ама дома. Напротив, нивните права единствено имаат смисла само ако се јавни, достапни, присутни во обликувањето на секојдневието и, зошто да не, културата. „Молчеливите други“, добро етаблирани, не мораат да учествуваат во тоа: кому му е гајле. Клучни се оние кои општествено трпат поради својата другост.

За да го погледнете видео записот за Bad, кликнете овде.

ОкоБоли главаВицФото