Порта мизерија

16.01.2012 14:59
Порта мизерија

Иако овој наслов само за една буква се разликува од познатата италијанска пцовка „порка мизерија“, која сите ја паметиме од старите италијански филмови, јас, како за прва колумна, однапред да си кажам нешто за тоа на што ќе личат моите написи во „Фокус“. Тие, како впрочем и сите зборови на сите луѓе, може да бидат и сè и ништо, но секогаш пристојни. Така што и насловов, но и напишаните зборови, треба да се читат такви какви што се: зборови за еден склоп на достигнувања без дела и за едно обележје без достигнувања.

Насловот, воедно, е и мојот скромен придонес за расправата за тоа како треба да се нарече нелегалниот објект кај Чичко Стоилко. Велам нелегален поради тоа што, од поодамна, големите нешта, тука кај нас треба да се легализираат според Бадентеровиот принцип. Како и буџетот на општината Струга, називите на школите, имињата на улиците и ред други работи за кои, ете, ни текнува како треба. Така и таа голема, масивна збирштина од кич, неостварени сништа и нереализирана фрустрација, барем според потрошените пари, е големо нешто.

Поради тоа што, чинам, според најмалата скала на обзирност спрема себеси, секој што сака и понатаму да продолжи да живее на слобода во оваа земја, а патем и да верува во анкети, не би требало да го стави називот „Македонија“ на, според сите испитувања на јавното мислење, апсолутно најнеомилиениот објект во земјава, од сите спомнати во и околу проектот „Скопје 2014“.

Ние, освен еден неодамна, немаме ниту еден друг триумф, ниту од тие досега подразбираните, за да можеме оваа грдосија да ја наречеме „триумфална порта“. Значи, веќе и со говорот на премиерот, при инаугурарацијата на еден секуларен објект на голем верски празник, стана јасно дека ова не е триумф ни над Албанците. Иако, навидум, нешто големо успешно се изградило без Бадентер, сепак требаше да се спомне барем еден Музафер. Господинот Музафер Бислими е актуелен државен секретар во Министерството за култура.

И тој возврати со силна изјава, наведувајќи многу нешта. А на јавноста, од таа изјава, ѝ остана да разбере дека без Бадентер и без четврт буџет, нема ништо да се фати кај Албанците. А далекувидните луѓе од тој настап можеа да насетат дека е блиску денот кога Албанците ќе го бараат својот квартал и од тој објект, за да го користат некако, или, пак, да го дадат на закуп на продавачи на костени или на американски крофни! На некого кој ќе се осмели и ќе го направи првиот чекор за започнување на свој бизнис!

Ниту другиот триумф од подразбираните, кој ете, за да се вметне како веројатност, требаше и да се спомене, не е никаков триумф. Демек, триумфот над противниците на проектот – разни невладини организации, медиуми и личности. Всушност, тоа може да биде и обратно. Впрочем, брои ли некој колку личности станаа популарни токму со етикетирањето дека се противници на проектот, од страна на владеачката врхушка? Како, инаку, без душманство од страна на врхушката, ќе знаевме за многу одлични работи и луѓе, без никакви потрошени државни пари? За најинвентивното можно пеење од страна на „Распеани Скопјани“ и за многу други убави нешта?!

Сите знаеме дека, како што и е ред во Македонија, по теркот на оној „Глас на светлината“, наскоро некои од нив би можеле да ги видиме во наредната влада. Што се однесува до Албанците, некои од „Разбуди се“ дури не мораа ни да ја чекаат идната влада, еве ги и во сегашната. Мислам дека сите до еден, кога-тогаш, ќе им се заблагодарат на премиерот и на врхушката, свесни за тоа дека станале популарни без никаква милионска кампања зад нив.

Значи, според било кои нормални пресметки, јас овде не гледам друг триумф освен овој најновиот - триумф во мизерија. Триумф до кој мораше да дојде, откако се увиде дека нема друг начин како онаа вест на „Економист“ тенденциозно да се забошоти или да се преиначи, како што е случајот со некои вести, кои одредени медиуми, некако забораваат да ги пренесат. Последната таква вест, на пример, беше таа дека некој во Србија нè именувал како фиромци и ни мавтале со грчко знаме.

Понатаму, нема можност, но и вистински патриоти, кои, на пример, би отишле во држави како што се Ирак, Либан, Сомалија и други такви земји, кои се или во војна, или се ничии, или таму просто нема никаква држава. Па од таму да собираат податоци, за да ги ставаат и таквите земји во класификацијата на сиромаштијата. Имено, само со таква акција на вистинските патриоти, ние не би биле заведени дека сме први во мизеријата. И последната можност е да излезе некој и да ги наведе добрите страни на ова освоено прво место, можностите за нови остварувања. Да излезе некој доктор по филозофија, кој според докторот по психијатрија е само пациент, па да удри да реди, како што беше случајот со набројувањето на придобивките од можното повторно враќање на визите!

Ако реалноста е пресурова за да ја игнорираш, претврда за да ја омекнеш спинувајќи ја, а немаш спремност на жртва за да ја промениш – тогаш останува единствено да ја славиш. Поради тоа, најсоодветно славење и во едно обединување во триумфот кој е без наш удел. Ние сме шампиони во мизерија и на портата која нема триумф, останува да ѝ го дадеме единственото достојно име – Порта мизерија!

Извор: Фокус

Илустрацијата е земена од demotivacija.mk.

Се извинувам кога ќе делите

Се извинувам кога ќе делите пак баклава? Информирајте ме на време ќе дојдеме цело друштво мераклии сме на баклави.

P.S. ќе се оди пак за Палестина или не? Ме прашуваат пријатели од Израел за тоа прашувам...

ОкоБоли главаВицФото