Протези за ампутирани духови

17.01.2012 11:33
Протези за ампутирани духови

Уништувајќи го нашето модерно наследство груевизмот го прави истото она што соседните пропаганди го прават со децении, тврдејќи дека македонизмот е вештачка творба, коминтерновска измислица, комунистички заговор.

Целокупниот концепт на антиквизација, значи, не е само анти-модерен (реакционерен, ултраназаден), туку е и антимакедонски. Антиквизацијата всушност ги потврдува децениските предрасуди и пропаганди од соседните земји и ја прифаќа здраво за готово тезата дека модерните Македонци се „вештачки“, а дека „вистинските“ Македонци се „антички“.

Со оваа теза како своја идеолошка основа (јасно изречена и од Паско Кузман, пред неколку години, кога се калеше новата, „поубава и постара“ идеологија на античкиот Македонец) груевизмот шеста година жари и пали низ Македонија. Кузман тогаш рече дека борбата за македонското име е изгубена ако современите Македонци се откажат од античкото наследство. Врз таа сосема идиотска теза, велам, изграден е целокупниот лудачки проект на антиквизацијата, проект што груевизмот безмилосно го спроведува и материјализира низ еден насилнички и во совремието ретко виден културен инженеринг.

Најчудното во целово лудило што го живееме е што нема кој да му се спротистави на разгоропадениот ревизионизам. Дотолку е почудно зашто сите македонски институции (а особено оние од сферата на културата и МАНУ) се втемелени во модерната приказна за Македонија. Сите македонски институции со децении, од Втората светска војна навака, својата смисла ја наоѓаа во одбрана на модерниот македонски идентитет и држава. Денес, кога модерна Македонија се парчосува под нозете на Букефал, сите тие институции молчат. Притоа, наголемо се фалсификува и уништува не само непроценливото културно наследство на модерна Македонија, туку и политички се разнебитува до непрепознавање целокупната општествена динамика од изминатите седумдесет-осумдесет години.

До тој степен е бескрупулозен груевистичкиот ревизионизам што целокупниот процес на лустрација, на пример, е ставен во функција на дневните потреби на номенклатурата и Фамилијата. Од нивен агол гледано, со еден удар се отстрануваат две здодевни муви од нивното сакрално гомно (антиквизацијата): од јавната сцена се тргаат најгласните противници на режимот (Фрчкоски, Милчин...), а од друга страна сосема се фалсификува социјалистичкото наследство во сите сфери, од досијеата до спомениците и зградите.

И после сè, дури и по најновиот обид да се уништи еден од најважните архитектонски објекти во Скопје – луѓето главно си молчат. Најдлабоко молчат оние кои се најповикани да прозборат, илјадниците луѓе од естаблишментот кои цели кариери и цели животи поминаа во изградба на модерна Македонија, а денес се приморани таа модерна Македонија да ја затскриваат зад антички фасади. Поголема навреда на идентитетот и самочувствието – здравје. Повторувам, груевизмот како да го обистини она за што до вчера мислевме дека е непријателска пропаганда: Македонецот е аморфен, без идентитет, т.е. со идентитет што можеш да го смениш со релативно малку пари и релативно брзо. Тоа што го зборуваа пропагандите, тоа груевизмот тргна да го реализира, реално потврдувајќи ја тезата на непријателите: голем дел на Македонците од естаблишментот (кои денес се груевистички јуришници) го поплукаа казанот од кој до вчера сркаа и денес се крстат во нови („антички“) богови. Тоа понижување што груевизмот му го нанесе на македонизмот симболички е најголемото понижување во изминативе стотина години. Тоа понижување е истото кое на словенските Македонци од Егејска Македонија им го приредувале грчките асимилатори, убедувајќи ги дека се наследници на Александар и дека нивниот јазик е грчки, јазикот на Александар.

Значи, сограѓани, Македонци, на удар не се само репрезентативните објекти на македонскиот архитектонски модернизам, туку целото себеразбирање на неколку генерации Македонци. Она што му го направија на мостот „Гоце Делчев“, она што се спремаат да му го направат на објектот на Муличковски (начинот на којшто се маргинализираат и затскриваат од погледот зградите на театарот, поштата, оние од плоштадот итн.), е плукање на она што го живеевме до вчера. Плукање на она во што верувавме, до вчера. Плукање на нешто што е конститутивно, со што сме растеле, што нè учеле да го почитуваме, нешто што е, најпосле, нашиот идентитет.

Јасна Котеска еднаш праша: „Каде е Ал Пачино од филмот Мирисот на жената (1992) од школските клупи да им ја плесне очигледната вистина на корумпираните членови на универзитетската комисија, преку легендарната реченица: ’Сум видел момчиња со откинати раце и пресечени нозе, но нема ништо пострашно од сликата на ампутираниот дух, зашто за тоа нема протеза.’? Овој филм од школските клупи го постави прастарото прашање за етичкиот гест: ’Колку вредат твоите зборови во моментот кога може да го изгубиш личното добро? Дали си подготвен, ако околностите не ти одат во прилог, да ги изедеш сопствените зборови?’ И одговори дека постојат моменти, кога дури и по цена целиот твој видлив свет да се распаѓа, тоа што не треба да го распродадеш е вистината.“

Колажи: Свирачиња

Точно од збор до збор. Се' е

Точно од збор до збор. Се' е така.
Но зошто си молчат луѓето? Тоа е главното прашање.
Погрешно е да се мисли дека автоматски ке создаме граѓанско општество и уште побитно ќе го разбереме како принцип. Македонското општество по многу параметри функционира племенски. Ако не се лажам, Жарко ( во еден од своите текстови) се прашување каде се' "добрите" правници,архитекти,професори итн., и зошто молчат? Погрешна е претпоставката дека тие луѓе имаат концепт и разбирање за општествена одговорност. Тоа не е нешто кое ти паѓа од небо. Потребно е систематско образование во таа насока. Нажалост,нашиот едукативен систем не ја исполнува таа функција, ние сме хендикипирани во тој поглед. Потребни се специјални курсеви, дизајнирани да ги решаваат општествените проблеми мој Коља. Во мултикултурно општество кое пати од национализам и примитивизам мора да се изучува интеркултурна комуникација,да се обработува холокауст, расизам, граѓанско општество и сл. предемети како задолжителни часови. Така е во САД, тие не се раѓаат спремни да гинат за првиот амандман, им се всадува како идеологија преку образовните институции. Слободата на говорот се брани затоа што е најважен постулат на демократијата и тоа се учи од мали нози. Некои слободи мора постојано да се освојуваат. Ние ги загубивме основните човекови слободи, и сега плаќаме како општество за нашата инерција. Мора да си признаеме,МОЛЧАТ ЗАТОА ШТО НЕ ЗНААТ ПОДОБРО, некој треба да им всади граѓански вредности.

Антиквизација не е

Антиквизација не е одговарачки термин. Поточно би било да се нарече хеленизација, односно погрчување на македонскиот идентитет. Што од глупост, што од слепило, што од опортунизам ние молчиме на ваквото инсталирање на грчкиот вирус во македонската култура. Како што кажа Геле, на истиот начин на кој грчките асимилатори ги труеле егејците со античките приказни за да ги прекинат нивните врски со словенството. Појавата на античките бајки во Македонија некако коинцидира со доаѓањето на децата бегалци. И повторно по некоја случајност главни промотери на антиката се токму тие и нивните наследници. Свесно или случајно тие го пренесоа грчкиот вирус на наша почва кој сега веќе сериозно го загрозува нашиот идентитет.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото