Скриената логика на измамата

17.01.2012 15:55
Роберт Триверс

Се залажуваме постојано. Си велиме дека сме подобри од медиокритетите – дека сме морални, поспособни, се залажуваме дека е малку веројатно дека ќе се разболеме или ќе настрадаме во несреќа. Феноменот е чуден и особено загадочен за оние кои размислуваат за нашето еволутивно потекло.

Самоизмамата, самозалажувањето е толку продорно што мора да создава одредена предност. Но, како можеме да бидеме услужени од таков мозок кој што нè залажува? Ова е една од темите кои ги разговараме со Роберт Триверс, автор на новата книга, „Лудоста на будалите“, своевидна колористична истрага во самозалажувањето со примери од срушени авиони, неврологија и травестија во животинскиот свет. Разговорот го води Гарет Кук, добитник на Пулицеровата награда за 2005 година.

Кук: Дали имате омилени примери на самоизмама во животинскиот свет?

Триверс: Тешко прашање. Тие се многубројни, сложени и бизарни. На пример, постојат машки единки кои создаваат мимикрија како да се женки, со цел да им се доближат машките единки кои господарат со територијата, нешто што навистина привлекува вистинска женка која е спремна да се оплодува. Мажјакот, кој е господар на територијата, замислува дека е во „кревет“ со две женки, а всушност тој е со една женка и со мажјак кој краде дел од татковството на јајцата кои се снесени од женката. Интерната динамика на таквата травестија само што почнуваме да ја анализираме. Но, за вистинската репродуктивна уметност морам да го споменам примерот кога бубачки во низа од 100 до 1000 единки се соединуваат на таков начин што произведуваат илузија како да се работи за осамена женка, која привлекува машка пчела која, пак, влетува во илузијата со цел да се пари и на тој начин ги носи бубачките до својот нареден домаќин.

Кук: На која возраст ги гледаме првите знаци на самоизмама од овој тип кај луѓето?

Триверс: Во последната третина од бременоста, додека плодот е сè уште во телото на мајката. Бебето ја превзема контролата на мајчиното ниво на шеќер (го покачува), пулсот (го покачува) и дистрибуцијата на крвта (повлекувајќи ја од екстремитетите и носејќи ја над плодот). Тоа го прави преку своевидна мимикрија, испуштајќи во крвотокот исти или слични хемикалии како оние кои мајката ги произведува за да ги контролира овие процеси. Дискутабилно е дали е ова добро за мајката. Таа вели (нејзиното тело), „моето дете знае подобро што му е потребно отколку јас, според тоа, му ја предавам контролата на бебето“. Но, не е во најдобар интерес на мајката да му дозволи на плодот да добие сè што сака; мајката мора да ја распредели биолошката инвестиција и на другите плодови, како од минатото, така во сегашноста и иднината. Плодот ги произведува овие хемикалии 1000 пати повеќе од нивото на мајката. Тоа сугерира дека мајчиното тело станува поглуво, а телото на бебето погласно. По пораѓањето, првите знаци на измамата доаѓаат на отприлика 6 месеци, кога детето создава лага дека има потреба, кога за тоа вистински и не постои такво нешто. Детето ќе плаче, ќе вика, ќе се врти по подот, сè додека публиката не се врати пред неговата сцена. Подоцна, детето ќе крие предмети и ќе негира дека му е сеедно доколку е казнето, кога всушност не му е сеедно. Таканаречените „бели лаги“ од типот „храната која ја сервиравте е вкусна“ ќе се појават после петтата година.

Кук: Пишувате дека поинтелигентините деца се обидуваат да бидат поголеми измамници – можете да го објасните ова?

Триверс: Експериментот е своевидна едноставност. Детето седи со грб кон една кутија. Човекот поставува нешто во кутијата и вели „Не ѕиркај, не ѕиркај“ и кога ќе се врати по одредено време прашува „Дали ѕирна?“. Огромен процент од децата лажат и тоа почесто, во зависност од нивната повисока интелигенција, според мал когнитивен тест. Ако детето е мошне паметно, тоа лаже 100 проценти, а поспорите лажат околу 65 проценти. Истиот сооднос е и со здравјето при пораѓањето. Колку сте поздрав, толку повеќе сте склон да лажете 4 години подоцна.

Кук: Како станавте заинтересиран за самозалажувањето?

Триверс: Мислам дека ме интересираше темата уште како мал, но во дваесеттите години од мојот живот темата ме заинтересира на научно ниво. Студирав за биолог; а мојот добар пријател за психоаналитичар. Јас го читав Дарвин, а тој Фројд. Цело време тој зборуваше за негирање, репресија, разделување, формирање на реакција и механизми за одбрана на егото. Иако некои од нив звучеа лудо, не сите од нив беа. Од секојдневниот живот знаеме дека негирањето е силен двигател. Зошто? Како ли само селекцијата била во корист на нашите феноменални органи за перцепција кои систематски ја изобличуваат информацијата во нашите свесни умови? Каде е добивката во тоа? Тоа изгледаше како предизвик во однос на дарвиновата парадигма.

Кук: Предностите од измамата се очигледни, но каква е предноста во самозалажувањето?

Триверс: Тоа е клучното кое ме обзеде во седумдесеттите. Сфатив дека доколку самозалажувањето ни го прави полесен патот за да ги излажеме другите, тоа дава предност. Пред сè, самозалажувањето успева само кога е незабележано. Во спротивно, ќе има несреќни последици. Така што, си замислив како самозалажувањето лесно еволуирало како сервис на измамата – различни видови на организирани информации во свесниот ум лесно можат да излажат секого.

Кук: Каква улога има самозалажувањето во историјата?

Триверс: Историјата или во пишувањето на историјата? Очигледно, во обете. Се вели, победниците ја пишуваат историјата како темелно пристрасни во тоа. Лажни историски наративи се лажна историја со персонална аура, со изговори за минати погрешни однесувања, никаква потреба за репарации или потреба за промена на однесувањето. Во историјата, ефектите на самозалажување се големи, иако давањето кохерентна слика за различните начини на кои тоа е правено би било вистински предизвик. Секако, знаеме дека самозалажувањето создава непотребен придонес, особено како војната од 2003 на Америка против
Ирак. Самоувереноста, заснована само на предностите во однос на противниците, е вообичаена, но во случај на Ирак, измамата и самозалажувањето беа водени од потребата да се продаде производ за домашна употреба, без рационални подготовки за денот потоа во Багдад, затоа што таквото планирање би довело до лоши заклучоци околу трошоците и несигурноста од војната, кои планерите сакаа да се минимизираат.

Кук: Има ли случаи каде што самозалажувањето е позитивно?

Триверс: Доколку објасните што подразбирате под позитивно и кому се однесува тоа. Очигледно, самозалажувањето морало да биде позитивно за луѓето во одредено време од минатото поради тоа што било во корист на природната селекција (ако позитивно било сметано за преживување или генетска репродукција). Верувам дека овој позитивен ефект е поради поголемата измама на други, така што од нивна гледна точка самозалажувањето не е позитивно, и на групно ниво би можело, сумарно, да биде негативно. Во бракот, тие кои се сеќаваат на континуирани подобрувања, иако ретко нешто такво се случило, вообичаено велат дека се среќно мажени/женети, но причината и последицата се лошо комбинирани.

Кук: Ако во дарвинистичка смисла, самозалажувањето е добро за нас, зошто би се обиделе да се бориме против импулсот? И дали воопшто можеме?

Триверс: Јас лично верувам во борба поради тоа што сум против измамите. Попрво би бил искрен или би се обидел да бидам. Самозалажувањето образува кривично дело, мамејќи барем две единки наместо една, ризикувајќи да се впуштите на лошо тло, со конструирани лаги кои во основа би ги конзумирале други единки. Дали можеме? Тоа е сосема друго прашање. Јас успеав во мал дел да го спречам сопственото самозалажување. И станав побогат после согледувањето на фактите, но тоа е сепак малку предвидливо и превентивно подобрување. Тоа е можеби трагедијата и парадоксот на самозалажувањето. Го гледаме во себе си и би сакале да направиме повеќе за да го потиснеме, ама не можеме.

Извор: scientificamerican.com