Катастрофата во Хаити продолжува

18.01.2012 12:27
Катастрофата во Хаити продолжува

Катастрофата траеше 60 секунди. И тогаш земјотресот престана. Тоа беше на 12 јануари 2010 година. Кога денес подвлекуваме линија, мора да заклучиме дека катастрофата не траеше 60 секунди, туку, еве, веќе две години, сè до денешен ден, и нема да заврши брзо.

Тогаш постоеше надеж, и покрај 250 000 мртви и безброј луѓе останати без покрив над глава, и покрај огромната материјална разореност; од таа разореност се создаде и надежта во новиот почеток. Не надеж во обнова на земјата, туку во создавање на нешто навистина ново. Катастрофа од 60 секунди. Оптимистите и идеалистите веруваа дека тоа може да биде крај на една друга катастрофа, во која Хаити не се наоѓа две години туку веќе два века. Надежта со време избледе.

Да се постави оваа дијагноза не значи да се омаловажат мноштвото луѓе кои храбро отидоа на Хаити да ги ублажат неговите големи болки. Тоа не е ниту критика за многуте луѓе кои со своите донации им помогнаа на Хаиќаните. Спасени се многу животи, повредените се згрижени, изградени се нови домови, улици – и секој што придонел за ова заслужува пофалба. Но, пациентот со име Хаити е далеку од оздравување колку што беше и пред катастрофата. Тој претставува преживеан пример на пропадната држава, која својот неуспех го ставила на грбот на сиромашното население и која не умееше да ја искористи дури ниту добиената помош.

Светската заедница, заедно со домашната владеачка елита, ја прокоцка шансата оваа сиромашна карипска држава да ја направи позитивен пример. Помошта во голема мера се употреби во склад со лошата колонијална традиција, како во времето на добивање независност од Франција. Тогаш Французите бараа да им се плати изгубената добивка поради ослободување на робовите. И Хаити плати, станувајќи првата земја која што од канџите на колонијалните господари западна во замката на долгови.

И тука остана, искористувана од страна на Европејците и нивните соучесници кои владееја со неа диктаторски. Методите се променија, но образецот остана ист. Бил Клинтон пред две децении успеа да го отвори Хаити за увоз на субвенционирани производи од САД и со тоа речиси ја уништи прехранбената индустрија во самиот Хаити. Сега, истиот тој Бил Клинтон е ангажиран како координатор на помоштта од ООН, додека претприемачите од неговата земја ја откриваат оваа островска земја како нова производствена локација. Платите се мали, луѓето се желни за работа. Плус, нема даноци.

Алтернативата беше можна и пред две години: помош за развој од поинаков тип. Да имаше тогаш иницијатива, денес состојбата не би била толку тешка. Тоа би значело да не се увезуваат готови, монтажни куќи, туку да се вработат што е можно повеќе Хаиќани кои би изградиле куќи отпорни на следниот земјотрес. Тоа би значело медицинската помош да се пренасочи во образование на медицински кадар. Тоа би значело сите активности да се насочат кон една цел: да се направи Хаити доволно силно за да не биде оставено на милост и немилост на слични удари од судбината.

Меѓутоа, недостасуваше една работа: политичка волја на богатите земји. Тогаш дадените ветувања сè уште не се исполнети, особено оние финансиските, бидејќи овие земји даваат пари само таму каде што тие значи поттик за нивните економии. Како би било да се постават некои други услови? На пример, претседателот Мишел Мартили да престане да раситнува милиони на подигнување нови армии, кои веќе со децении не му се потребни на Хаити.

Можеме да заземеме став дека имаме доволно свои проблеми и дека најубаво би било Хаити да се грижи само за себе. Кога Запад некому „помага“, со чесен исклучок на неколку хуманитарни ангажирања, на човека му паѓаат на ум секакви еретички идеи. На долги патеки, секако, би си направиле голема услуга и себеси, кога парите што на Хаити и земјите како Хаити, морално им ги должиме после векови искористување, ги потрошиме на заеднички обид да докажеме дека Третиот свет е во состојба да се ослободи сам, под услов ние да престанеме да го туркаме во нов облик на зависност.

Извор: Frankfurter Rundschau

ОкоБоли главаВицФото