Грците, нашите најголеми непријатели

18.01.2012 12:27
Грците, нашите најголеми непријатели

Светот виден од Атина изгледа вака: САД и Велика Британија се сигурните сојузници; Кипар и Србија се пријателите; Израел, Руската Федерација и Кина се новите партнери; Турција, Косово и Македонија се гледаат како земји непријатели или како закана за Грците.

Овој грчки поглед кон светот се појави кон средината на минатата година во „Лимес“, угледното италијанско списание за геополитика. На оваа листа на земји кои се или ќе бидат во фокусот на грчката надворешна политика, ги нема, на пример, Франција и Германија, главните кредитори на Грција и државите од кои зависи дали Атина ќе прогласи банкрот или ќе успее да се справи со долговите и да остане во еврозоната. Тоа е можеби чудно, но во оваа геополитичка мапа, важни се само „вистинските“ пријатели и непријатели, и тоа на долг рок.

Македонија, како што гледаме, е сместена на трето место меѓу непријателите на Атина. Во тоа друштво е веќе Турција, „традиционалниот непријател“, но и Косово, новата балканска држава, која, гледано од сегашен грчки аспект е „непријател на нашиот пријател“ (Србија). Дихотомијата пријател – непријател, се чини, е премногу традиционална, премногу емфатична, но таа на Балканот секогаш си имала свои приврзаници и своја логика. Таквите поделби на Балканот се потврдувале со векови, па оттука, нема причини за сомневања дека пријателствата и непријателствата ќе траат и во овој трет милениум.

Грција и понатаму гледа во САД свој сигурен сојузник. Но, САД, барем тоа е јасно, се главниот сојузник и на грчките „непријатели“ – Турција, Косово и Македонија. Дали постоењето на заедничкиот сојузник ги прави овие поделби бесмислени и изнасилени? Не. Во последниве 60 години, непријателствата во овој дел од светот можеле само добро да се менаџираат, но не и да се укинат. Соединетите Држави не успеаја да ги изнивелираат непријателствата во кругот на семејството и во биполарниот свет, а и сега, кога се единствената велисила во овој дел од светот. Тоа ќе им биде тешко и доколку светот продолжи да се развива мултиполарно. Со еден збор, балканските непријателства си го задржуваат правото на екслузивитет во рамките на западното сојузништо, и секој што ќе се скандализира од оваа девијација, или е премногу наивен или е непоправлив оптимист.

Новиот поглед кон светот виден од Атина е дубиозен и поради тоа што е етноцентристички и претенциозен. Имено, една релативно мала европска држава се става себеси како важен играч во глобалните процеси. Тоа е направено, пред сè, заради антиципираната мултипоралност, во која, ете, се чини легитимно и нормално да ги имаш Американците како главни сојузници, а со Русите и со Кинезите да градиш партнерство, при што не се споменува ниту ЕУ, а ниту дека идните специјални релации со новите партнери се дел од некој заеднички европски проект. Но, ова е не првпат Грците да се преценуваат себеси иако, нели, никој не може со сигурност да знае какви констелации ќе искреира новото време.

Пред неколку години Американците се обидоа да ја промовираат тезата дека Грција ќе биде локомотивата за државите од Западниот Балкан. Со овој нов концепт, за Македонија се нудеше уште една дополнителна „железничка“ теза – имено, за Скопје, возот за Брисел тргнуваше од Солун. Се сеќава ли некој вакво нешто да каже во последниве две години? Тешко.

Откако ескалира грчката финансиска криза, и дипломатите и новинарите се откажаа од промовирањето на оптимистички проекции за југот на Балканот. Грчката политика, која се најде во позиција да ја спасува државата од банкрот, исто така, се суспендираше самата себеси како контрибутор за промовирање на европските вредности. Депресијата во која западна Грција беше погодна за нова балканизација на нејзината надворешна политика. Во услови на криза, доминира песимизмот или хипер реализмот. Тогаш, први на удар се големите и убави идеи и европските проекти. Оттука, новите надоворешнополитички приоритети на Грција, објаснети од „Лимес“, во суштина значи дека нашиот јужен сосед останува на своите традиционални позиции, што значи дека предност добиваат т.н. национални интереси.

Што значи кога Грците те подвлекле со црно? Тоа, во принцип, значи децении поминати во дипломатско пимплање, со еден збор, загубено време. Но, во овој случај, не е само пресуден грчкиот став, кој се карактеризира со балканска непопустливост.

Работите не стојат ништо подобро ако светот се гледа и од Скопје. Зарем треба некому овде да му се објаснува кој е непријателот број 1 на Македонија и кој ќе биде тоа и во иднина?

Цинизмот и безидејноста кои полека стануваат константа во грчката политика ќе им бидат од голема полза на македонските националисти. Тие добиваат дополнителен мотив и време за заокружување на проектот, кој веќе сега е застрашувачки, бидејќи се напојува од два извори – прво, тоа се заканите или непријателствата што доаѓаат однадвор (постојано се форсира тезата дека светот или не нè сака или не нè ферма) и второ, што е уште поопасно, новата идентитетска политика, во која главни атрибути се историската исклучителност, националната гордост и интрасигнетноста по сите линии, ќе добива уште на значење.

Ксенофобијата и националистичкиот дух излегоа од шишето зашто тоа е еден од начините Македонија да станува режим. На секој режим му треба надворешен непријател, и во тој поглед, Груевски не е нималку оригинален. Радикализацијата на Македонецот, со што тој станува нефлексибилен, непрагматичен и нерационален, му оди во прилог само на режимот. Македонецот почна да учи да мрази или да стане зависник од омразата. Тоа е новиот момент за македонското општество, но и за Грција, Европа и за Америка. Така, Грците немаат повеќе само политички непријател од другата страна на границата. Непријателот станува национален.

Дали оваа оцена е претерена? Не, нималку. Работите одат на лошо и ако веќе мораат да се прават некакви прогнози, тогаш тие не се нималку оптимистички, бидејќи нашите односи со јужниот сосед можат само да се заоструваат. За таквиот развој на настаните, во прв ред, ќе придонесува официјалната политика и на двете страни кои исцртаа свои црвени линии и немаат намера да отстапат од нив. Друг неповолен момент е што дискурсот на разумот и на рационалните солуции е многу девалвиран, особено во постизборниот период, кога власта станува уште посилна, а опозицијата уште послаба во наметнувањето на темите од кои зависи иднината на оваа држава.

Но, она што посебно треба да нè загрижува е фактот за фреквенцијата и за „спонтанитетот“ во формите за манифестирање на македоништината или за иритирањето на Грците. Така, ние веќе се навикнавме знамето од Вергина да биде задолжителна реквизита на нашите навивачи дури и тогаш кога ги бодрат нашите селекции во организација на Агенцијата за млади и спорт. Песната на нашите кошаркари, „хероите од Литванија“, во кое се споменува фамозното Солунско Поле, стана национална химна. Пред некој ден се случи и Вевчани. Карневалот на оваа селска манифестација, кој во изминатите две децении доби несфатливо голем публицитет, покажува дека и сатирата плаќа цена од режимизацијата на системот. Да се претстави Грција со мртовечки сандак и потоа да се запали грчкото знаме е бизарно и е глупаво до немајкаде. И да биде уште полошо – медиумите и македонската јавност кои постојано се занимаваат со карневалот на Василица, не собраа сила да изреагираат на овој најнов вевчански невкус.

Што значи кога и прагматичните вевчанци ќе се откачат и ќе отидат во една апсурдна крајност? Тоа значи дека и сите Македонци ќе ги следат и ќе стануваат такви!

Кога ја завршував колумната беше објавена веста на денот: Грција ги замрзнува преговорите и не сака посета на Нимиц во регионот.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Свирачиња

И ти си бараш непријатели,

И ти си бараш непријатели, Василе. Од една страна Грција, а од друга - Груевски?

Што кажува тоа за тебе?

ОкоБоли главаВицФото