Шкотска помеѓу независноста и Обединетото кралство

19.01.2012 11:29
Шкотска меѓу независноста и Обединетото кралство

За генерации деца во Шкотска, училишната екскурзија на местото каде што се одиграла познатата битка кај Бенокберн (Bannockburn) – средновековен судир (1314 г.) во кој кралот Роберт Брус и неговите стрелци ја победиле многу побројната војска на англиските витези – служи како пресвртница во нивното патриотско образование.

Со поддршката од коалициските либерални демократи, британскиот премиер го крена влогот: одобрение за одржување на референдумот, но под условите кои ќе ги одреди Вестминстер. Тие учат како аутсајдерите Шкотланѓани ги фатиле Англичаните во замка, збивајќи ги нивните моќни коњаници како „овци во трло“ и не оставајќи им простор за напад. Таа победа, како што учат на ексурзиите, „оттогаш постојано ги инспирирала Шкотланѓаните“.

700-годишнината од оваа битка ќе се одбележи во јуни 2014 г. со отворање на нов музеј.

Шкотскиот премиер и лидер на Шкотската национална партија (SNP), која се залага за независност, Алекс Салмонд, пред неколку дена изјави дека 2014 би била „добра година за одржување на референдумот“.

Како и неговиот херој Роберт Брус, и Салмонд ја започнува борбата како аутсајдер. Иако неговата партија го контролира шкотскиот парламент од 2011, само една третина од Шкотланѓаните се залагаат за независност, додека мнозинството сака понатамошно пренесување на власта од Лондон во Единбург.

Лабуристичката, Либералата и Конзервативната партија се залагаат за зачувување на Обединетото кралство, создадено 1707 г.

Британскиот премиер Дејвид Камерон даде завет дека ќе ја брани Унијата „до последен здив, односно со сето свое битие“, иако неговата партија има само еден пратеник на север (во шкотскиот дел од Унијата), а конзервативните членови на британскиот парламент се незадоволни поради „субвенционирањето“ од Лондон на јавниот сектор во Шкотска. Меѓутоа, во Единбург, поточно Шкотската национална партија, ги оспорува тие наводи, возвраќајќи дека Шкотска ја финансира Британија со приходите од нафтата и гасот во Северното море.

Британските лабуристи и либерали, кои имаат многу пратеници од Шкотска во парламентот во Лондон, имаат дополнителна причина да се борат за зачувување на Унијата. Имено, без мандатот од Шкотска, лабуристите би имале проблеми повторно да освојат мнозинство во Долниот дом на британскиот парламент.

Шкотската национална партија дојде на власт ветувајќи дека ќе одржи референдум за независност, ама не во првите три години од мандатот, поради што е обвинувана дека се плаши да излезе пред гласачите. Салмонд ја најави 2014 како датум за одржување на референдумот откако Камерон изјави дека гласањето би било незаконско без одобрение од британскиот парламент.

За соработка со Единбург владата на Камерон бара неколку отстапки. Таа сака референдум на кој директно би се гласало за или против независноста, изразувајќи недоверба кон најавата на шкотскиот премиер Салмонд дека би можело да се постави уште едно прашање, не само за независноста туку и за длабока деволуција (пренос на власта), што значи дека во надлежност на британската влада би останало нешто повеќе од одбраната и надворешната политика. Партиите кои се залагаат за зачувување на Унијата не ја сакаат таа неодреденост околу „максималната деволуција“ и сакаат да го притиснат Салмонд така што да доживее директен пораз во борбата за независност.

Советниците на Камерон зборуваат за потребата шктоската влада да се доведе во ситуација да одржи референдум во наредните 18 месеци, пред Салмонд да возврати со својот предлог за 2014 г. Салмонд, пак, потенцира дека референдумот е одложен на три години само за да може добро да се организира. Тој вели дека неговата партија разгледува референдум со повеќе опции бидејќи не може да игнорира значаен дел од јавноста, а не зашто сака да си обезбеди простор за отстапки ако Шкотланѓаните ја отфрлат идејата за независност.

Според истражувањата на јавното мислење, мнозинството Шкотланѓани се за пренесување дополнители надлежности од Лондон во Единбург, а не за целосна независност. Ако на референдумот се постават три прашања, тоа би ги поделило гласовите на унионистите, отворајќи го патот кон независноста на Шкотска. Во таквиот случај, каков и да биде исходот од гласањето, Шкотска би добила повеќе власт.

Сè освен јасното прашање за или против независност може да резултира во штетно натегање. Што ако на референдумот со три прашања, поддржувачите на независноста победат, но само со 35% гласови? Што ако 51% од Шкотланѓаните се определат за независност, но во одговорот на второто прашање, дури 80% побараат дополнителен пренос на власта од Лондон?

Националистите можат да го протолкуваат тоа како мандат за независност. Но, Вестминстер може подеднакво да тврди дека Шкотланѓаните очигледно сакаат дополнителна автономија, а не целосна независност.

Британската влада сака независно надгледување на изборите и не ја одобрува идејата на Салмонд да им се овозможи гласање и на младите Шкотланѓани, на возраст од 16 и 17 години, бидејќи таа генерација е најзагреана за независноста. Веројатно Салмонд ќе го одреди датумот. Сè останато ќе биде предмет на преговори.

Шкотскиот премиер потврдува дека британските нуклеарни подморници, кои се разместени за одвраќање на потенцијалните напади, ќе мораат да ги напуштат длабоките води во шкотскиот залив ако на референдумот се изгласа одлуката за независност. Во тој случај Шкотска би можела да излезе и од НАТО, но би задржала армија од 8-12 илјади војници, морнарица и воено воздухопловство. Независна Шкотска би соработувала со соседите, а кралицата Елизабета II би останала шкотски монарх. Салмонд вели дека пријателството меѓу Англичаните и Шкотланѓани ќе биде „засилено“ по независноста.

Извор: slobodnaevropa.org

ОкоБоли главаВицФото