Одржливо користење, управување и финансирање во градот

20.01.2012 12:47
Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Проектантскиот тим составен од архитекти, инженери и урбанисти, наречен Fram-menti, се развива од 2006 г., и тоа, од почетните четири члена до сегашната мрежа архитекти, уметници и стручњаци од разни области кои заедно го развиваат мултидисциплинарниот пристап кон урбанизмот и истражувањето на градот. Работата на оваа група може да се подели на три клучи односи – односот кон неформалното користење на градот, односот кон управувањето со градот и односот кон економијата на градот. Групата својата заедничка работа ја започна во Кастелфранко Венето (Castellfranco Veneto), град со 30 000 жители. На почетокот се насочија кон неформалните пристапи за развој на градот, обидувајќи се да замислат урбани стратегии засновани на таквите методи. Иницираа користење на напуштената фабрика FRAM која произведувала автомобилски филтери. Станува збор за 100 000 м2 празен простор среде станбена зона, во самата близина на историското јадро на градот. Бидејќи се занимаваа со ревитализација на фабриката FRAM, се нарекоа Fram-menti, што во превод би значело „умовите на Fram“.

Предавањето е на Мишел Сбрис

Неформално – поинакви стратегии за користење на градот

Напуштената фабрика будеше многу спомени меѓу граѓаните и поранешните работници, и токму таа вредност на колективната меморија нè натера да преземеме нешто во врска со тој простор. Тргнавме со организирање јавни настани и работилници во самата фабрика и во текот на три месеци над 4000 посетители се информираа и придонесоа за ревитализација на своите идеи и расправи за градот, како и промените кои ги забележуваат, ги посакуваат или ги осудуваат во него. Организиравме и изложби на кои посетителите можеа да учествуваат во работилниците, можеа да пишуваат за сè што мислат, а студентите, професорите и проектантите развиваа сценарија за одредени делови од градот во склад со желбите и размислувањата на граѓаните.

Вториот чекор од истражувањето на неформалниот начин на управување со градот се состоеше од ширењето на активностите вон фабриката. Една година по првата иницијатива развивме т.н. „Урбани сценографии“ – низа настани кои го користеа градскиот простор како сцена за создавање невообичаени доживувања, неочекувани облици на заземање и користење на просторот. Една од овие локации беше најголемиот плоштад на Кастелфранко Венето. Оваа сосем празна површина вон историското јадро е сместена покрај главниот трговски центар во градот, и претставува совршен пример за „не-место“. Нашиот прв чекор беше визуелно затворање на таа површина преку поставување завеси. Во тој дефиниран простор поставивме сцена, а на неговите краеви проектиравме филмови врз фасадите од зградите. Основната намера на оваа акција беше поттикнување деловите од градот кои ја изгубиле својата улога да се користат во секојдневниот живот на граѓаните. Според нас, таквото користење би бил првиот чекор во промислувањето на нивниот развој.

Учество – поинаков начин на управување со градот

По првите искуства во неформалното користење на градот, тргнавме со идеите за истите да можат да се применат во официјалниот урбанизам кој го спроведуваат институциите на градската власт. Ни се укажа можност да учествуваме во изработката на неколку урбанистички планови на североистокот на Италија, а бидејќи во регионот Венето уште од 2004 г. постои нов урбанистички закон кој поттикнува учество на граѓаните во планирањето, развивме урбани стратегии кои тргнуваат од конкретни техники на вклучување на населението во расправите за промените во градот.

На пример, за време на изработката на урбанистичкиот план на Падова излеговме во градот со подвижна маса и организиравме повеќе дискусии за да го добиеме мислењето од граѓаните за одредени теми и предлози за новиот урбанистички план. Добиените резултати станаа дел од материјалот врз чија основа градските власти го усвоија урбанистичкиот план.

За време на изработката на урбанистичкиот план на Виченца ги прашавме жителите како ја замислуваат индустриската зона и што би сакале да има на тоа место. Собравме многу податоци и организиравме трајна работилница, што беше почеток на процесот на расправа и учество на граѓаните во изработката на новиот урбанистички план на градот.

Овие искуства нè поттикнаа на развој на стратегиите под име „Од општество до град“, која вклучува различни групи од интерес за одржлив развој на градот. Зошто „Од општество до град“? Затоа што во планирањето на градот не постојат само градските власти кои соработуваат со планерите и здруженијата, туку постои соработка меѓу разните заинтересирани учесници на повеќе различни нивоа. Тргнавме од Асола, гратче близу Тревисо, каде што организиравме дводневна работилница во соработка со градските власти, техничката служба на градската власт, граѓаните, архитектите и планерите, професори од универзитетот во Венеција и група студенти. Оваа работилница служеше за еден вид собирање информации. Резултат од неа беше своевидна програма со концептуална мапа на Асола која подоцна служеше како почетна точка за изработка на стратешки урбанистички план на историското јадро на градот.

Економија – поинакви инвестиции во градот

Последната тема која се обидуваме да ја развиваме во нашите истражувања се занимава со нешто што го сметаме за исклучително важно за развој на современите проекти – вложувањата на приватниот капитал во изградба на одржлив простор. Минатата година изработивме неколку експериментални проекти за приватни нарачатели од кои еден беше првонаграден труд на конкурсот во Ровиг, Италија. Станува збор за проект за изградба на социјално домување со што е можно помали загуби на топлина и што е можно поголеми заштеди на енергија низ употреба на структурални дрвени модули и системи за пасивна употреба на енергијата. Односот меѓу јавните и приватните простори и типологијата на изградба беа битни за самиот проект, а ние ги развивме низ реинтерпретација на италијанските експериментални социјални станбени проекти од 1960-те и 1970-те години.

Искуството од изработката на експерименталните проекти за приватни инвеститори нè поттикна на размислување за повеќеслојноста на уредувањето на одржливиот град, како и за различните нивоа на нашето учество во тие процеси. Во текот на три години дејствување Fram-menti, водени од истите идеи, соработуваа со неформални групи, и со јавните власти и приватните фирми. Тоа нè поттикна на заклучокот дека целта и идејата за развој на одржлив град не е поврзана со сегашната поделба на општеството на неформално, јавно и приватно, туку е повеќе поврзана со решителноста на поединците да се впуштат во таквите процеси.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.fram-menti.com

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото