Кинезите се Kинези

20.01.2012 14:28
Кинезите се Kинези

Дали времето во демократијата се движи пребавно за да може да се реагира на кризата, или е прекратко за да овозможи планирање на долги патеки?

Во време кога економската и општествената криза се продлабочуваат во голем број богати демократски земји низ светот, ова е прашање од големо значење. Во Италија, на пример, премиерот Марио Монти има неопходна и легитимна амбиција да ги спроведе огромните реформи. Тој е и компетентен и чесен, но се наоѓа на квазиструктурална препрека – додека лидерите некогаш имаа на располагање три години да ги убедат гласачите во предностите на нивната политика, сега имаат три часа да го убедат глобалниот финансиски пазар да го поддржи нивниот пристап.

Во процепот меѓу италијанските вработени кои во суштина не ги ни разбираат промените и пазарот кој бара скоро моментни гаранции, може ли Монти да ја помине својата вродена внимателност и да делува доволно транспарентно и одлучно?

Политичкиот систем во САД, исто така, станува дисфункционален. Политичкиот филозоф Френсис Фукујама оди дотаму што вели дека „ветократијата“ може да претставува победа над демократијата, без оглед на тоа кој ќе триумфира на претседателските избори во 2012. Поделбата на власта, принцип кој што е воведен од основачите на САД, денес речиси да нè доведе до парализираност.

Демократските држави не страдаат само поради бавното реагирање во моментите на криза, туку и поради тешкотиите на кои наидуваат во проектирањето на иднината и планирањето на долги патеки. На двете страни на Атлантикот политичките лидери знаат што мораат да направат за своите земји, но не знаат како да добијат нов мандат ако тоа го направат. Се создава впечаток дека структурално се осудени на краткорочност.

Но, тоа не е резултат на фактот што демократските земји имаат „временски проблем“, односно, се создава впечаток според некои дека нивната ера поминала.

Кина со право е горда што може да се „проектира“ во дваесет и првиот век. Но, Кина тој квалитет на долгорочно размислување го должи повеќе на својата култура, отколку на природата на својот политички систем. Кинезите размислуваат на долги патеки бидејќи се Кинези, а не затоа што не се демократи.

Кинеските лидери секако дека можат да реагираат на настаните без голем обзир кон јавното мислење. Впрочем, огромен дел од Кинезите не сонуваат демократија, иако е на повидок нешто што личи на граѓанско општество и се иницираат барања кои веќе не можат да бидат целосно контролирани и манипулирани.

Меѓутоа, токму во тоа е слабоста на недемократските режими во глобалната ера каде што доминира транспарентност. Кој сонува за тоа да стане кинески државјанин или можеби граѓанин на Сингапур? По смената на државното кормило на Северна Кореја, стратезите со право истакнуваа дека Кина има клучна улога во обликувањето на иднината на полуостровот. Но, и покрај хистеријата што следеше по смртта на „Големиот водач“ Ким Џонг Ил, поголемиот број Северокорејци најверојатно сонува да ѝ се придружи на демократска Јужна Кореја (иако, многумина од Јужна Кореја токму од тоа и стравуваат).

Поголемиот број Кинези можеби не сакаат да имаат раководство како Западњаците, но би било погрешно да се претпостави дека нивна единствена амбиција е да трошат пари како Запад. Колку се поуспешни, толку имаат повеќе индивидуални барања од власта.

Наспроти тоа, доколку економскиот раст на Кина успори, што е веројатно во следниве неколку години, ќе избијат протести против корупција, а тоа е извор на нестабилност за секој режим.

Актуелната криза во напредните земји, која може да доведе до глобална рецесија (ако веќе и не сме во рецесија), не само што открива многу болести на демократските режими, туку и делува како нивен инкубатор и поттикнувач.

А сепак, може да се претпостави дека кризата има најголемо влијание врз недемократските системи за кои се создава впечаток дека се ефикасни, но реално се мошне кревки. Тоа го гледаме од интензивираните нереди во Русија и Кина.

Спротивно од она што некој би можел да го помисли, демократијата е долгорочно поеластична од поинаквите решенија. Ова правило ќе важи сè додека демократите се силно убедени во тоа.

Недемократските модели не можат на вистинскиот начин да ја оспорат демократијата. Тоа можат да го сторат само демократите со своето лошо однесување.

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото