26. Молчењето на Маркс

22.07.2009 11:39
d_h_107ok.jpg

„Филозофите досега го толкуваа светот, а работата е како тој да се промени“ – ова е последната и најславна теза од „11-те тези за Фоербах“ (1845) на Маркс.

Со оваа мисла, Маркс го најавува ѕвездениот спектакл на филозофијата. И интересно е дека откако ќе прогласи крај на толкувањето, ќе настапи 30 години долгото филозофско молчење и кај Маркс и Енгелс (следната работа што ќе ја објавуваат е „Анти-Диринг“ на Енгелс од 1877).[1] И Алтисер забележува дека кога ќе прогласите крај на толкувањето, не ви останува ништо друго освен да замолчите. Маркс и самиот се парализира пред сопствениот диктат „доста толкувавме, сега ќе менуваме“. Ако менуваме, што има да филозофираме? Ленин бил во право кога до Горки го поставил невозможното прашање. Имаме ли ние капацитет да продолжиме да мислиме по овој повик? Ниту самиот Маркс немал решение за оваа филозофска странпатица, а немал ниту Енгелс, ни Ленин. Не можеле баш ништо освен запрепастено да застанат пред последната теза за Фоербах. Каде оттука? Ако се’ досега било толкување, тогаш и самата единаесетта теза не е друго освен уште една буржоаска мисла. Дали и таа да се смета за дел од „стариот“ систем на мисла, дали и таа е само буржоаски исцедок? Последицата од театарот наречен отсуство на марксистичката филозофија, започнува овде.

Секој што, за аналитички потреби, се фрлил во систематско читање марксистичка литература не без мазохизам, ја осетил онаа вртоглавица од пролиферацијата на зборови, кои конечно не служат за ништо, она монструозно отсуство на смислата вградена во марксистичките текстови. (Како што фотокопирката од НУБ запрепастено ме праша зошто сакам да ги читам книгите што никој не ги позајмува веќе со децении?) Главниот проблем со читање на оваа литература се премавнува, барем на филозофско ниво, доколку на таа продукција на мисла и’ се приближите како на симптом за нешто. За што? Тоа е симптом за замрзнатото време. Ако треба да се молчи, може исто така да се зборува без престан, и тие две се како две страни на истото. Има еден брилијантен увид во жовијалното дрдорење што го направи францускиот психоаналитичар, Жак Лакан, во анализата на една пациентка од кабинетот на унгарскиот психоаналитичар, Балинт. Кај Балинт на сеанси започнала да доаѓа една шармантна дама, допадлива, интересна, брблива, всушност, толку брблива што му припаѓала на оној тип луѓе што зборуваат, зборуваат, и на крајот не кажуваат ништо. Проблемот (за кој неуспешно одела на разни терапии) се состоел од извесна невроза која никако не можела да излезе на виделина, а не можела затоа што таа постојано кажувала едвај важни или сосема неважни работи. На една сеанса, по цел час напорно брборење, Балинт одеднаш нежно го допрел местото што не сакало да биде откриено. Шармантната дама добила препорака за ново работно место, а во препораката пишувало дека таа е „сосема доверлива личност“. Загрижувачкиот момент се состоел во фактот дека таа не сака да биде доживеана како доверлива. Не сака никој да може да се потпре на нејзиниот збор затоа што зборот обврзува и таа ќе мора да почне да работи и да престане да зборува, а работата има правила, закони и работни часови, работата обврзува на почитување на договорите, не’ става во позиција на робови, и таа ако престане да зборува ќе мора да почне да работи.

Лениновото смеење до Горки е од истиот ред: „Одбивам, Алексеј Максимович, да земам учество во каква било филозофска дискусија“, едновремено значи „Вие, затоа, без престан да зборувате.“ Тоа е пакт со кој филозофијата се претвора во брборење за истото.

„Секое општо кое не е врзано за поединечното и особеното, кое не се претвора во нив, кое не се конкретизира во нив, кое не постои во нив и низ нив (и, се разбира, обратно, за секое поединечно и особено) е нереално, празно, апстрактно, субјективно и мртво општо.[2] - еве извадок од Хегеловите интерпретации на бугарскиот комунистички лидер и доктор на науки, Тодор Павлов.

Генерацијата на комунистите произведе ужасна редунданца, убиствено повторување на исти мантри, тавтологии како стил на живот. Од друга страна, тавтологијата е највисока форма на мислење, барем според Хегел, како што цинично пишува Кјеркегор: „Овој вид на тавтологии воопшто не е сиромашен и може, без тешкотија, да исполни цел еден живот.... а особено е употреблив на катедрите кадешто мора многу да се зборува“.[3] Смеењето на Ленин не е филозофски наивно. Тој прогласува дека: (1) Ако нема повеќе филозофи, професионални мислители, а филозофијата ја завршила својата работа, (2) тогаш, сите може да станат марксистички филозофи. Во смалена форма истото го кажува во 1977 и Едвард Кардељ: „Секако дека секој комунист или синдикален функционер не треба да биде научник. Но сите мора да се потпрат на маркистичката теориска мисла.“[4]


W.C. за комунисти

Има еден југословенски виц за две чистачки што полагаат за класа. Влегува првата. „Кажете каков знак е машка кондура на врата?“ „W.C. за машки.“ „Женска штикла?“ „W.C. за женски.“ „А петокрака?“ „W.C. за комунисти.“ Положила. Излегува и ја прашуваат какви прашања и’ паднале. Одговара: „Две од општа култура и едно од марксизам.“

Овој виц ја илустрира Лениновата теза за партизаните во филозофијата.[5] Ако целата филозофија стане партизанска, тогаш мислата ќе може да ја продолжи секој. Тоа не значи дека и чистачката ќе се подигне до ниво на експерт по марксизам, туку обратно, како во вицот, дека сега филозофијата се спушта и станува аматерска, па со неа може да се занимава секој. Ленин верувал дека филозофијата не се ни случува, дека филозофијата нема вистинска историја,[6] а ако нема историја, таа е празна, значи може да ја пополни секој. Кога Енгелс во „Германска идеологија“ вели дека филозофијата треба да исчезне – тој вели филозофијата беше како лабораторија на некој занаетчија, време е да се затвори таа лабораторија и сега секој, со мала обука, да отвори своја - иста.

Така марксизмот дојде до тезата за „сестраниот човек“. На посмртниот говор на гробот на Маркс од 1883, Енгелс вака му оддава почест: „Во која годе област Маркс да истражуваше – а тој истражуваше во многу области и во ниедна површно – во секоја област, дури и во математиката, тој направи независни откритија.“[7] Што го направило Маркс таков брилијантен ум кој од што-годе да се допрел, секаде правел радикални откритија? А поважно, што гарантира дека за истиот подвиг ќе биде способен секој следбеник на Маркс? Гарантот е самата особина на марксизмот да биде материјалистички. На истиот говор, Енгелс вели: „Како што Чарлс Дарвин го откри законот за развој на органската природа, Маркс го откри законот за развој на човечката историја.“[8] Енгелс, по таков пат, прв ја преместува мислата на Маркс од филозофија кон наука и таа наука добива свое име – историски материјализам. Една од последиците на ваквиот загарантиран научен статус е фактот дека не може никаде да згрешиш!

Ако добиеш признание во социјализмот, ти знаеш дека тоа признание не вреди пет пари, дека е лажно, но исто така знаеш дека над оваа вредност, друга нема.[9] Тоа е свет без себерефлексија. Комунизмот го укинува Бог и себеси се воспоставува како апсолут. Ако брцнеш во балонот на апсолутот, се’ се распаѓа, но затоа не смее да го доведеш во прашање тој балон оти само тој го гарантира твоето постоење. Ѓилас ги подучувал комунистите „Треба да се радуваме ако човек се убива во име на својот поглед на светот, со тоа револуцијата зајакнува“. Човекот е ослободен од отуѓувањето затоа што и самоубиството станува влог во системот, дури ни ако се самоубиеш не си слободен од системот. Нема излез.

Кога Алтисер игриво заклучува дека има „историски материјализам“, но нема „хемиски материјализам“,[10] тоа не значи дека нема да се воведе. Комунизмот станува ера на т.н. пролетерски науки, како спротивност на буржоаските. Во ерата на Сталин – се воведени две нови теории - јафетската теорија во лингивстиката и лисенкоизмот во биологијата. Моќниот Сталинов лингвист, Николај Мар, ја развил тезата дека луѓето од една класа зборуваат посличен јазик, дури и да се од две различни земји, одошто луѓето од различна класа, а во една иста земја. Неа ја нарекол јафетска теорија за јазикот. Рускиот работник може полесно да се разбере со францускиот работник, одошто рускиот работник со рускиот буржуј затоа што рускиот работник „некако“ развил „верзија“ на рускиот јазик што е многу поблиска до јазикот на францускиот работник. Дури и на Сталин му пречела оваа ступидарија, и по смртта на Мар во 1950, неговата теорија ја прогласил за погрешна примена на марксизмот. Сталиновиот директор на центарот за генетка, Лисенко, од советските медиуми величан како гениј, дури не развил никаква теорија со фактичка супстанција – се’ што рекол е дека има излез за кризата во советското земјоделство од 1930-тите години. Излезот гласел вака: заради својата вродена итроштина и интелигенција, селаните сами ќе доаѓаат до најдобрите резултати во земјоделството! Тоа била теоријата и во име на неа се вивнал во врвовите на советската наука, ги избркал биолозите и агрономите, а неговата „наука“ набрзо се претворила во хистерично владино барање за земјоделско самоснаоѓање околу посевите. Оваа наука своја примена нашла кај Мао Це Тунг кој во Кина наредил лисенкоизмот да стане водечки пристап во „решавање“ на земјоделските проблеми.

 

[1] Althusser, Louis (2001): Lenin and Philosophy and Other Essays, op. cit., 20.
[2] Lasić, Stanko (1970): Sukob na književnoj ljevici 1928-1952, op. cit., 203.
[3] Kierkegaard, Sören (1979): Ili-ili, op. cit., 37-38.
[4] Kardelj, Edvard (1977): Pravci razvoja političkog sistema socijalističkog samoupravljanja, op. cit., 173.
[5] Althusser, Louis (2001): Lenin and Philosophy and Other Essays, op. cit., 39.
[6] Исто, 33.
[7] “Karl Marx’s Funeral” во: Marx Engels Archive. Der Sozialdemokrat, March 22, 1883 Види:
http://marxists.anu.edu.au/archive/marx/works/1883/death/dersoz1.htm
[8] Ili, Džef (2007), Kovanje demokratije, Fabrika knjiga, Beograd, 75.
[10] Lasić, Stanko (1970): Sukob na književnoj ljevici 1928-1952, op. cit., 42.
[11] Althusser, Louis (2001): Lenin and Philosophy and Other Essays, op. cit., 23.

 

Слики: Готфрид Хелнвајн

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови:

25. Смеењето на Ленин

24. Комунизам и авангарда

23. Интелигенција и тајна интелигенција (за „затворските школи“)

22. Хистеријата на Троцки, Темпо...

21. Хумор
 

20. Кодните имиња на УДБА 2

19. Кодните имиња на УДБА 1

18. Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

17. „Со Сталин против Тито“

16Лошиот Тито?

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

 

 


Слични содржини

Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото