Не е снимано во Холивуд, ама е доснимувано

22.07.2009 14:46
аполо 11

Приказните за тоа дека Американците не се спуштиле на Месечината и дека сето тоа било претстава приредена за, на врвот на Студената војна, непосредно по успехот на Јуриј Гагарин, да се покаже надмоќта на САД, често се појавуваа во Русија.

Беа прикажувани и филмови во кои се докажува дека снимките од Месечината се наводно снимани од Земјата. Аргументите делуваат прилично убедливо – ако на Месечината има безвоздушен простор, како тогаш знамето се вее, или како можело да се сними симнувањето на Арсмтронг по скалилата на вселенскиот модул, и многу слични прашања.

Алексеј Леонов, првиот човек кој престојувал на отворено во вселената, учесник во советската „месечева програма“, и еден од кандидатите за првиот човек кој ќе стапне со нога на Месечината, многу објективно ја оценува ситуацијата и е еден од најогнените бранители на американското присуство на нашиот природен сателит. Неговото сведочење за руските медиуми има уште поголема вредност ако се знае колкаво соперништво постоеше тогаш меѓу двете велесили и која беше цената што обете беа спремни да ја платат само за да го надминат противникот.

„Дека Американците не стапнаа на Месечината можат да веруваат само апсолутно неуките луѓе. И, за жал, сите тие приказни за наводно исфабрикуваните кадри во Холивуд потекнуваа токму од САД. Патем, првиот човек кој почна да ги шири тие гласини беше осуден за клевета и лежеше во затвор“, вели Леонов.

А целата мешаница започна на прославата на 80-тиот роденден на Стенли Кјубрик, кога неговата сопруга, во разговорот со некој новинар изјавила дека на земјата постојат само два вистински месечеви модула – еден во музеј, а другиот во Холивуд, каде „беше доснимувано слетувањето на Американците на Месечината“.

Леонов не негира дека имало доснимување, но тврди дека тоа било неопходно за гледачот да може да види што се случувало од почеток до крај, и дека тоа е практика во многу документарни филмови.

„На пример, не можеле да снимат како Армстронг ја отвора вратата на вселенскиот брод кој се спушти на Месечината. Тоа, едноставно, немало кој да го сними однадвор. Од истата причина не можело да биде снимано и неговото слегување по скалилата. Тоа навистина Кјубрик го додал во холивудксите студија, за гледачот да може да ја има целосната слика на тој историски подвиг“, вели легендарниот советски космонаут.

Тој додава дека астронаутите почнале да снимаат неколку минути по спуштањето, бидејќи им требало време да се снајдат и да ја постават антената преку која сликата се пренесувала на Земјата. Леонов го урива и крунскиот аргумент на поддржувачите на „теоријата за заговор“ – веењето на знамето.

„Знамето не може да се вее во безвоздушен простор. Тоа било направено од прилично цврста армирана ткаенина и завиткано во ролна врз која била навлечена навлака. Астронаутите најпрво во основата, која колку што можеа ја закопаа во месечевата површина, ја ставија металната шипка на која беше прицврстено знамето, па дури потоа ја тргнаа навлаката. Платното почна, во услови на намалена гравитација, да се одмотува, а деформацијата на арматурата која почна да се исправува, создаде впечаток дека знамето се вее како да има ветар.“

Космонаутот истакнува дека приказната за снимање на целиот настан на Земјата е смешна. Во Америка постоеле системи кои го следеле полетувањето на ракетата, корекцијата на орбитата, летањето околу Месечината, спуштањето на капсулата и нејзиното приземјување. Иако Советскиот сојуз и Кина биле единствените земји кои не го пренесувале директно спуштањето на Месечината, Леонов, како еден од малубројните одбрани космонаути, сето тоа го следел преку војниот канал.

„Кога Армстронг стапна на површината на Месечината и ние, советските космонаути, бевме длабоко свесни за значењето на тој момент, ги држевме стиснати тупаниците за среќа, и искрено и’ посакувавме успех на целата експедиција.“

Космонаутот смета дека најдоброто натпреварување кое некогаш се случило во историјата на човештвото е токму натпреварот меќу САД и СССР во вселенските програми.

ОкоБоли главаВицФото