Станете Спајдермен барем за миг

23.01.2012 16:33
Станете Спајдермен барем за миг

Пред речиси една година пишувавме за интересната инсталација на аргентинскиот уметник Леандро Елрих која ја скокотка фантазијата и си поигрува со нашата перцепција, а сега и неговото најново дело повторно кокетира со оптичките илузии, визуелните замки и огледалните пресликувања.

Станува збор за делото наречено Bâtiment (Зграда), проект кој навидум ги поништува основните закони на физиката, претставен како дел од изложбата „In_Perceptions“ која моментално се одржува во парискиот културен центар Le 104.

Инсталацијата се состои од намалена реплика на фасада од типична хаусмановска палата од 19-от век, положена на подот од галеријата. Пред макетата е закачено огромно огледало кое одразува сè што се случува на подот, а гледајќи во својот одраз, посетителите изгледаат како да се качуваат по деловите на фасадата: оградите, прозорците, украсите. Иако е употребен малку тривијален трик, овој уметник сепак успева да ни ги збуни сетилата и да ни овозможи да се почувствуваме како Човекот-пајак барем за кратко.

Извор: www.leandroerlich.com.ar

ОкоБоли главаВицФото