Десет причини зошто САД повеќе не се земја на слободните

24.01.2012 11:27
Десет причини зошто САД повеќе не се земја на слободните

Угледниот американски весник The Washington Post објави обемен текст во кој директно се наведуваат причините поради кои САД повеќе не се, како што често се нарекуваа, „земја на слободните“ (land of the free). Во својот критички осврт весникот наведува дека бројните нови закони и одредби, кои стапија на сила по нападите од 11 септември 2001 г., во голема мера ги укинаа личните слободи.

Интересен е податокот дека долги години токму САД беа главните критичари на бројните „недемократски“ пракси низ светот, а денес токму истите се спроведуваат во САД. Со доаѓањето на Барак Обама на власт, се очекуваше дека големата антитерористичка хистерија од ерата на Буш ќе заврши или барем ќе се ублажи, но се случи токму спротивното. Не само што Обама не ги укина бројните закони кои ги засегаат личните слободи на граѓаните туку донесе и нови – поригорозни – мерки.

Според весникот The Washington Post, ова се десетте контроверзни причини зошто САД повеќе не се земја на слободните:

1. Убивање американски граѓани

Обама, исто како и Џорџ Буш пред него, го одобрува убивањето терористи без судење. Но, за администрацијата на Обама оваа пракса важи и во случај да станува збор за американски граѓани. Како пример се наведува убиството на Анвар ал-Авлаки (Anwar al-Awlaqi).

Минатиот месец администрацијата потврди дека „претседателот има право да нареди убиство на секој жител на САД доколку смета оти истиот би можел да биде поврзан со тероризам“. Весникот Washington Post потсетува дека во исто време жестоко се критикуваат Нигерија, Иран и Сирија бидејќи имаат слични закони.

2. Бесконечно затворање

Според контроверзниот закон одобрен минатиот месец од страна на Обама, осомничените за тероризам ќе ѝ бидат предадени на војската која може бесконечно да ги чува затворени без право на судење.

3. Произволна правда

Отсега претседателот може да реши дали одредена личност ќе биде судена пред федерален суд или пред воен трибунал. Оваа мерка ја воведе Буш, а Обама ја продолжи. Истовремено се критикуваат Кина и Египет поради идентични закони.

4. Претрес без налог

Претседателот може да нареди надзор без налог, вклучувајќи надзор над финансиите, комуникациите и другите информации. Буш го донесе овој закон врз основа на т.н. „патриотски акт“ од 2001 г. Обама дополнително го прошири постоечкиот закон – сега може да се пребарува речиси сè, од деловни документи до библиотечни записи.

5. Тајни докази

Американската влада сега веќе рутински користи тајни докази за да затвора поединци. Тие тајни докази се користат и на федералните и на воените судови.

Тоа воедно значи дека повеќе не може да се поднесат тужби против државата, бидејќи државата во тој случај наведува дека отворањето тајни документи би ја загрозило националната безбедност. Судовите го прифаќаат овој аргумент без никаков приговор. Со други зборови, владата сега може „со тајни правни аргументи да започнува тајни процеси користејќи тајни докази“, наведува Washington Post.

6. Воени злосторства

Целиот свет бараше судење за оние кои стоеја зад практиката на измачување со вода за време на Бушовата администрација, но Обама во 2009 г. наведе дека нема да дозволи да се води никаква истрага против припадниците на ЦИА.

Со тој чин Обама реши да не се води според т.н. „Нирнбершки начела на меѓународното право“. Кога Шпанија се обиде да спроведе истрага против Џорџ Буш, администрацијата на Обама го искористи сето свое „влијание“ за да се откаже процесот. Истовремено американската влада си зема за право да бара истраги во други земји. Како такви случаи Washington Post ги наведува Србија и Чиле.

7. Тајни судови

Владата ја зголеми активноста на т.н. таен суд која се спроведува во соработка со тајните служби. Обама во 2011 г. ги прошири истрагите кои сега можат да се водат не само против лица осомничени за тероризам туку и против лица кои соработуваат со т.н. „непријателски влади и организации“.

Ограничувањата кои претходно ги донесе Конгресот новата влада, едноставно, ги игнорира. Јасно е видливо како со претходно наведените закони и правилници американската влада денес има можност да води процес против исклучително голем број луѓе.

8. Заштита на компаниите, имунитет од судска ревизија

Исто како и за време на Бушовата администрација, Обама ја продолжи праксата која им дава правен имунитет на сите компании кои учествуваа во надзор на граѓаните. Со други зборови, граѓаните немаат никакви правни можности да се жалат за повреда на приватноста.

9. Постојано следење на граѓаните

Администрацијата на Обама успешно го спроведе законот со кој граѓаните сега можат да се следат и преку ГПС навигација.

Без никаква дозвола или налог, преку ГПС уредот може да се следи секој чекор на секој жител, истакува Washington Post. Многу стручњаци и правници овој потег веќе го окарактеризираа како „Орвеловски“. На пример, ФБИ може да постави ГПС уред за следење на возилото без знаење на сопственикот.

10. Вонредни испорачувања

Американската влада денес има можност за трансферирање на кој било жител во која било друга држава под системот на т.н. „вонредни испорачувања“ (Extraordinary renditions).

На тој начин адмиистрацијата осомничените граѓани тајно ги префрла во други земји како што се Саудиска Арабија и Пакистан, каде што над нив се вршат разни измачувања кои законски се недозволени во САД. Овој закон за време на Обама беше проширен и на американските граѓани.

***

Весникот Washington Post заклучува дека новите контроверзни закони во добар дел се донесени поради огромните парични средства кои се трошат за експанзија на безбедносните системи на државно и федерално ниво. Масовната антитерористичка бирократија, едноставно, се извлекува од контрола. Денес овој сектор вработува десетици илјади луѓе.

Во време кога претседателот има апсолутна моќ да затвори или убие кого сака, слободата и човековите права остануваат само мртви букви на хартијата, заклучува The Washington Post.

Извор: washingtonpost.com

ОкоБоли главаВицФото