Против орбанизација на Унгарија

25.01.2012 10:59
Против орбанизација на Унгарија

Опиен од својата власт, унгарскиот премиер Виктор Орбан по убедливата изборна победа во 2010 г. вети дека со својата политика од корен ќе ја промени оваа поранешна комунистичка држава. Конзервативниот претседател на владата барем го одржа тоа ветување. Унгарија е на пат кон „орбанизација“. А Европа најпосле реагираше. Со помош на двотретинското мнозинство во парламентот, Орбан, од кој често се слушаат националистички тонови, се обидува на сите важни места во политиката и судството да постави свои верни следбеници.

Кога лани сакаше да ги замолкне критично настроените медиуми, во Европа се појави отпор. Законите за медиумите под притисок на Брисел мораа да бидат ублажени. И сето тоа се случуваше за време на унгарското претседателство со ЕУ. Сега, една година подоцна, Орбан ја премина секоја мерка. Новиот националистички обоен Устав и ограничувањето на независноста на унгарската централна банка беа премногу за Европската комисија. Таа се смета за чувар на европските договори и затоа со полно право започна три постапки против Унгарија за нивно прекршување.

Тоа не е невообичаено. Комисијата секоја година води стотици вакви постапки бидејќи националното право не е ускладено со одредени прописи на ЕУ. И против Германија често се водеа постапки, на пример, поради законот за Фолксваген или финансирањето на покраинските банки. Но постапката против Унгарија има и друга димензија. Овојпат станува збор за основните политички начела на европската демократија. Многу ретко некоја од членките на ЕУ се покажале толку тврдоглави и неразумни како Унгарија. ЕУ има добри изгледи да го наметне своето мислење на крајот бидејќи, како што знае некогаш судбината да посака, на Унгарија во овој период ѝ е потребна европска помош. Виктор Орбан со својата фатална економска политика ја доведе својата земја до работ на пропаста, и сега од ЕУ и ММФ бара кредити за спасување. Сè додека постојат обвиненијата за прекршување на договорите, владата на Орбан не смее да добие пари. Поддршката на унгарските гласачи за Орбан се стопи. Ако денес би се одржале избори, Орбановата партија Фидес сигурно не би добила мнозинство во парламентот.

Ако Виктор Орбан не попушти, тогаш во ЕУ на повидок е нова криза. Унгарската влада би можела да го прогласи спорот со Брисел за борба за достоинство и сувереност. Европската комисија заедно со Европскиот суд на правдата мораат да го спроведат правото, ако треба и со помош на парични казни или одземање на правото на глас.

Опасноста е голема за од овој спор корист да можат да имаат само унгарските десничари. Тие веќе сега на улиците на Будимпешта бараат излегување од ЕУ. Десничарската Јобик е трета партија според гласовите во парламентот, но поради премоќното мнозинство на Фидес не игра голема политичка улога. Орбан, во чија реторика се наѕираат авторитарни и националистички црти, во своите раце го држи понатамошниот курс на унгарскиот пат кон Европа. Ако попушти, спорот брзо ќе се реши. Но, ако стави сè на националистичката карта, пред ЕУ се наоѓаат бурни времиња, без разлика на должничката криза која сега ја тресе.

Виктор Орбан, човекот кој потекнува од демократските движења, денес попрво се чини како мешавина од препотентниот Берлускони и недемократскиот Путин. А Европската унија не го заслужи тоа.

Авторот е надворешнополитички коментатор на Deutsche Welle

Извор: Deutsche Welle

Илустрација: Ема Лофстром

ОкоБоли главаВицФото