Истражување: марихуаната не им штети на белите дробови

25.01.2012 11:26
Истражување: марихуаната не им штети на белите дробови

Повременото пушење канабис не им штети на белите дробови, велат резултатите од досега најобемното истражување кое е спроведено на оваа тема, а кои се објавени во САД.

Податоците од истражувањето, објавени во списанието ЈАМА на Американското здравствено здружение (Journal of the American Medical Association), покажаа дека канабисот, за разлкика од тутунот, не му пречи на функционирањето на белите дробови.

Во истражувањето учествуваа 5115 лица, на возраст меѓу 18 и 30 години, од четири американски градови.

37% од испитаниците навеле дека пушеле по еден џоинт со марихуана во текот на неделата, а поголемиот дел од нив биле и пушачи на цигари (околу 9 цигари дневно), додека 17% од испитаниците користеле само канабис.

За време на истражувањето тие биле подложени на прегледи на белите дробови, а стручњаците го проценувале влијанието на тутунот и марихуаната кај испитаниците кои ги консумирале двете, или само една од супстанците.

Анализите покажале дека канабисот нема штетно дејство врз функционирањето на белите дробови, додека тутунот е штетен.

Со истражувањето и преку тестови се утврдени оштетувања на белите дробови кај оние кои пушеле цигари, додека кај испитаниците кои користеле само марихуана секојдневно за време на седум години, или еднаш неделно за време на дваесетгодишен период, не било регистрирано никакво влошување во работата на белите дробови поврзано со таа дрога.

Автори на истражувањето се универзитетите од Сан Франциско и Алабама, а 20-годишното истражување, кое започнало во 1985 г., е финансирано од федералните власти во САД.

Извор: autonomija.info