Историја на aтеизмот (2)

26.01.2012 16:40
Историја на aтеизмот (2)

Првиот атеист во новото доба бил Жан Меслије, поранешен свештеник кој се премислил и прв отворено го негирал постоењето на бог, и кој коментирал дека вероисповедта е средство за контролирање на масите.

Посредно знаеме и за траги на безбожништво меѓу словенските и нордиските пагани, но овде настанува проблем, од една страна, поради недостаток на истражување на истото, а од друга страна, во своето ширење низ Европа христијанството користело секакви средства за уништување на секоја трага од паганството, па текстовите пишувани на овчи и други кожи се сурово уништувани, а еповите се менувани во корист на христијанството. Тоа го гледаме и во најпознатиот германско-нордиски еп – сагата за Нибелунзите. Повеќе не постои ниедна верзија која не го вклучува христијанството, иако преживеале некои кои ги прикажуваат христијаните како зли освојувачи; во нив дел од народот ги критикува оние кои го прифаќаат христијанството и му вртат грб на богот Один, додека некои се рамнодушни, навестувајќи дека тоа е само борба за власт бидејќи ни христијанските ни нордиските богови не се навистина реални. Сличен проблем се јавува и кај централно и јужноамериканските цивилизации, чии списи (над 40 000) шпанските свештеници немилосрдно ги спалувале, учејќи ги Инките и Ацтеките на христијанството, па денес немаме траги дека овие народи имале некаква идеја за безбожништво.

Средниот век во Европа не е вреден за споменување во оваа приказна бидејќи по 387 г., кога христијанството станува официјала и единствена религија на Римската империја, сите кои мислеле поинаку биле прогонувани и убивани. Дури во периодот на ренесансата се јавуваат првите критики на христијанството и спротивставување на верските авторитети со аргументи. Носители на скептицизмот биле Леонардо да Винчи, Галилео Галилеј, Николо Макијавели и др., но иако им се противеле на некои верски догми никој од нив не го негирал бог како творец. Зборот „атеист“ (наспроти сеприсутниот назив „безбожник“, кој постои отсекогаш и во речиси секој јазик) настанал во 1566 г. и до крајот на 18-от век имал погрдно значење, а постоел само како референца во теолошките расправи. Во новопојавениот ислам во 9 и 10 век се појавиле неколку интелектуалци кои ја критикувале религиозната догма. Ибн ал-Раванди догмите ги сметал за неразумни и сметал дека треба да се укинат. Тоа го поддржувале и физичарот и филозоф Абу Бакр ал-Рази и поетот Ал-Маари.

Првиот атеист во новото доба бил Жан Меслије, поранешен свештеник кој се премислил и прв отворено го негирал постоењето на бог, и кој коментирал дека вероисповедта е средство за контролирање на масите. По него доаѓа Пол Холбах (Paul-Henri Thiry, Baron d’Holbach), кој во 1770 г. под псевдоним ја напишал книгата „Систем на природата“ (закони за моралниот и физичкиот свет). Бил дел од интелектуалната елита од тоа време и се дружел со Жан-Жак Русо, Дејвид Хјум, Адам Смит и Бенџамин Френклин. Американската војна за независност и Француската револуција влијаеле на создавањето на Култот на разумот, кој за цел има да го замени христијанството се атеистичкиот систем на верување во Франција. Жак Ебер, Антоан-Франсоа Моморо, Пјеј-Гаспар Шомет и Жозеф Фуше (Jacques Hébert, Antoine-François Momoro, Pierre-Gaspard Chaumette, Joseph Fouché) го воделе ова движење преку новинарството, политиката и војувањата низ Франција. Фуше бил командант на јакобинците, па разумот и атеизмот биле ширени со перо и со меч сè до 1794 г., кога Робеспјер, засведочениот деист, ги испратил првенците од оваа група на гилотина.

Една од најважните личности за атеизмот каков што го познаваме денес е Лудвиг Фоербах, филозоф и антрополог. Бил ученик на Хегел, а неговите дела имале силно влијание врз неговите современици. Во 1830 г. го објавува списот „Мисли за смртта и бесмртноста“, во кој ја отфрла верата во бесмртноста; книгата ќе биде забранета, а Фоербах до крајот на животот нема да добие работа како предавач. Подоцнежните дела „Суштина на христијанството“ и „Предавања за суштината на религијата“ ги оттикнале другите интелектуалци да тргнат по неговиот пат, а најбитни се Артур Шопенхауер, Фридрих Ниче и Карл Маркс.

Првиот атеистички проглас на англиски јазик („Неопходноста на атеизмот“) го напишал англискиот поет Перси Буше Шели (Percy Bysshe Shelley) и заради тоа бил исфрлен од универзитетот Оксфорд во 1811 г. Тој бил следбеник на движењето на слободни мислители во Англија, на кое му припаѓале Вилијам Мулине и Енбтони Колинс, како и на истото движење во Франција, предводено од Волтер. Најбројното атеистичко движење (Лигата на слободни мислители на Германија) настанало во Франкфурт 1881 г. и ги собрало сите германски атеисти од тоа време (имале над половина милион членови). Од него произлегле и неколку пролетерски организации. Во текот на 1920-те години членовите на ова движење масовно се испишувале од црквата, но, за жал, неговите водачи се сменети и исфрлени кога советските милитантни лидери ги презеле сличните организации низ Европа. Со подемот на Хитлер на власт, сите здруженија на слободните мислители се згаснати и забранети, а голем број од водачите се прогласени за предавници и уапсени.

Во САД, од самото настанување на државата, постоеле неколку истакнати атеисти, почнувајќи од Бенџамин Френклин, но и Џорџ Вашингтон, Џон Адамс, Томас Џеферсон и Џејмс Медисон (првите четворица претседатели на САД). Покрај нив, на таа листа се и Томас Пејн, автор на памфлетот „Здрав разум“, кој ја поддржувал независноста на колониите, претседателите Абрахам Линколн и Вилијам Тафт, како и еден од најголемите американски писатели, Марк Твен. Поттикнати од германската лига на слободни мислители, и во неколку американски сојузни држави се појавиле неколку слични здруженија. Атеизмот во САД нагло опаѓа по подемот на Советскиот сојуз, кој го промовира комунизмот и ги задушува верските слободи, а посебно за време на Студената војна. Тогаш, покрај заканата од комунизмот, со кој одела и промоцијата на атеизмот, Америка сè повеќе се свртува кон религијата со максимална поддршка од страна на државата. Всушност, СССР никогаш не ја забранил религијата, но ги ограничувал правата на црквата и на верниците им оневозможувал искачување на општественото скалило. Единствената прогласена атеистичка држава во историјата била Албанија за време на Енвер Хоџа, од 1967 до 1991 г.

По падот на Берлинскиот ѕид и крахот на СССР, ситуацијата се менува: црквата повторно добива на важност во Русија и другите земји од поранешниот Варшавски пакт, додека во земјите од Западот, со исчезнувањето на комунистичката закана, атеизмот повторно станува прифатлив. Тоа не било проблем во земјите во кои населението главно не е побожно, како Шведска, Данска, Норвешка и Естонија, но е во други земји, како Америка, на пример. И покрај фактот дека над 90% од научниците се изјаснуваат како неверници или атеисти, мнозиството Американци се многу религиозни, а во САД се наоѓа и најголемиот број разни цркви – главно христијански деноминации; во овој миг кон овој тренд сигурно не помагаат и терористичките напади на исламистичките екстремисти. Тоа е и една од причините за настанувањето на движењето наречено „Нов атеизам“, кое могумина го критикуваат како милитантно и агресивно. Книгите кои ги популаризира ова движење главно промовираат атеизам, антитеизам и хуман секуларизам, ги критикуваат религијата и верските водачи, и преку научнопопуларни четива се обидуваат да им ја претстават науката на луѓето како единствен начин да се дојде до вистината. Водечки промотери на ова движење се Ричард Докинс, Сем Харис, Кристофер Хиченс и Даниел Денет, познати и како Четирите јавачи на Новиот атеизам.

(крај)

Извор: velikiprasak.com

За првиот дел, кликнете овде.

So pojavata na teizmot se

So pojavata na teizmot se pojavuva i ateizam.Dovolno e da se setime na zborovite na Ksenofan uste vo antikata,Ksenofan veli -koga zivotnite bi imale razum i sposobnost za likovna umetnost sigurno svojot bog ne bi go nacrtale kako covek.Poznato e deka antickite narodi bile mnogu sueverni.Ne me cudat podocneznite teisticki ili ateisticki manipulacii na vladatelite koj na toj nacin sakale da se priblizat do narodot.Deneska nasite politicari i po krstot bi skakale da e manifestacijata negde vo avgust.

Критиката на Ксенофан е

Критиката на Ксенофан е критика на антропоморфизмот и затоа, од некои, е сметан за прв монотеистички философ, зашто во еден од фрагментите вели: Еден е бог, така што не би го поврзал него со атеизмот, веројатно Протагора и Горгија се многу поблиску до таа категорија, ако зборуваме за античките философи.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото