Окупирај го Волстрит впечатоци

27.01.2012 11:40
Окупирај го Волтстрит импресии

Седам во паркиран автомобил во предградието Хјустон во Тексас и разговарам со Арундати Рој, авторката на книгата „Богот на малите нешта“, која вози накај Бостон, 2 000 милји подалеку од мене. И сама поминав 7 000 милји известувајќи за движењето „Окупирај“ од 23 града.

Зошто сакавте да го посетите „Окупирај го Волстрит“ и какви се вашите впечатоци?

Арундати Рој: Како да не одам таму? Имајќи предвид што имам сработено низ годините наназад, ми се чини дека интелектуално и теориски беше прилично предвидливо дека ова во одреден момент и ќе се случи. Но, не можам да речам дека не се изненадив и израдував кога навистина се случи. Сакав и самата да ги видам обемот, текстурата и природата на собирот. Кога за првпат појдов таму поради сите тие шатори тоа повеќе личеше на камп, а не на протест, но со тек на време успеа да се профилира. Некои луѓе беа упорни и тоа стана средиште на окупирањето за другите кои сакаат да се организираат, да размислат за некои работи. Како што реков и во говорот на Народниот универзитет, се чини дека со ова се воведува еден нов политички јазик во САД, јазик кој не така одамна се сметаше за богохулен.

Дали мислите дека движењето „Окупирај“ треба да се дефинира како окупирање на еден конкретен простор или повеќе?

Арундати Рој: Мислам дека поентата на овие протести не е во заземање на физичка територија, туку во будење на нови политички имагинации. Мислам дека државата нема да им дозволи на луѓето да заземат некој конкретен простор доколку не мисли дека со таквата дозвола ќе создаде кај граѓаните некоја помиреност, и дека така ќе се изгуби ефективноста и итноста на протестите. Фактот дека во Њујорк и во другите места луѓето се тепани и протерувани покажува на нервоза и конфузија во редовите на владеачкиот естаблишмент. Мислам дека со ова движење настана, или би требало да настане, движење на разновидни идеи и акции каде што факторот на изненадување го контролираат демонстрантите. Мораме да го зачуваме факторот на интелектуална заседа и неговата физичка манифестација, за која владата и полицијата секогаш ќе бидат неподготвени. Движењето мора постојано да се обновува, бидејќи заземањето на одредени територии нема да е толерирано во држава којашто е толку моќна и насилна како САД.

Истовремено, окупирањето на јавните простори го привлече вниманието на јавноста. Што мислите, зошто?

Арундати Рој: Мислам дека тука имавме едно огромно прикриено незадоволство коешто овие движења наеднаш и ненадејно почнаа да го искажуваат. Движењето „Окупирај“ пронајде места каде што луѓето што се бесни можат да дојдат и да го поделат својот бес со останатите. Тоа е особено значајно во секое политичко движење. Окупираните простори послужија за мерење на нивото на бес и незадоволство.

Велите дека проектот е нападнат? Десетина окупации се затворени, раселени, барем привремено. Што мислите, која е следната фаза од движењето?

Арундати Рој: Не знам дали сум квалификувана за да ви одговорам на ова прашање, бидејќи не поминувам многу време во САД, но претпоставувам дека движењето ќе се собира секогаш одново на различни начини, и дека бесот кој е предизвикан од рецесијата ќе влијае на негово проширување. Но, на крајот поголема опасност е дека движењето може да се прелее во претстојната изборна кампања. Тоа претходно го видов кај антивоените движења тука, а во Индија се случува постојано. Целата енергија оди на поддршка на „подобриот човек“, во овој случај Барак Обама кој, всушност, шири војни низ цел свет. Изгледа дека предизборните кампањи го исцицуваат политичкиот бес, па дури и основната политичка интелигенција ја претвораат во некаков голем водвиљ, после кој сите ќе завршиме на местото од каде што сме тргнале.

Вашите есеи како „Важноста на заедничките добра“ и „Шетање со другарите“ говорат за корпорации, војски и држави кои насилно ја окупираат туѓата земја во Индија. Како овие окупации и отпори изгледаат во споредба со движењето „Окупирај“?

Арундати Рој: Се надевам дека луѓето од движењето „Окупирај“ се доволно политички свесни и дека знаат дека тоа што се исклучени од срамното штанцање пари на американските корпорации е дел од истиот систем на исклучување од војните коишто ги водат овие корпорации, да речеме во Индија, Африка и на Блискиот Исток. Уште од Големата економска криза, знаеме дека еден од најважните начини да се стимулира растот на американската економија е производство на оружје и извоз на војни во други земји. Останува да се види дали ова движење претставува движење за правда за исклучените во САД или тоа е движење против меѓународниот систем на глобално финансирање којшто произведува глад и сиромаштија во незамислив обем.

Пишувавте за потребата од поинаква имагинација од капиталистичката. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Арундати Рој: Мошне често ги мешаме или воопштено ги користиме термините „расипан капитализам“ или „неолиберализам“ само за да го избегнеме зборот „капитализам“. Овој модел на американска економија, спакуван во кутија со етикета „демократија“, доведе до тоа 400 најбогати луѓе во САД да поседуваат еднаква сума на пари колку половина население. Илјадници луѓе остануваат без работа и дом, а државата им подарува милијарди долари на корпорациите.

Во Индија, стоте најбогати луѓе поседуваат богатство еднакво на четвртина од бруто домашниот производ. Тука нешто е наопаку. Ниеден поединец и ниедна корпорација не треба да може да натрупа толкави количини на богатство. Парите не смеат да бидат нашата единствена награда. Корпорациите со вакви огромни профити можат да имаат сè: медиуми, универзитети, рудници, индустрија за оружје, болници, производство на лекови, невладини организации. Тие можат да купат судии, новинари, политичари, издавачки куќи, телевизиски станици, книжарници, па дури и активисти. На ваквиот монопол, со ваква испреплетена мрежа на делување, мора да му се стави крај. Приватизацијата на здравството и образованието, природните ресурси и основната инфраструктура е толку опачна и толку спротивна со сè што би можело да има интерес за луѓето и животната средина во средиштето на државната политика.

Како би изгледала таа поинаква имагинација?

Арундати Рој: Министерот за внатрешни работи на Индија изјави дека сака 70% од населението на Индија да живее во градовите, што подразбира преселба на околу 500 милиони луѓе со нивниот имот. Тоа не може да се изведе без Индија да се претвори во воена држава. Така што, во шумите на централна Индија и во многу рурални области се води голема битка. Рударските компании и градежниците коишто прават брани и патишта, протеруваат милиони луѓе од нивните имоти. Ова не се луѓе коишто се западнати во потрошувачката култура, во западната идеја за цивилизација и напредок. Тие се борат за својата земја и својата работа, одбиваат да бидат ограбени за некој таму некаде да напредува на нивен трошок.

Во Индија имаме милиони внатрешно раселени лица. И сега, тие го ставаат животот на коцка и се борат. Илјадници од нив се убиени или фрлени во затвор. Тоа е борба меѓу две имагинации, борба за редефинирање на значењето на цивилизацијата, или значењето на среќата, или значењето на задоволството. Тој свет мора да види, во некој момент, додека нивото на водата опаѓа и додека преостанатите минерали од планините се носат некаде, бидејќи ќе стигнеме до криза од којашто нема враќање. Луѓето кои ја произведоа кризата не можат да бидат истите што ќе најдат решение за излез од неа.

Затоа, мораме на обрнеме внимание на поинаквата имагинација: имагинација надвор од капиталистичката, како и од комунистичката рамка. Набрзо ќе мораме да признаеме дека овие луѓе, исто како и милионите староседелци кои се бореле да го спречат одземањето на нивната земја и уништувањето на нивните средини – луѓето кои сè уште ја знаат тајната на одржливиот живот – не се реликвии на минатото, туку водичи за нашата иднина.

Во САД, движењето „Окупирај“ после многу години, за прв пат ги направи видливи сиромашните и бездомниците. Како го коментирате тоа?

Арундати Рој: Тоа е толку различно од она што го имаме во Индија. Во Индија сиромаштијата е толку голема што е надвор од контрола на државата. Државата може да ги тепа луѓето, но не може да спречи излевање на сиромашните на улица, во градовите, парковите, на железничките станици. А овде сиромашните беа толку невидливи бидејќи очигледно овој модел на успех кој се прикажува во светот ги сокрива сиромашните. Но, мислам дека ќе дојде време кога движењето ќе мора да формулира нешто друго освен чист гнев.

Што мислите за терминот „окупација“ кој е сега преземен и се користи во позитивен котекст, иако секогаш бил еден од најрепресивните термини на политичките говори?

Арундати Рој: Како писателка, секогаш говорев дека покрај безобразно богатите милијардери и јазикот е една од работите коишто мора ги повратиме. Кога се зборува за демократија или слобода, во нивниот јазик тие термини имаат, всушност, обратно значење од нивното вистинско значење. Затоа мислам дека извртувањето на значењето на зборот „окупација“ е добро, но би рекла дека уште нешто мора да се доработи. Треба да речеме „Окупирај го Волтстрит, а не Ирак“, или „Окупирај го Волтстрит, а не Авганистан“, „Окупирај го Волтстрит, а не Палестина“. Овие две работи мора да се спојат.

Ширум целата земја, многу демонстранти со коишто разговаравме изгледа дека не може да се помират со своите очекувања од Обама во споредба со она што Обама навистина е. Кога им говорам за тоа што тој навистина работи, велат: „Рацете му се врзани; републиканците се криви, не е тој“. Зошто мислите дека луѓето така реагираат, дури и на протести?

Арундати Рој: Во Индија го имаме истиот проблем. Имаме десница која е опасна и отворено неморална, нејзиното име е Баратија џаната (БЈП). Потоа, имаме Конгресна партија која прави можеби уште полоши работи, но под маса. Луѓето мислат дека изборот им се сведува на овие две партии. Мојата поента е дека за кого и да гласате тоа не мора да го исцрпи целиот кислород од политичката дебата. Тоа е само лажна претстава, која на некој начин е осмислена да го заузда гневот и вас да ве натера само за тоа да размислувате и зборувате. А, всушност, бирате меѓу два вида детергенти коишто ги произведува иста компанија.

Дали е тоа недостаток на нашата имагинација?

Арундати Рој: Се работи за паѓање во прилично добра замка. Но, тоа се случува секаде и ќе се случува секаде и понатаму. Дури и јас знам, дека ако утре се вратам во Индија и на власт дојде БЈП, лично ќе имам повеќе проблеми отколку да е на власт Конгресната партија. Но, системски, во смисла што се работи, меѓу нив нема никаква разлика бидејќи одлично заработуваат, цело време. Затоа нема да потрошам ниту минута од своето време, ако треба да зборувам и да убедувам луѓе дека треба да гласаат за една од двете партии.

Значи ли тоа, дека ова движење, ве инспирира вас, како писателка?

Арундати Рој: Па, да речеме дека ме теши. Чувствувам дека ми е на некој начин награда за она што сум го правела, заедно со стотици други, дури и тогаш кога изгледало сосема бесмислено.

Извор: Z Magazine

Илустрации: Акира Хорикава

Друго интервју со Арундати Рој на Окно.

ОкоБоли главаВицФото