Направи сам

27.01.2012 13:28
Направи сам

(десно: киоскот Кекс)

Петер Фатингер води проектно-изведбени студии на Техничкиот универзитет во Виена. Студиите се замислени како интензивна пракса за проектирање и изведување на работите. Преку заедничка работа студентите минуваат низ сите чекори на развој на градбата, од скиците до последните поправки, а на задачата ѝ пристапуваат според принципот „направи сам“, што значи дека сами ги иницираат проектите, сами ги водат проектите и сами ги градат, а понекогаш и сами работат во изградените објекти од јавна намена. Проектите на кои работат можат да се поделат на две групи: привремени инсталации во јавните простори на европските градови и трајни проекти, јавни градби како што се детски градинки и сиропиталишта во Јужна Африка или Индонезија. Трудовите на овој колектив се прикажани на повеќе меѓународни изложби, а моментално се ангажирани и околу првата трајна градба во Виена.

Предавање на Петер Фатингер

Привремени проекти во Европа

Првиот „Направи сам“ проект го изведовме во 2000 г., кога група од 25 студенти изработи мал, модуларен и подвижен киоск наречен „Кекс“. Бидејќи не беше едноставно во толку голема група да се работи на така мал проект, се поделивме во 6 тимови од кои секој проектираше и изработи по еден егмент од киоскот наменет за одредена функција, како што се барот, кујната, пултот, сцената и дневниот престој. Студентите сами го изработија киоскот, и секој сегмент беше изработен во различен материјал, од полиестер до поцинкуван лим, а нужна беше соработката меѓу тимовите за на крајот сите делови да се поврзат во целина. По две недели разработка на проектот и три недели изведба на истиот, студентите го зазедоа просторот пред Универзитетот во Виена и го поставија кисокот во блискиот парк. Следната фаза на проектот се состоеше од работење во самиот киоск. Во текот на четири зимски недели студентите послужуваа варено вино, готвеа, подготвуваа приредби или концерти. Следните години кисокот повторно беше поставуван на неколку недели во зимскиот период, а заработените пари ги вложувавме во нови проекти.

Три години по овој проект бев повикан, заедно со колегата Михаел Риепер и студентите, да учествуваме во програмата во Грац по повод манифестацијата „европска културна престолнина“. Изведовме инсталација покрај фасадата на барокната палата Thienfeld во самиот центар на градот. Проектот го нарековме „Површина“, а го искористивме за да го проблематизираме односот меѓу јавниот и приватниот простор – покрај фасадата подигнавме градежно скеле (како еден вид втора кожа на самата градба) во кое вградивме инфраструктура за секојдневните животни потреби. Студентите и овојпат беа поделени во групи, а секоја група проектираше и изработуваше по еден модул – кујна, дневна, спална, работна соба или простор за одмор. Сите модули на крајот беа вградени во скелето и поврзани со патеки и скалила, а во текот на наредните три недели студентите живееја во самата структура и ги доработуваа модулите.

Кулата Add-on во Виена

Две години подоцна ја развивме идејата за „Површина“ во соработка со Вероника Орсо и Михаел Риепер. Составивме 20-метарска слободностоечка кула наречена „Add-on“ (Додаток), која беше во функција шест недели во центарот на Виена. Секојдневно беше дом на претстави и концерти, уметниците живееја и работеа во споредните структури во кои исто така живееја студентите, а проектите на уметниците беа поврзани со соседството и сите личности присути на плоштадот каде што беше поставена кулата. Целата структура беше јавна и пристапна, секој можеше да влезе и да ја користи, но на влезот посетителите беа предупредувани дека влегуваат на сопствена одговорност. Качувајќи се по скалилата, посетителите наидуваа на разни содржини кои се менуваа, како инфо-пункт на ниво на плоштадот, подигната масичка за пинг-понг, музички простории, тераси со зимска градина, висечки работни простории, па дури и мал базен. Најважниот дел од структурата беше кујната, каде што готвевме за нашиот тим, но и за посетителите. Некои од нив доаѓаа рано наутро за да уживаат во појадокот од 20 метри височина.

Во 2010 г. во соработка со Вероника Орсо и Михаел Риепер изработивме привремен проект за Линц, европската културна престолнина за 2009. Избравме специфична локација над автопатот на периферијата на градот. Бидејќи автопатот беше голем извор на бучава среде густо населените градски населби, кои и долги години ги раздвојуваше, во 2005 г. тој делумно беше спуштен во тунел и покриен со парк. Среде таа вештачка идилична сцена, на работ од автопатот, го изградивме „Bellevue“ – Жолта куќа во која од едната страна се отвора поглед на несопирливото движење на автопатот, а од другата страна на паркот. Почитувајќи ги пропорциите на околните станбени згради, еднобојната жолта градба послужи како сместување за гостинските уметници, инфо-киоск, кантина со тераса, изнајмување велосипеди, простор за работилници, библиотека и јавен театар. Од своето отворање во август 2009 г. „Bellevue“ стана многу посетено место – покрај студентите и уметниците, го користеа и сите поколенија од соседството. Некои од посетителите се залагаа „Bellevue“ да остане трајно на таа локација. За жал, градбата мораше да биде отстранета по три месеци од нејзиното подигање. Сепак, токму тој ограничен временски простор пружа можност за максимална импровизација и засилена и исполнета програма на настани.

Детската градинка во Orangefarm, Јужна Африка

Трајни проекти во Јужна Африка и Индонезија

Пред шест години го започнавме својот нагажман во градската област Orangefarm во близина на Јоханесбург, каде што проектиравме и изведовме неколку градби од јавен карактер. Нашата прва задача беше да ги прошириме постоечките училишта за да можеме да ги сместиме гостувачките наставници во нив. Една од нашите студентки за својата дипломска работа проектираше прифатилиште за бездомници

Во 2006 г. изведовме нова градба за детска градинка во градската област на Orangefarm. Процесот започна во Виена, каде што студентите три месеци вршеа истражувања, изработуваа модели и проект за градбата. Потоа отпатувавме во Јужна Африка и шест недели го градевме објектот. Студентите на градилиштето учеа за услвите на работа и живот на месното население и работеа заедно со десетина мештани. За изградбата беа употребени евтини материјали кои беа достапни, а самата градба се состоеше од две заеднички соби, кујна, канцеларија и санитарен јазол.

Повеќенаменската сала на островот Ниас, Индонезија

По јужноафриканското искуство проектиравме и изградивме повеќенаменска сала за проширување на постоечкото сиропиталиште на островот Ниас во Индонезија. Тој проект беше ангажман за невладината организација Caritas Austria, која во тоа време работеше на островот кој беше разорен од цунамито во 2005 г. Ни беа потребни два месеци да ја изградиме салата со аудиториум и гледалиште. Повеќенаменската сала имаше и простор за концерти, работилници и библиотека, одделени со лизгачки прегради.

Проектот Parklife во Виена

Трајни проекти во Европа

Во 2009 г. започнавме со работа над трајна градба во Виена. Во еден парк кој е опколен со станбени блокови од 1970-те години дејствува здружението Parkbetreuung, кое е составено од група педгози кои се грижат за локалните деца, сместена во дрвена барака во која организираат разни активности. Група од 24 студенти го проектираше и го изгради „Parklife“ – нов простор за споменатото здружение. Станува збор градба која служи за проширување на постоечките општествени содржини на местото. „Parklife“ го осмисливме како употреблива скулптура која дејствува и како градски ориентир, сцена или говорница. За време на работата над „Parklife“ сфативме дека е многу потешко да се градат трајни објекти во Европа одошто во Јужна Африка или Индонезија. Политичките несогласувања, строгите градежни закони и безбедносните прописи го одолжија процесот и затоа поради токму наведените нешта е многу поедноставно да се гради вон Европа бидејќи, иако самото градење се одвива во могу поскромни услови, процесот тече лесно, директен е и помалку комплициран.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.design-build.at

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија

ОкоБоли главаВицФото