Унгарската култура по мерка на премиерот Орбан

31.01.2012 14:32
Унгарска култура по мерка на премиерот Орбан

Во новиот театар во Будимпешта (Uj Szinhaz) ги одбројуваат деновите наназад. „Уште 12, 11, 10...дена“, стои на транспарентот поставен на главната зграда. Бидејќи, на први февруари доаѓа нов управник. Водењето на популарниот театар ќе биде во рацете на познатиот десничарски екстремист, актерот Ѓерѓ Дорнер (György Dörner).

Во својата пријава на конкурсот за нов управник, Дорнер напишал дека сака Новиот театар да го направи упориште на унгарската национална мисла која сега се буди. Најави борба со „изопачената, болна либерална хегемонија“ на подрачјето на културата. Изборот на зборови недвосмислено потсетува на нацистичкиот однос кон уметноста.

Антисемитско наследство

Дорнер беше именуван при крајот на минатата година од страна на градоначалникот на Будимпешта, Иштван Тарлош, иако стручниот градски одбор се изјасни за досегашниот управител Иштван Март, кој го води Театарот веќе 13 години. Во Будимпешта никој не се сомнева дека тоа именување е направено според волјата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Дорнер претходно рецитираше родољубиви песни на предизборните митинзи на унгарската екстремно десничарска партија, Јобик. Но, тој е и штитеник на антисемитски настроениот книжевник Иштван Чурка, кој во секоја унгарска неволја гледа „еврејска завера“.
Наследниците на унгарските книжевници, Гуло Хернади и Андраш Суто, му го скратија правото на новото водство на театарот да ги изведува делата на овие автори. Германскиот диригент Кристофер вон Донаи ги откажа сите свои настапи во Унгарија поради именувањето на Дорнер за директор на Новиот театар.

Орбановото толкување на естетиката

Аферата околу Дорнер е само еден мал детаљ од унгарската „културна револуција“. Виктор Орбан не ја уредува само државата по сопствените критериуми, туку си зема за право да ги толкува и унгарската историја и естетика. А тоа потсетува на свештеничко – конзервативната националистичка идеологија меѓу двете светски војни.
Во целата земја во моментов никнуваат џиновски споменици во спомен на историските унгарски освојувачи. На влезовите во населбите се поставуваат натписи на староунгарско клинесто писмо.Третокласната, антисемитска литература од времето на Миклош Хорти (1868-1957) се воздигнува како книжевен канон.

Помалку пари за неподобните

На почетокот на годината, Орбан во Националната галерија во Будимпешта отвори изложба на историски слики од 19 век под наслов „ Херои, кралеви и светци“. Во исто време унгарската влада даде налог петнаесетина современи уметници да ги насликаат во масло на платно последните 150 години од унгарската историја. Тие слики, кои кај многумина предизвикаа потсмев, се сместени во една споредна просторија.

Културните институции кои до сега беа доминантни и кои беа отворени кон светот, останаа без државни субвенции. Така вкупно 83 слободни театри минатата година добија 2,5 милиони евра, половина од сумата што ја користеа претходно. Големите смени на луѓето во директорските фотелји се дел од клиентелистичката политика која унгарскиот премиер Виктор Орбан ја изведува мошне акрибично.

Извор: dw-world.de

ОкоБоли главаВицФото