Интервју со Џулијан Асанж

01.02.2012 12:52
Џулијан Асанж

Неколку дена пред Божиќ, Џулијан Асанж се пресели во своето ново скривалиште во зафрлена англиска провинција. Оваа трособна куќа, отстапена од еден симпатизер на Викиликс, е сосема пристојна, со голем камин и трем во задниот дел, но не е грандиозна како вилата во која ги помина претходните 363 дена куќен притвор, чекајќи британскиот суд да одлучи дали ќе го испорача за Шведска, каде се води судски спор против него за сексуално злоставување на две жени со кои имал кратки врски во август 2010г.

Неговите двајца најистакнати соработници, весниците New York Times и Guardian редовно го опишуваат како сексуално изопачен тип кој не води сметка за личната хигиена додека и понатаму продава книги и филмски права за своите авантури. Се работи за фракционерска личност; шармантен е , брилијантен и бескомпромисен, но некои бивши колеги го мразат жестоко и го опишуваат како мегаломан, кој со своето самољубие ја довел во прашање целата операција.

Зошто Викиликс е толку посветен на одбраната на Бредли Манинг?

Џулијан Асанж: Манинг наводно бил еден од нашите извори, без оглед на фактот дали тие тврдења се точни или не. Веќе 600 дена седи во разни американски воени затвори, а тоа е резултат на она што ние го објавивме. Затоа сметаме дека спрема него имаме одредени обврски. Слушнав од луѓе блиски до неговите бранители дека го злоставуваат во обид да го натераат да сведочи против нас.

А, се настрвиле на Манинг, кому се заканува доживотен затвор, за да го натераат да каже дека ти си шпион?

Џулијан Асанж: Сакаат да го претворат во уште еден пион во борбата против нас.Американската влада се обидува да го редефинира она што со години се смета за нормални новинарски методи. Ако тоа му успее на Пентагон, ќе биде кај за новинарството што се занимава со националната безбедност во САД.

На што точно мислиш?

Џулијан Асанж: Обидот да се протне Законот за шпионажа е исто како да зборуваат дека двостраната комуникација со изворот е всушност колаборација со изворот, и дека со тоа се прави завера да се направи кривично дело шпионажа, кога се во прашање доверливи информации. Пентагон од нас јавно побара не само да уништиме сè што сме објавиле, сè што планираме да објавиме во врска со владата на САД, но и да престанеме да „бараме“ податоци од американските државни службеници. Самиот Закон за шпионажа не споменува „барање податоци“, но тие се обидуваат да креираат нов правен преседан, кадешто новинарот не може едноставно да ги праша своите извори да му пренесат информација. На пример, пред неколку години, ЦИА ги уништи своите снимки од симулирано давење. На судењето на Манинг, тужителите велеа дека имаме список на најбараните податоци, на кои се и тие снимки на испитување со симулирано давење , доколку сè уште постојат.

Имајќи во предвид пошироки импликации, чудно е што не добивте поддршка од останатиот дел од печатот кој вие го нарекувате „англо-американски“. Всушност, во New York Times и во Guardian, кои се во соработка со вас и објавија дел од документите, се потрудија да се дистанцираат од вас.

Џулијан Асанж: New York Times побегнаа побрзо и подобро, нè напуштија веднаш штом американската администрација почна да нè прогонува. Со тоа си се напуштија и себеси и сите новинари во Америка што се занимаваат со безбедносните структури. Times беше загрижен дека ќе биде вклучен во државната истрага. Ако Бредли Манинг, или било кој друг државен службеник, соработувал со нас и ни доставувал доверливи информации, а ние соработуваме со Times што му ги пренесува тие информации на светот, тогаш може да се тврди дека Times е вмешан во злосторнички потфат, односно кривично дело шпионажа. Нам ни беше речено да не зборуваме за Times како соработник – тоа беше нивниот правен совет.

„Колатерално убиство“ е видео снимка што ја објавивте во април 2010 година, каде се гледа дека американски хеликоптер пука на група ирачки цивили, меѓу кои се и двајца новинари на Reutersa и две деца. Тоа беше за вас првата голема вест која го привлече вниманието на јавноста. Дознавте дека Washington Post всушност ја имале таа снимка цело време и ја чувале.

Џулијан Асанж: Новинарот на Post, Дејвид Финкел ја имал таа снимка. Некои извори нам ни пренесоа дека дури и ја покажувал снимката во својот дом. Па, сепак го прикри нејзиното постоење.

Одговорот на Финкел беше дека „имаше многу лоши денови во Ирак“.

Џулијан Асанж: Финкел од тој регион известуваше девет месеци, беше приспоен со една единица на американската војска. Очигледно дека луѓето со кои беше таму, му сраснале за срце, па по објавувањето на снимката ги бранеше во јавноста.

Дали мислиш дека на државите треба да им се дозволи да држат некои информации во тајност?

Џулијан Асанж: Самото прашање е многу поинтересно од одговорот. Во некои случаи, да речеме, истрага за организиран криминал, државните службеници имаат обврска истрагата да ја држат во тајност, додека не ја објават. Исто така, лекарот има обврска да држи во тајност некои податоци за вашата здравствена состојба, во поголемиот дел од случаите. Тоа е прашење на обврска. Апсурдно е да се тврди дека, само затоа што некој полицаец има обврска да крие некои податоци за истрагата, цел свет мора да биде подложен на закани.

Се појавија многу филмови и книги за Викиликс и Џулијан Асанж.

Џулијан Асанж: До сега се објавени стотина книги, но осумдесетина од нив се само опортунистички книги во кои нема никакво новинарство – тоа се само некакви компилации. Ако зборуваме за вистинските книги, во кои целиот материјал е оригинален, нив ги има десетина. Меѓу нив, најзабавна е една руска книга, каде што нè обвинуваат дека сме учествувале во планската дефамација на Путин.

Зошто немате експерт за односи со јавност?

Џулијан Асанж: Пробавме. Имавме соработка со човек од Британија кој се занимава со огромни медиумски интереси. Ја прифати работата по значајно намалена цена, бидејќи сме активисти, cause célèbre. Неговите најголеми клиенти се Virgin и Sony. Како што тврди, неговиот управен одбор, барал да нè пуштi низ вода, што тој и го направи. Кога луѓето велат “Зошто Џулијан не го направи ова или она, зошто Викиликс не го направи ова“, многу од тие работи, ние всушност сме ги пробале. Но, не е лесно да се бориш против една суперсила.

На какви притисоци бевте изложени?

Џулијан Асанж: Мојата приватна сметка е блокирана, а истото го доживеаја и некои наши луѓе. Многумина останаа без работа – дури и ониe кои со нас беа прилично индиректно поврзани. Човекот што го регистрираше нашиот домен во Шведска, ја загуби работата откако Bloomberg го објави неговото име. Еден од членовите на управниот одбор на германска хуманитарна организација која за нас присобира донации, го изгуби договорот со швајцарската берза. Берзата дури и на официјалниот документ како причина за раскинување на договорот ја наведе нивната поврзаност со нас. Проектот Тор, кој ги штити луѓето ширум светот од шпионажа и цензура, е казнет за околу 600.000 долари од страна на американската влада, бидејќи еден од нивните луѓе. Џејкоб Еплбаум, ме замени на една конференција во Њујорк. Огромен број луѓе беше изложен на ваков вид индиректен притисок.

Што се случи кога те затворија во Англија?

Џулијан Асанж: Добив десет дена самица. Мислам дека сите треба да одлежат десет дена во самица, особено политичарите. Јас успеав да го поминам тоа. Се работи за прекин на надворешните дразби. Затоа сочувствувам со Бредли Манинг и сите други затвореници кои се во слични услови.

Колку те чинеше правната битка?

Џулијан Асанж: Против нас се водат многу постапки. Во овој случај, сам морам да ги платам трошоците. Мислам дека тоа не е во ред. Всушност, мислам дека организацијата треба да ги плати.

Зошто?

Џулијан Асанж: Нема сомнеж дека овој случај е исполитизиран како резултат на мојата улога во организацијата. Меѓутоа, за да ги избегнеме нападите на нашите противници кои ќе нè обвинат дека парите ги трошиме за лични потреби, овој случај е потполно одвоен. Што значи дека сега навистина банкротирав.

Целосно бакротираше?

Џулијан Асанж: Да. Се појавија разноразни чудни компликации, да речеме дека моите адвокати најдоа начин да стигнат до авансите за книги и ги задржаа. Така што не сум добил ништо од тоа што досега е објавено.

Кружат гласини дека имаш 3,3 милиони евра на сметка во банка.

Џулијан Асанж: Како да не. Нашите противници ги шират овие гласини за да ни го отежнат собирањето донации.

Од правен агол, се чини дека си во безизлезна ситуација. Ако на 1 фебруари твојата жалба се одбие, ќе те испратат во Шведска на сослушување, а од таму можеш да им бидеш испорачан на САД. Но, дури и жалбата да биде усвоена, постои можност да бидеш испорачан на Америка и од Англија.

Џулијан Асанж: Да. Тука во Англија можностите за борба против испорачувањето не се баш големи.

Владее уверување – и во Шведска и во Америка – дека нема да те испорачаат. Зошто си убеден дека ќе се случи спротивното?

Џулијан Асанж: Испорачувањето е политичко прашање. Компромиси околу испорачувањето – меѓу Британија и САД и Шведска и САД се опасни за мене. Секој ден кој го поминувам во Англија е опасен, а ако се најдам во Шведска, веројатно ќе биде сè многу поопасно. Шведскиот министер за надворешни односи е задолжен за испорачувањето, Карл Билт, а тој станал доушник на американската амбасада во 1973, на 24 години. Се преселил во Вашингтон, каде водел некоја програма за едукација на младите конзервативци, кадешто го запознал и Карл Ров. Се спријателиле, заедно оделе на собири итн.

Карл Ров? Од каде ти е тоа?

Џулијан Асанж: Од дипломатските депоа.Иако против мене не е покрената никаква постапка, постои тужба за силување и сексуално злоставување на две Швеѓанки. Така што политичката атмосфера во Шведска за мене е многу неповолна. Некои велат: „Види, и во Британија и Шведска и многу други земји велат дека нема да се испорачуваат луѓе за политички дела“. Но, владата на САД не се обидува да ме тужи за „политичко дело“, се обидува да ме тужи за шпионажа или завера со намера да се направи шпионажа, и за хакирање. Големата порота разгледува дали ќе бидам тужен за дела кои, на прв поглед, не се политички. Но, причините, секако се политички, и тоа е сосема друга работа.

Значи, мислиш дека САД подготвува терен тврдејќи дека си шпион и дека ги доведуваш војниците во опасност за да те зграпчи веднаш откако ќе се решат тужбите во Шведска?

Џулијан Асанж: Тие луѓе се навикнати да подготвуваат политички и медиумски терен. Претпоставувам дека ќе речам дека материјалот којшто сме го објавиле неповолно влијаел на Британија или неповолно влијаел на Шведска. Може јавно или потајно да се дотуркаат до шведските медиуми лажни спекулации како поради нас страдале шведски војници во Авганистан, или како сме продавале информации на Иранците.

Што мислите за групата Anonymous? И тие ве поддржаа.

Џулијан Асанж: Со нив сме во контакт од 2008. Ни доставуваа материјали во врска со нашите истражувања за злоупотреби во скиентолошката црква. Тоа беше група на млади интернет шегаџии, не нешто што треба да се сфати сериозно. Прекрасно е што во последниве неколку години, борејќи се со многу посилни од себе, почнувајќи од скиентолошката црква, сфатија како светот всушност функционира. Потоа, читајќи ги податоците кои ги објавувавме, и гледајќи како нас нè напаѓаат, уште повеќе напредуваа. Сега се политизираа, сфаќајќи кој има најголема моќ. Тоа беше изразено аполитичка група, која немаше поим за воено- индустриските замки, и немаше врска за меѓународните финасиски текови. Како резултат на тоа што нам ни се придружија во борбата и тоа што пробаа да се заштитат, сфатија дека заканите за слободниот интернет доаѓаат од воено-индустрискиот комплекс, банкарскиот систем и медиумите. Медиумите се третата сила, бидејќи кога ќе се вмешаат во нешто како ова, тоа веднаш станува вест.

Што е иднината на Викеликс? Дали организацијата ќе преживее?

Џулијан Асанж: Денес ми се чини дека ќе успееме. Ќе видиме што ќе биде утре.

Извор: rollingstone.com