1024 hPa
93 %
9 °C
Скопје - Чет, 05.03.2026 11:59
ТЕМА: Фестивалот EXIT
Како заокружување на прегледот на изведувачи кои настапија на овогодинешниот Exit, кој го теравме на главната страна на порталот Окно во изминативе денови, редно е да претставиме и една позната група од градот- домаќин, Нови Сад, а тоа е Обојени програм. Формирани се во 1980, но својот прв албум „Најважније је бити здрав“ го објавуваат дури 10 години подоцна. На чело на оваа група е Бранислав Бабиќ - Кебра, кој во 1991 ја имаше таа несреќа да биде мобилизиран и непосредно да ја искуси војната во Хрватска, за што и посведочи во документарецот на B-92, „Вуковар - Последњи рез“ од 2006. Со помош на колегата Горан Баре, од хрватскиот бенд Мајке, кои инаку истотака настапија на Exit, Кебра дезертира од касарната во Винковци, се пресоблекува во цивилка и пребегнува во соседна Унгарија. Во 1993, во време на санкциите, Обојени програм успеваат да се појават на MTV, во познатата емисија за алтернативна музика "120 Minutes". Во текот на мрачните 90-ти, групата го подига гласот против војната, шовинизмот и режимот на Милошевиќ, поради што се судрува и со низа проблеми. Албумот „Сва среќа генерал воли децу“ издаден во време на бомбардирањето во 1999 им е запленет. По завршетокот на воените лудила и по демократизацијата на Србија, групата и натаму успешно работи, настапува насекаде по ex-YU просторите, а редовно се појавува и на Exit. Оваа година, тие настапија на главната бина, на последната фестивалска вечер на 12 јули. Забележително на нивните свирки е што Кебра постојано во рацете тегне некаква тетратка А4 формат или сл., веројатно за потсетување на текстовите?!