1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:40
Прва клетка.
Бактериите имаат само една. Исто така, една цела година помина од мигот кога беше зачната до мигот кога се роди. Сите беа зачудени што ти требаше толку долго време да излезеш. Се приврза за првиот дом и едвај се откина од него. Тебе и тој дом ве разделуваше само една папочна врвка, која истовремено го претставуваше и она што ве поврзува. Многумина стравуваа, зашто при обидот на докторите да направат рез на нејзиниот стомак, мајка ти престануваше да живее, а потоа, кога го оттргнуваа ножот, таа повторно оживуваше. Едноставно беше судено да те очекуваат. Секогаш се чекало на тебе. Отсекогаш.
Прва клетка, втора клетка.
Кога се роди невообичаено, но сепак разбирливо крупна, ти веќе беше потполно самоуверена и умствено созреана личност. Не плачеше. Ти никогаш не си плачела. Те носеа по гатачки, затоа што кога ќе се повредеше или расечеше од остри камења, тебе не ти течеше крв. Ти никогаш не си имала рана. Ти чувствуваш, но не знаеш какво е чувството да се биде повреден.
Прва клетка, втора клетка, трета клетка.
Веднаш штом започна твојот овдешен живот, вдишувајќи го воздухот за првпат, ти созна сè. Ја поседуваше сета земна мудрост, ги знаеше одговорите на сите прашања што човековиот ум може да ги постави, ама ги чуваше за себе и не сакаше да ги откриеш. И молчеше. Ти секогаш молчиш, а ја познаваш иднината. Но, не знаеш како е да живееш во заблуда и исчекување, не знаеш како е да молиш, да прашуваш, да бидеш наивен, да се надеваш, да раснеш кон своето созревање и повторно да се потпрашуваш себеси за смислата на сопствената егзистенција.
Прва клетка, втора клетка, трета клетка, четврта клетка.
Животинските вируси паразитирале во клетките на животните и човекот. Не можам да погодам каков вирус имаш ти. А воопшто не се сомневам дека ти го знаеш тоа. Исто како што ги знаеш денот и часот кога ќе нè напуштиш. Имаш прекрасно тело, небаре обликувано во судир на копнежите на најголемиот развратник и на најчесниот благородник. Никогаш не беше бебе, дури ни тогаш кога беше. Живееше повеќе во себе (внатре во тоа совршено моделирано тело стегнато со кожа парфемирана од непостоечки и затоа невидени билки), отколку каде било другаде. Не сакаше да пријдеш во ничија близина. Ти не сакаше да те сакаат. Гола застануваше покрај градини од кринови и се валкаше по влажни локви и скаменет глиб. Сама зачна: во твојата утроба одненадеж заживеа плод. Но, не знаеш како е кога ќе увидиш дека некој сака своето време да го минува заедно со тебе, да те посакува; не знаеш како е да љубиш некого, да легнеш со него, па најпосле да му се предадеш. За тој да те оживее однатре. (Чинам оти зачна самостојно повеќе од инает, одошто досада – колку да не бидеш сама во себеси.)
Трета клетка, втора клетка, прва клетка.
Не знаев дека ќе завршиш така – закопувајќи си го телото во кревка земја, безгрижно легната во ископот, заробена во сопствена темнина. Долу, неколку метри под нашето тло, остана закопан и еден фетус. Од него горчливо изникна и никнува крин што се пои со млеко од градите на заблудата. Зародишот зародува зародиш. Иако знаеше сè, ти не знаеше ништо што знам јас, оти јас навистина мислам дека никогаш ништо не сум знаел. Можеби знаев само за ова единствено нешто. А ти можеби знаеше дека…
Втора клетка, прва клетка.
Зошто никој не успеа да го врати сонцето кога тоа почна да нè напушта? Никој не се враќа никаде, камоли онаму од каде што дошол.
Прва клетка.
Кога се состоиш само од една и единствена, не сакаш да те стрелаат во неа. Некому постоењето му зависи од само една невидлива микроструктура. А некому постоењето му е постоење на сиот свет.
Давор Стојановски (1987) е добитник на наградата „Ана Франк“ за најдобра студентска книга, како и на откупната награда за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2011 г. за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“. Објавуван е во повеќе македонски поетски и прозни списанија, како и во српскиот зборник „Рукописи“. Во моментот го привршува својот роман на кој работи веќе 7 години.
Илустрација: Штефан ван Бисен
Me gusta. Едно од подобрите
Испратено на 03 февруари 2012 од BateqMe gusta.
Едно од подобрите парчиња на порталов во последно време.
Одличен расказ! Ме бендиса
Испратено на 03 февруари 2012 од МислителотОдличен расказ! Ме бендиса ептен!
Одлично! Го чекаме романот
Испратено на 04 февруари 2012 од ОлиОдлично!
Го чекаме романот ...
bravo davore. uste na prv
Испратено на 04 февруари 2012 од tralalabravo davore. uste na prv pogled na fakultet go prepoznav tvojot oset na sozdavanje svetovi. Sekako, darot ni e daden za spodeluvanje i ljubov, nikako ne ni e daden za sueta. cisto da ne zaboravame:D