Шега или навреда

03.02.2012 11:04
Шега или навреда

Како што ни е добро познато, луѓето сакаат да се шегуваат. Меѓутоа, не се сите поедаднакво надарени да се шегуваат. Некои луѓе со своите шеги предизвикуваат смеа и одобрување во друштвото, додека шегите на оние другите знаат да касаат полошо и од отровна змија. Има и онакви кои само навидум се шегуваат, а вистински имаат намера да навредат. Или се шегуваат, несвесни за тоа колку шегата може да биде смртоносно оружје. И така, шегувајќи се рануваат нечија душа. Како што се случува, на пример, со вљубената Надежна Петровна во расказот „Шега“ на Чехов.

Од другата страна, пак, се наоѓаат оние кои, со намера да се пошегуваат, несмасно ги навредуваат токму оние кои сакаат да ги воодушеват со својата шега. Или навредуваат некој трет. А тие, наместо да бидат воодушевени, им „заблагодаруваат“ со проста реченица која гласи: „Идиот!“ Или, пак, страдаат како главниот јунак во романот „Шега“ на Кундера.

Основата на романот на Милан Кундера е шегата на главниот јунак Лудвиг кој, сакајќи да ја восхити девојката во која е вљубен, ѝ испраќа разгледница со вицкаста содржина: „Оптимизмот е опиум за народот! Здравиот дух смрди на глупост...“ Неговата шега комунистичката власт ја „чита“ сосема поинаку – како закана – и најблаго кажано му го загорчува животот.

Но, за почеток да објасниме што е, имено, шегата. Станува збор за (шеговит) начин на однесување за време на разговор или, пак, правење на нешто несериозно, заради забава. Значи, шегата е говор или чин со кој некој или нешто се исмејува. Тоа е посебна пригода чија што цел е да произведе смеа, односно комична ситуација или, пак, некој или нешто да се изложи на потсмев. Шегите ги изразуваме кажувајќи вицеви, како и различни анегдоти или хуморески.

Тешко е да се издвојат горчливите шеги од злобните или благонаклонетите. Сите шеги можат да бидат сфатени на различни начини. Ако сте помислиле дека децата се шегуваат на простодушен начин, тогаш сте се излажале. Во својата искреност, токму децата умеат понекогаш со шега да погодат на „болно место“, така што постарите наместо да се насмејат, црвенеат и ја наведнуваат главата.

Се чини дека шегата од уличниот јазик лесно навлезе во книжевноста, но подеднакво и во музиката. Во музиката, scherzo (што на италијански значи шега) е инструментален став со хумористичен и весел карактер. Најстарото музичко scherzo потекнува од 16 век. Во тоа време тоа било назив за весели световни композиции. Меѓу другото, славниот композитор Калудио Монтеверди во 1622 година напишал и збирка „Scherzi e canzonette“ („Шеги и песни“). „Scherzi sacri“ од 18 век докажуваат дека називот „шега“ е употребуван и на подрачјето на духовната музика. Шопен и Брамс пишувале скерца како самостојни клавирски композиции. А во Вердиевата опера „Фалстаф“ постои арија во која, помеѓу другото, се вели: Сè на светот е само шега.“

Шегата е присутна и во книжевноста. Од Хомеровата „Одисеја“ преку Аристофановата комдија, до Бокачовиот „Декамерон“, Раблевиот „Гарагантуа и Пантагруел“, Сервантесовиот „Дон Кихот“, па сè до споменатите Чехов и Кундера...

И додека шегите опишани преку музичките тонови и книжевниот јазик, односно преку стилските фигури, се воспримаат сериозно, но без навреда, шегите кои се изговорени од учесниците на одредени „забавни“ телевизиски програми често знаат да бидат „несмасни“. Несмасна шега се нарекува она која повеќе навредува отколку што насмејува. Несмасната шега дури не ни укажува на нешто што навистина заслужува потсмев: тоа е шега на сметка на некого со кого не треба да се шегувате. Значи, да се шегуваш не е лесно. Тоа не можат да го направат сите. Можеби ненамерните шеги, оние за кои не се подготвувате, се најуспешни. Како што советуваше Бернард Шо: „Ти ја зборуваш вистината, а сите паѓаат од смеа. Мислат дека се шегуваш.“

Извор: Политикин забавник

Карикатура: Југослав Влаховиќ

ОкоБоли главаВицФото