Мамутска репортажа од EXIT 09

25.07.2009 00:08
EXIT 09 plakat sirok.jpg

Свежо вратен од десеттото јубилејно издание на новосадскиот Exit, музичкиот уредник на порталот Окно, Вангел Башевски - Барми, би сакал да ги сподели своите импресии од / и околу овој престижен европски музички фестивал, вклучително и со сопствени видео снимки и фотографии, чиј подетален преглед можете да добиете со нивно кликање.

Exit, инаку започнат од тројца новосадски студенти, за првпат се има одржано во 2000 год. Во тоа време, тој не само што бил музички хепенинг, туку претставувал и своевиден револт против тогашниот автократски режим на „вождот“ Слободан Милошевиќ.

Во изминатите десет изданија, на многубројните стејџови на овој фестивал имаат продефилирано низа светски значајни изведувачи од најразлични музички стилови, како например: Iggy Pop & The Stooges, Moby, Patti Smith, The Sex Pistols, Asian Dub Foundation, Shane MacGowan, Morrissey, Billy Idol, Pet Shop Boys, Paul Weller, The Prodigy, Beastie Boys, Korn, Buzzcocks, Primal Scream, Sham 69, The Cardigans, Chumbawamba, The White Stripes, Fatboy Slim, Slayer, Carl Cox, Arctic Monkeys, Manic Street Preachers, Franz Ferdinand, The Cult, HIM, Scissor Sisters, Soulfly, Apocalyptica, Garbage, The Wailers, Suzanne Vega, Madball, Dog Eat Dog, Lauryn Hill, Snoop Dogg, Wu-Tang Clan, Robert Plant, David Morales, Darren Emerson, LTJ Bukem, Transglobal Underground, Roni Size, Tricky, Moloko, Soul II Soul, Pete Tong, Massive Attack, Cypress Hill, Neneh Cherry, Roger Sanchez, Derrick May, Eric Prydz, Hernán Cattáneo, Danny Tenaglia, John Digweed, Roger Sanchez, Deep Dish, Gentleman, Gogol Bordello, The Hives, Manu Chao, Ministry, Nightwish, Sven Väth, Tiamat, Zdob şi Zdub, и ред други.

На Exit, кој меѓудругото промовира и помирување и толеранција помеѓу екс- југословенските народи, секако присутни се и артисти од тие некогашни наши простори, од кои би ги издвоиле српските Darkwood Dub, Orthodox Celts, Eyesburn, Atheist Rap и Обојени програм, потоа од соседна Хрватска, КУД Идијоти и Хладно пиво, босанците Едо Маајка и Дубиоза Колектив, словенците Laibach и Elvis Jackson, култниот црногорец Рамбо Амадеус, а од Македонија пак, на фестивалот досега се имаат претставено Кирил Џајковски, Мизар, Суперхикс, Bernay's Propaganda, Fighting Windmills на нашиот Вуна и др.

Овогодинешното издание се одржуваше од 9-12 јули, нели, стандардно на тврдината во местото Петроварадин, кое спаѓа во агломерацијата на Нови Сад, административен центар на Јужнобачкиот округ и главен град на Автономната Покраина Војводина во рамките на Србија, Европскиот континент, Планетата Земја, Сончевиот систем, Универзумот. Додека Нови Сад е распослан во рамната Бачка, Петроварадин се наоѓа во ридестиот Срем (фактички, тие извишувања претставуваат некогашни острови во исчезнатото Панонско море, та не џабе Нови Сад го има и својот „Панонски морнар“, прекрасниот Балашевиќ). Притоа, реката Дунав е природна граница помеѓу овие две области. Но како што би рекле американците "less talk- more rock!", по овој кус (и едукативен) административно- географски вовед, редно е конечно да прејдеме на репортажата.

На минатиот Exit, каде поминав навистина одлично, имав прилика да ги гледам култните The Sex Pistols, Marky Ramone од The Ramones, реоформените Пекиншка патка, old school хип хоперот Afrika Bambaataa, германскиот  регаџија ем раперџија Gentleman и ред други. Затоа решив фестивалот да го посетам и оваа година, пред се’ заради прекрасните Ska и Two Tone легенди Madness и пионерите на електронската музика, Kraftwerk! Настапија и Artic Monkeys, Manic Street Preachers, Lilly Allen, KoRn, Moby, The Prodigy и ред други, но тие баш и не ми беа, што се вели, приоритет за гледање (се чини доста сум „ретро“ вака).

Прикаската започна тука во Скопјево, со купување на билет за фестивалот буквално во „пет до дванаес’“, непосредно пред двојното покачување на цената (како што рече еден од  младите во редицата за билети во една позната скопска музичка продавница, ние Македонците секогаш се’ оставаме за последниот момент, а инаку, билетите беа пуштени во продажба месеци наназад!). Btw една мала плавуша ми се пикна преку ред, па на моите протести возврати со „ја’ење трици“, но нема врска, ќе и’ простиме на младата дама со оглед на бојата на нејзината коса, а она што е битно е дека се снабдив со потребниот ваучер, кој на самиот фестивал се заменува за влезен билет. Сега требаше да се обезбеди сместување во Нови Сад, па поучен од некои негативни искуства од минатото, ги изигнорирав приватните огласи оставени на форумот на Егзитовиот сајт, и решив да појдам во хотелот каде престојував и минатата година. Но, туризмот си го прави своето, како што и очекував, цените нереално набиени, па бев принуден да се фатам за најефтиното понудено решение, соба во новосадскиот студентски дом „Бајиќ“. Остана да се реши уште само превозот. Не сакајќи да се „кланцам“ во бус на летните жештини, заглавен во тие никакви неудобни седишта, минатата година си платив авион к’о господин, но тотално нереалните цени на летовите кај нас, ме заинатија овојпат сепак да појдам со автобус. Сакајќи да пристигнам во Нови Сад ден порано пред почетокот на фестивалот, односно пред големите гужви, не патував со организираниот превоз, туку земав стандардна карта од скопската автобуска станица, а превозник беше „Ниш Експрес“. Од „експрес“ немаше ниту „Е“, иако шалтерскиот службеник ме убедуваше во спротивното. Имено, тврдеше дека автобусот оди директно за Нови Сад, само со застанување во Ниш.

Застанувавме буквално во секое гратче, што од друга страна се покажа позитивно за запознавање на делови од бившата ни држава: кризниот Бујановац (познат по Ushtria Çlirimtare e Preshevës, Medvegjës dhe Bujanocit), Врање (познат по Симпо), Владичин Хан (познат по соковите „Хани“), Лесковац (по роштиљот), Алексинац итн.. итн.., а секако и престолнината Белград, каде инаку, во моментот беше тотална поплава, но САМО во Ниш не застанавме! На српска граница пак, бев симнат од автобусот од страна на полицијата и подложен на претрес, она отвори пртљаг, шта ти је ово, шта ти је оно, скидај панталоне, со задолжителното „Покупи то!“ на крајот и слични сцени, за кои мислев дека припаѓаат на едно минато време, а кои веќе сум ги поминал во мрачните 90-ти години на минатиот век, кога преку Србија одевме на познатиот Sziget фестивал во Будимпешта. Од автобусот инаку бевме симнати само двајца, мојата маленкост и уште еден крајно мирен лик со цвикерчиња, додека во него имаше и далеку посумњиви фаци. Но ете, некои работи тешко умираат. Ако е некаква бедна утеха, вакви тормозења нашиот граѓанин доживува и во земјите позади Шенгенскиот Ѕид, и по Франции, Германии и Британии, но нив и некако можам да ги сфатам. Секако не ги оправдувам, но сепак се работи за развиени земји, а со тоа и посакувани дестинации за работници на црно и сл. Но чуму па Србија да се „брани“ од мене?!

Но енивеј, продолживме со патот, па по 9-10 часовно „експресно“ кланцање, полупцојсани се добравме до Нови Сад. Прво нешто што требаше да сторам е да резервирам место за мојата повратна карта со „отворен датум“. Момакот на шалтерот не можеше да ми помогне, ми даде телефонски број и ми рече „Јави се Дејану из Ниш Експреса, он ќе да среди“. Аман од оваа балканштина. Следуваше менување на евра, со чекање во ред со петсто миљони свежо пристигнати Британци, кои традиционално, во масовен број секоја година доаѓаат за фестивалот, поради што, дури и Британската амбасада од Белград испраќа своја мисија во Exit кампот. Веќе крајно измрцварен стигнав до погореспоменатиот „Бајиќ“. Една поприлично слатка црномуреста типка, задолжена за дочек на гостите, ме однесе до собата, која, како и во нашите студентски домови од типот на Стив, беше тотален крш со бубашваби. Морав и да потпишам список на инвентар „имаш једно ќебе, један чаршаф...“, белким за во случај ако ги украдам или уништам да има доказ за пред суд. Купатилото, кое needles to say истотака беше за никаде, се делеше со 4 соседни соби. Но имаше и доста позитивни страни во целата ситуација. Како прво, интересно беше да се запознаат нови луѓе. Се осеќав к’о нашите стари у ЈНА. Мој непосреден комшија беше момак од некое село близу Ваљева, студент по информатика, кој во слободно време вежба карате (треќи дан ништа нисам јео), кик бокс и останати племенити вештини. Добар дечко, ми позајми некои ствари, кои во брзање не стигнав да ги понесам од Скопје, секоја му чест. Имаше закуцано некаква метална шипка помеѓу ѕидовите, нешто како „направи-сам“ справа за вежбање, па повремено се подигаше на неа онака ооо- рук, ооо- рук. Домот беше крцат и од стандардната студентска популација, но и од многу странски посетители, повторно, пред се’ од Британци. Во приземјето работеше и продавница, а со оглед дека во Србија не важи она нашено за продажба на алкохол до 19 часот, тоа беше од особена радост за мене, па можев да се снабдам со пиво коа и да ми прдне. Секоја вечер пред неа имаше масовно собирање на студентарија, исто скромна како и нашата, со пива во рацете, понекоја акустична гитара, пеења, смеења и сл.

Следниот ден го искористив за шетање низ прекрасниот Нови Сад, за чии убавини уште одамна имам нашироко раскажувано по нетов. Пешачката Змајева улица стандардно беше преполна со раја (гаја и влаја?), и домашна и странска, како и кафулињата наредени од страна. Седнав на клупа и ги гледав ултра- мега- згодните classy новосаѓанки. Ма тоа стегнати миничи, фустанчиња, исончани ноги по 3 метра и деколтеа дефилираа околу мене, а ја како некое селанче симнато од пештера, можев само беспомошно да гледам со зината уста од која течеа лиги.За ручек хапнав и една огромна пица, што во содејство со жештината предизвика стомачни тегоби, па следеше мачно шпартање до гореспоменатото купатило во студентскиот дом (иначе, у таква ситуација најлошо е некој да те запре и да те гњави со безвезе муабети, среќа во несреќа е тоа што со мене никој нејќе да разговара). Стигнав некако до домот, таман седнав на „престолот“, кога започна лупање по вратата. „Јеси овде??“ - прашуваше црномурестата,  „Нисам“ шеговито одговорив (ѓе ме наѓе баш сад, си реков). „Дош’о ти је цимер!“. Јасно ми беше дека домот не издава соби, туку легла, а во секоја од нив имаше по две. Дојде мојот цимер со кого требаше да ја делам собата. Се думав ш’о чоек ми се паднал, искачам од купатило коа глеам- момак од Холандија, мое годиште, буквално 2 метра висина, фаца Питер Џон Босе - Самба во Штип (ама стварно!) но во помладо издање. Хелоу, хелоу, хау ар ју, стандардни процедури, чоекот се смести. Му укажав на „луксузниот смештај“, но како на типичен белосветски backpack патник ко што сум и јас самиот, не му беше грижа, битно имаше 4 ѕида и кревет. Се симнавме до продавницата, акнавме пар пива (лобирав за својата земја, па го натерав да пие македонско, увозно пиво), по што заедно појдовме на првата фестивалска вечер.

По пат прашавме еден средовечен новосаѓанин како да стигнеме до Тврдината, тој пријателски ни направи друштво и ни поведе до неа. По пат ни раскажуваше дека имал 26 годишна швалерка, потoa „тако сам ја шездесет девете ишао са друштвом на Јадран“, па дека имал девојки од сите ex-YU републики и покраини, вклучително и од Македонија, но дека сепак, „Најјаче рибе су новосаѓанке“, изјава под која се потпишувам оберучке (наречете ме исфрустрисан скопјанец, но факт е дека грото од нашиве кози не можат ни вода да им носат, чест на малубројните исклучоци). Меѓудругото го прашав и како возрасните новосаѓани го доживуваат фестивалот, рече дека воопшто не му пречи, напротив! Патем, проговори и за австроунгарската традиција на Нови Сад, која го прави поевропски во однос на екс-османлиските делови на Србија, па во таа смисла и се пошегува „Нови Сад је био као Беч! Да није било Гаврила Принципа, сад бих се БЕЧИО“. Говореше и за бомбардирањето во 1999, кога ударен бран од експлозија буквално направил тој да „прелета“ неколку метри (во тој момент типот бил у некоја кафана).

Му се заблагодаривме на помошта на нашиот српски пријател, по што го преминавме Варадинскиот мост и продолживме со шпартање накај фестивалот во безбројната маса народ низ веселите Петроварадински улички полни со продавнички, кафулиња и тезги. На влезот на Тврдината, стандардната гужва, проверка на билетот и кус полициски претрес. Влеговме на фестивалот, таму петстомиљарди луѓе, и бели, и црни и жути и зелени и секакви. Следуваше мачното чекање во редица со пијани Енглези зарад купување на жетони за пиво, паднаа и муабети на тема british lager, pint vs. литар итн. Вооружени со пластични чаши 0.5, на мое инсистирање, со Холанѓанецот отидовме на главната од многубројните бини на фестивалот, Main Stage-от. Ги одгледавме Arctic Monkeys, кои не ми оставија никаков впечаток (ш’о очекуваш од група која се вика Арктички Мајмуни?!). Патем му спомнав дека вечерта, на Fusion стејџот настапуваат скопските Bernay's Propaganda, а на прашање зошто не одам таму да ги гледам, кога тие се познат бенд во мојата земја, му одговорив дека не се тегнев до овде со триста муки за да го глеам Васко, кој бездруго можам да го глеам секој ден у Скопје, и на / и вон бина (извини Васко мала шала хехе :-) ) Се замуабетивме и со еден Британец. Холанѓанецов го потпраша за бендот под име The Herbaliser, кој требаше да настапи вечерта, а  вториов одговори у стилу „ма ш’о ќе ги глеам коа ги знам лично, па не плаќав бре петсо миљарди фунти да се довлечкам довде за ниф да ги глеам“.  Значи,  истиот муабет.

По мејн стејџот, заради реципроцитет морав да прифатам да посетиме и некоја од бините по избор на Холанѓанецот. Типот потполно растеретен од музичка историја и од потребата, каква што беше мојата, за гледање на изведувачи со чија музика сум растел, реши да идеме на НАЈГЛУПИОТ стејџ што некој го измислил- Електрана. Во моментот на мени беше некаков петпарачки диџеј од Германија. Мислам, да се разбереме, немам ништо против електронската музика! Но ова беше ужасно, дури и под нивото на инаку веќе навистина досадните скопски денс клубови. Па така, дур се мафтав безвезе на релација шанк- денс флор колко да убијам време со постојано зимање пива, тој одушевено танцуваше на ужасно лошо склепаните ремикси на општо познати ствари (рецимо "Enter Sandman" од Metallica со тупс- тупс одоздола, брао мислам). Тука се запознавме со една девојка од Ниш и брат и’. Типката ме покани да се шлаеме по стејџовите (чисто пријателски, што беше и дополнително разјаснето, кога на нејзините другарки, кои ги сретнавме патем, ме претстави како „пријатељ“ ;-)). Сепак прифатив, отидовме до Dance Arena-та, „рајот“ за љубителите на диџеите, каде во тој момент чинам пуштаа Sasha и John Digweed. Уствари неам појма, што е битно на крајот на краиштата. Потоа прошетавме и по други стејџои, секако туркајќи се низ огромните гужви, па на крај седнавме да се одмориме на едни лежалки поставени во еден као песочен базен што ли беше тоа чудо, тука имаше некаква уметничка инсталација со мали телевизиори расфрлани по песокот, нешто као реклама за MTV. Тука одмаравме па дојдоа некои англичани се гребеа за цигари (Англија, капитализам, сиромаштија, немаат цигари), па зборевме малце со нив и така. Денот го дочекавме на main stage со drum'n'bass звуците на Sub Focus, па чекавме во ред за мобилните вецеа. Од едно од нив излезе една престрашена Англичанка која ни предупреди на она што ни чека внатре. Хорор. Говна на тони. По бурната ноќ, Нишлиите ме вратија во домот со такси. Легнав да спијам, кога по некое време ме буди цимерот хеј хеј мај френд, мај френд! уат?!- го прашуем со полуотворено око, во полусон/ полујаве. Многу хрчиш бе цимер, ми вели на англиски. Извини чоек, и продужив да спијам.

Утредента типот стана порано од мене, па отиде да го прошета градот, вклучително и до плажата Штранд. На излегување налетал на комшијата из Ваљева, кому му раскажал за моето хрчење све у детали како сум хрчел, па како овој ме разбудил итн. Станувам, идам да се измијам, коа комшијава се избацуе ми вели хаа синоч су те пробудили због хрчања и ми раскажува све што овој му раскажувал, плус и тоа дека имал некој цимер кој истотака многу хрчел итн. Дента повторно се шлаев низ градот, при што открив едно фино ресторанче со готвена храна (шуќур! доста од буреци и пици!). Онака влагаш, зимаш послужавник и ставаш шо сакаш (ова ме потсети колку беше добро порано у самопослужувачкиот ресторан „Пелистер“ во самоуправниот социјализам, сега добро, ова беше модернизирана верзија на истиот концепт). Земав огромна пљескавица, роштиљ кобафчиња, чорба од карфиол, млади компирчина и салата патлиџани/краставици микс. Се пукнав од јадење, ќе паднев у несвест. Земајќи в предвид дека градот беше преполн за Exit, и дека цели орди Британци се пикаа во градските автобуси „на задња“ без да платат карта, си реков дека не сум ништо подолу од тие просветени европљани, па земав и јас да се шверцам. Вечерта појдов на фестивалот, а на станицата на која требаше да фатам бус, куп млади луѓе скандираат „Деветка! Деветка!“ (бусот кој води до Тврдината, а кој никако да дојде!). На крај конечно дојде таа фамозна 9-ка, и иако беше преполна со посетители за Exit, што објаснува зошто доцнела, успеав дури да си најдам и слободно место. Таман си залегнав на раат, кога на една од станиците, на задња влегуење еден тип, веднаш ќе ви стане јасно за што човек се работи, ако ви кажам дека имаше светло сина кошула набутана у темно тегет панталона, со некоја кожна торбичка на рамо. „Ајмо карте на преглед!“ викна. Шит, најеб’о сам! Почна да ги проверуе патниците, а ја склупчен у столчето у агонија чекам да дојде до мене! Конечно ми се појави над глава, фаца Шешељ, ама ИСТ! Иста физиономија, фризура зачешлана у страна, исти цвикери, све! Којзнае, можеби киднал од Шевенинген?! Или напраил некој дил, па го пуштиле?! „Карту молим!“- строго провикна типот, кога у иста секунда нагло ми се укључи „копчето“ за имерџенси ситуации. "I'm sorry, I don't speak Serbian"- одговорив. Типот покуша туц- муц нешо "ticket" ово-оно, повторно го смував со збркани муабети на англиски ајм хир фор егзит блабла, а кога на крај, очигледно налутен го побара мојот "passport", со кревање раменици му реков дека ми е оставен на рецепција у хотелот, на англиски се разбира. Типот одмавна со рака и се откажа. Јессс!!! Сепак, иако спасив г’з, решив во иднина уредно да си купувам билети, за да избегнам вакви непотребни сцени, кои можат само да го упропастат проводот.

А вечерта, за жал, бездруго се упропасти. Првин ги глеав велшаните Manic Street Preachers, кои иако не ми се допаѓаат нешто посебно, сепак ќе признаам дека звукот им беше доста добар, небаре слушаш студиска снимка. Или барем така ми се чинеше. На списокот следуваа и познатите калифорниски nu metal пионери KoRn (замисли бендот ти се вика „пченка“?). Но пред нив, настап имаа и ним сличните Overdrive од Зрењанин, можеби намерно избрани како адекватна домашна предгрупа. Тераа ш’о тераа, гаанг- гааанг гитари, динг- динг бас, аагрх- уугрх вокали држ не дај, па во ист фазон продолжија и Пченкариве... И КОА РЕЧЕ ќе истура, абе истурање еден дожд, нешто невидено, абе бура! Цунами! Потоп! Настана општа паника, оние поорганизираните си ги облекоа своите шушкавци, други земаа да собираат пластични ќеси и чуда за да се заштитат, трети се стрчаа да се спикаат по пеес миљони души у мишја рупа, под било каква стреа што може да се најде, а останатите, к’о мене, покиснаа к’о пацови. Ги погледнав KoRn што ги погледнав, го имаа и онј нивен стандарден настап со шкотски гајди, па тргнав да разгледам што се случува на Fusion, нагоре по брдото. Ем што шпарташ uphill, ноги ти паѓаат, а ем по пат беше хаос, невидена гужва, се газеа буквално петстомиљарди луѓе по оние тунели низ тврдината, кои водат до тој стејџ (оние кои биле, знаат за што говорам). Тука чоек моеше бар малце да се стопли, но гужвата веќе беше ризична, од позади масата те гура напред, од карши надоаѓаат луѓе од спротивен правец, а од страна пак, некои се наредиле уза зидот на тунелот за да се спасат од дождот. Ја не знам како не се испогушивме. Во тој општ хаос, рајата стандардно откачуе и тука традиционално почиње спонтано вриштење, свиркање, аплаудирање, уаауу- ууу фиуу- фиуу као да се работи за некоја огромна журка. На патот треба да се премине и едно дрвено мофче, а како тоа досега издржувало толкава навала на народ, мене не ми е јасно?!

Неисе, полууништен, покиснат и никаков, некако стигнав до Fusion. Настапуваше јамајканскиот reggae музичар Max Romeo, познат по стварта "I Chase The Devil", напишана заедно со Lee Scratch Perry, подоцна семплуванa и од The Prodigy во познатата "Out Of Space". Тука се сретнавме со Петар Младеновски - Пеце од Суперхикс, потоа и Јане Трајковски - Јанче од Denny Te Chuva (нагрнат со некаква Do-It-Yourself заштита против дождот) и други познати фаци. Во близина стоеше и Петар Јањатовиќ (со брадата), познатиот српски и екс- југословенски музички новинар и критичар, автор на „Енциклопедија YU рока“, btw и член на жирито на талент шоуто „Идол“. Си реков да му идам да се сликаме, али ај нема смисла да го реметам. Сепак можеби требаше. Максималниот Ромео (без Јулија) заврши со својот настап, а рајата ожеднета од журкањето очекуваше да дојде Хладно пиво, легендарниот хрватски punk бенд. Соодветно на приликата, појдов да се истуркам до најблискиот шанк за да се снабдам со истото. Пивопиите на чело со Миле Кекин (и неговото пивско стомаче), како и секогаш поштено ги испрашија сите свои познати теми, а бившите српско- хрватски конфликти воопшто не пречат на нивната голема популарност кај српската публика, која собрана во огромен број, ги поздрави со овации. Бев папсан, толку можев да издржам вечерта, па решив да си бегам. Но беше прерано за првиот утрински бус, па чмаев сам саат-два на автобуска додека не дојде. А ко за беља, пак почна да истура, и тоа жестоко! Покиснат и смрзнат со последњи атоми снаге се довлечкав до студентскиот дом. Црномурестата, која дежураше на влезот, ме праша како сум си поминал, и’ објаснив, рече само „е јеби га“.

Но сепак, треба да бидам среќен, има и полошо. Во неможност да ги следам медиумите, дури подоцна, од рекла-казала, дознав дека токму во текот на таа втора фестивалска вечер, загинал еден млад британски посетител на Exit, 22 годишниот Ентони Фиск. Некаде околу 2 часот по полноќ, паднал од бедемите на Тврдината, по кои наводно се обидувал да се искачи, а зошто и како, никому не е јасно. Трач- муабетите го припишуваа тоа на употребата на наркотични средства. Иако организаторот изрази жалење, сепак, укажа дека трагичниот настан се случил вон фестивалскиот простор, а полицијата, по увидот, заклучи дека нема индиции за кривично дело. Што навистина се случило не би знаел, но ова не е првпат фестивалов да зема жртви. Минатата година, од искршена гранка удрена од гром, во својот шатор во Exit кампот настрадаа и неколку млади луѓе од нашите простори.

Следниот ден, од кога се освестив, следуваше повторна посета на горенаведеното ресторанче во центарот на градот, при што кркнав бечка шницла со спанаќ у прилог и јунеќа супа.
Пред студентскиот дом налетав на едно друштво од Скопје. Иако престојувале во Exit кампот, поволната студентска продавничка и ладовината на травњакот испред домот им се виделе позгодни за дневна шема уз пиво. Се појави и Славе, познатиот скопски drum'n'bass диџеј, кој пушташе у Кастро заедно со Game Over, па и еден млад дечко од Ирска, Мајк, сеуште недоопраен од синоќешната бурна забава, а ни се придружи и мојот холандски цимер Питер Џон Босе II, па така акнавме 2-3-4-5 пива, промуабетивме и тргнавме да се спремаме за на фестивалот. Фативме 9-ка со Холанџанинов, беше КРЦАТА ќе експлодираше! Немаше место игла да падне, стоев на првото скалило на предната врата, па таа неколкупати ме згњечи при нејзиното отварање/ затварање. Хорор. Стигнавме на Тврдината таман за од почеток да ги изгледам култните Kraftwerk, пионерите на електронската музика, кои својата кариера ја започнаа уште во 70-те! Кога беа во Скопје пред неколку години, не успеав да ги гледам, со оглед дека тогаш беше пуштен ограничен број на карти во продажба. Ќе се изедев жив! Агрхх!

Успеавме да фатиме места доста блиску до бината, ако не веќе во првиот ред. А на неа, завеси, небаре како во театар, од разгласот доаѓаат електронски звуци, а рајата само што не екслодирала од нетрпение - аман више искачајте! Одеднаш завесата се трга и легендите Kraftwerk се појавуваат! Почнува "The Man-Machine"... машин, Машин, МАШИН... (зазвучуе малкуцка као она „важин“ на Борат... мала шала).

На сцената типоиве со мртви ладни фаци, германски сосредоточени во својата работа. Најпрвин се избација во строга црна минималистичка костимографија, која подоцна ја заменија со онаа Sci-Fi флуоресцентно зелена. Секој зад својот пулт или што им се више тие, као лаптопи ли, клавијатури ли, неисе. Цепаат класиките, "Home Computer", "Tour De France", "The Model", "Autobahn", во позадината одат проекции соодветни за секоја од нив, што дава една посебна драж на целиот спектакл. Тука црно- бели документарни снимки од познатата француска бициклистичка трка, манекенките од "The Model", ретро автомобили за "Autobahn", разни компјутерски анимации во нивен фазон, концептуална уметност или што и да е тоа...

Но се разбира, мора, ама МОРА увек нешто да биде баксуз- од левата страна на бината, организаторот поставил некаква камера на висок статив, поради која, оние во првите редови од левата страна на бината, неможат да го видат пејачот, Ralf Hütter, па мрдаат со главите лево- десно за да го зирнат. Тотално кршење на „филмот“! Гледам, некој човек оди накај камерата, се израдував дека конечно пратиле некој да ја тргне, почнав да пцујам све живо да се дерам е шуќур тргни ја бре више у пичку материну!!! Типот не само што не ја тргна, него бетер, тој да ти бил снимател! Сега, тој дел од публиката мораше да ја посматра и неговата гузица! Се изнервирав до немајкаде, но среќа, за време на една куса пауза во настапот, лека- полека успеав да се изгурам кон средината на публиката, за конечно да имам неометан преглед на целата бина, по што на раат си го одгледав концертот до крај.

По погоре споменатата пауза, завесата повторно се тргна, а на неа беа поставени роботине од спотот за "The Robots" односно "Die Roboter", наредени на местата на членовите на групата чии ликови и носат, како нивни своевидни роботски алтер-егоа. Оди култната ствар, со рефренот "We Are The Robots" и она русконо „Я твой слуга, Я твой работник“ при што роботите „танцуваат“. Атмосферата е нестварна.

По овој генијален футуристички перформанс, бендот (оној правиот, живиот) се враќа на сцена, овојпат облечен во гореспоменатите флуоресцентно зелени аутфити, а сходно на тоа се менува и иконографијата, т.е. проекциите кои одат во позадина. Продолжуваат да се редат и постари и понови ремек дела од нивниот репертоар.

Публиката полудуе на најавата на "Radioactivity" односно "Radioaktivität", која започнува со анти- нуклеарен statement на бендот, односно со проекција која говори за опасноста од радијацијата, проследена со нарација од роботски глас, во која се референцираат Чернобил, Хирошима итн. Настапот завршува со денсерската "Music Non Stop", верзијата од "The Mix", која го инкорпорира она славноно „Boing Boom Tschak!“. Членовите на бендот еден по еден ја напуштаат сцената со аристократско- џентлменски наклон кон публиката, а последен заминува Herr Hütter, кој се поздравува со неа на српски јазик, во стилот „Лаку ноќ“ или сл. Завесата се спушти... луѓето почнаа да се разотидуваат... а јас сеуште стоев скаменет и зинат.

Ете се случи и тоа, ги видов Kraftwerk... Сега, и покрај сите персонални промени во нивната повеќедецениска кариера, сепак тоа е таа магична група, што уште како деца ја слушавме на плочи и касети, со изгасени светла за целосно да би ја доловиле атмосферата на нивните композиции, тоа беа времињата кога мислевме дека со нашите Комодориња и Спектруми ствараме некаква компјутерска револуција! Дури и самите чепкавме во тие примитивни компјутерски програмчиња обидувајќи се да создадеме барем нешто слично! Се сеќавам и дека, кога веќе бев колку- толку упатен во нивното творештво, останав зачуден кога го преслушав нивниот прв албум, кој отскокнува од нивниот вообичаен саунд, а кој ми го позајми скопската урбана легенда Владимир Муратовски - Диво. И ред други сеќавањата почнаа да навираат, а со тоа и емоциите. За сите овие петпарачки електронски „музичари“ кои ги имаме денес, Kraftwerk остануваат апсолутно недопирливи и ненадјебиви. Точка.

Кога се освестив од магијата на Kraftwerk, време беше за познатиот американски електронски музичар, Moby, исто така на главната бина. Иако не сум некој негов голем фан, онака знам некои негови општо познати теми, сепак, се работи за битно име на современата музика, па решив малкуцка да го зирнам. Почна масовно пристигање на раја, главно составена од нафурани клинци, кои очигледно не дојдоа за музика, туку чуле- начуле дека ете, Моби е извикано име, се напушиле или се налапале таблети, ги залиле со алкохол и дошле да испукаат негативна енергија. Впрочем слични сцени можете да видите и кај нас, кога разни сеЉачки фаци, очигледно неупатени во било каква музика, зарад помодарство ствараат невидена гужва кога доаѓаат познати странски имиња, притоа буквално газејќи ги нивните вистински обожаватели. Мала дигресија, навистина е смешно она што Моби му го приреди на Скопје во далечната 1996. На нафураните клинци и скопски снобови собрани да играат на „тупс- тупс“, тој тогаш им се избаци со гитара и им ги отсвире стварите од неговата панк фаза. Но назад на настапот на Моби на овогодинешниот Exit. Се создаде невидена гужва пред мејн стејџот, ова на концерти на Цеца го немало, не се знаеше веќе ни кој пие ни кој јаде, почна невидено гурање, лакти у ребра, нафурани копиљаци покушаваа да фатат што подобри позиции за гледање (или да бидат видени), некои идиоти па почнаа да фрлаат пластични чаши полни со пиво у ваздух, на принципот „кого удрам не жалам“, па така една од рандом жртвите беше и една девојка која стоеше близу мене. За вакво однесување често знаат да бидат осудени британските посетители на фестивалот, но во овој случај тоа не е беше така. Сведок сум дека така се однесуваа и локални, па и скопски посетители на концертот, воглавно, ќе повторам, нафурани копиљаци. Се створи една тотално негативна атмосфера, па brutal death metal и hardcore punk бендови што сум ги глеал у животов имале покултурна публика, така иде зборот! Ова веќе не беше нималку забавно. Почна да гњави со онаа идиотска ствар „лифт ми ап, лифт ми ап, ај ња ња ња њаа“, одгледав колку што можев и едвај се извлеков од таа крајно несреќна „журка“, која чисто се сомневам дека би му се допаднала и на самиот Моби, доколку ја имаше таа (не)среќа да западне во неа. Ебави тоа денс „културата“. Е сеа ш’о е за право, тој имаше сосема коректен настап, но шо вреди, дојамот уште у старт веќе беше упропастен. Покрај електронскиот звук, беа присутни и гитари, кои сам ги свири, лупаше и на конги к’о Ацо Конга, переше веш, пеглаше и што ли уште не. Меѓудругото, имаше и политички ангажирани моменти. Во едно од обраќањата до публиката, изјави дека како Американец е должен да се извини за сите глупости што ги направиле властите на неговата земја. Изрази критики за Буш, кој „треба да се врати во Тексас, каде што му е и местото“, како и поддршка за новиот претседател Обама. Додаде и дека му е особена чест, што вечерва, бината ја дели со Patti Smith, Kraftwerk и Grandmaster Flash, кој настапи веднаш по него.

Џганот дојден за Moby се расчисти, што ми овозможи да дојдам во самиот прв ред за настапот на old school hip hop легендата Grandmaster Flash. Упатените сигурно се сеќаваат на неговата работа со раперот Melle Mel и групата The Furious Five, познати по темата "The Message" („донт пуш ми коз ајм клоуз ту д еџ, ам чрајин нат ту луз мај хед аха- ха- ха...“). Grandmaster Flash е и пионер на она што го нарекуваме Turntablism, диџејска вештина на манипулирање со грамофоните наспроти сувопарното „пуштање музика“. Иако не сум следбеник на хип хоп културата, сепак, заради лична култура решив да го проследам настапот на овој значаен музичар, како што и сторив и минатата година со Afrika Bambaataa, кој патем има соработувано и со Џони Ротен од Пистолс. Grandmaster Flash се претстави со диџеј сет кој вклучуваше славни, главно стари хип хоп и r'n'b траки, а го започна на спектакуларен начин со омаж за скоро упокоениот, Мајкл Џексон! Тоа предизивика бура воодушевување кај рајата која бргу се собра пред мејн стејџот. Додека GMF стоеше зад диџејскиот пулт, неговиот настап го придружуваше и еден помлад, истотака црн момак, во својство на „аниматор“ на публиката, кој со извици од типот "Let me see your hands in the air!" и неуморно танцување, уште толку ја запали. "Thiiis one's for Michael!" најави тој, по што следеше познатото „там- та- дам- та- дам- дам- дам- дам“, бас линијата од "Billie Jean". Се надоврзаа "Bad", "Dont Stop Till You Get Enough", "Wannа Be Startin Somethin" и други големи хитови на кралот на попот, а и "I Want You Back" од неговата рана кариера во групата Jackson 5.  Сега добро, тоа се општо познати ствари кои можете да ги чуете секаде, но пуштени на тој гигантски концертен разглас и збогатени со „анимирањето“ на погореспоменатиот тип, тие зазвучеа далеку помоќно и никого не оставија рамнодушен. Речиси и да не остана некој да не танцува (освен мене, јас сепак само „новинарски“ набљудував). Заиграа, и тоа баеги ентузијастички, дури и самите (навидум крути) редари пред главната бина! Ако ништо друго, и тие сигурно знаат за Џексон, па зар име некој кој не знае? По омажот за Џеко, сетот продолжи со познати рап траки, вклучително и "The Message", проследени со извици "Heey Hooo, Heey Hooo" и сл. На моменти сетот направи излети и во гитарашки рок, па се слушна и Nirvana со "Smells Like Teen Spirit". Од толкав фестивал каде настапуваат миљон рокерски бендови по најразлични стејџови, се најдоа копиљаци, пијани или издрогирани или просто глупи, кои најдоа да се шутираат на оваа веќе толку извикана ствар, притоа туркајќи ги оние кои дошле да танцуваат. Кичерај жив. Мислам ало, ако имате јајца идете на некои металски или панкерски стејџ, ако воопшто и ја познатавте таа музика во што чисто се сомневам. Идиоти. И тука веќе почнаа гужви, со тоа и негативна енергија, прскања со пива и слични глупости, за првпат да доживеам да видам тепачка на Exit (всушност тепачите не стигнаа ни да се допрат, благовремено беа разделени). Сепак, сметав дека такви сцени припаѓаат на некое друго време и дека нипошто не одговараат на овој фестивал. Некој ми спомна дека саглам туча се десила на Денс арената. Е ај сеа? What's next, туча на Сител бамбини? Ми се смучи од све и си тргнав „дома“, т.е. назад во домот на спиење.

Утредента повторно стандардна ручек шема. Земав јунеќу супу и вешалица с грашком. Зборев со Холанѓанецот што би сакал да гледа на последната фестивалска вечер, а тој насмеан вели „ма не идам, иам уговорено со една цура“. Типот се шлаел низ град безвезе и у некоја населба од типот на Карпош или Аеродром, видел некоја пицерија безвезе и влегол да јаде пици тука. Тука спонтано паднало упознавање со некоја типка, муабет ово-оно размена мобилни и договориле дејт. Ај ју лаки бастард си реков. Стварно бев на некаков начин воодушевен како така типов дошол на музички фестивал, а не се замара со музички истории и референци, за разлика од мене. Кога ќе помислам само како сум се трескал од земја, смеел или плачел на одредени музики, како сум собирал плочи од некои мои музички херои, како жедно сум чекал некои концерти или како со 300 муки сум доаѓал до некои ретки ствари, како сум свирел у бендови и сум поминувал низ гаражи, подруми и тавани, како пацерски ја иам пропуштено рокенрол легендата  Џери Ли Луис у Софија итн.. итн... итн... Цел живот, сите пари и нерви, и крв, пот и солзи, све дадовме за таа ебана музика. За мене идење на концерт на музички херои со кои сум „се градел“ е малтене рамно на „ходочашќе“. А Холанѓанецов, ма кур го боли. Вика ма каај бе ќе се тегнам сеа на егзит, гужви, глупости едно- друго, си иам уговорено бе батка, и лежи на кревет у бели гаќи со рацете зад глава и се смешка таков ко Питер Џон Босе. Брееј.

Стигна sms од Нишлиите, ме канат на гости вечерта. Имаат стан во Нови сад, тука студираат или така нешто. Енивеј, им велам дека би сакал да им поминам, но дека никако не смеам да ги пропуштам британските Ska / 2 Tone легенди Madness. Ако тоа се случи, џабе сум доаѓал на Егзит воопшто. Сепак заради потребата од дринкинг & муабет друштво како вовед во вечерашната забава, ја прифаќам поканата, што за малку не испаѓа кататстрофално! Седиме шо седиме на тераса, летна шема, пиеме шо пиеме, и знаете како е, ќе заседне чоек, ајт уште една цигара, ајт уште едно пиво, веќе се освестив дека е време да трчам до Тврдината! Немаше време за автобуси и глупости, викнав такси. Џабе, баксуз, таксистот не сакаше да го премине Варадинскиот мост заради преголемите гужви, сепак последна вечер, имаше навалица на петсто квадриљони луѓе! Остатокот од патот кон Тврдината го поминав во очајничко трчање провирајќи се меѓу масата тргната накај неа! Race Against Time, шо би рекле GBH! Се пцуев себе како можев да ја прифатам поканата, иако беше добронамерна, сепак, јас тука дојдов за друга работа.

Во агонија ги пројдов сите процедури на влезот, Madness веќе беа почнати, а иако беа далеку, можеа јасно да се препознаат некои нивни познати теми кои доаѓаа од разгласот. Ќе се упуцав од мука. Со трк се упатив кон мејн стејџот и вешто се провлеков низ гужвата со цел да фатам што поповолно место. Една малецка не беше воодушевена што на мојот пат низ гужвата, накратко застанав токму пред неа, па брутално ми улета во грб и ме турна, но ме задржаа телата на оние пред мене. Ако некаде погоре говорев за нафурани идиоти, ова па у женско издање, беше далеку побетер.

Неисе, продолжив понатаму додека не најдов сосема пристојно место близу до бината, со релативно мирна публика околу мене. Тука застанав буквално скаменет и без да трепнам на раат го изгледав настапот на прекрасните Madness до крај! А за среќа, остана уште доста за гледање. Ги свртеа сите нивни класики, и "Prince", "One Step Beyond", "My Girl", "Night Boat to Cairo", "House of Fun", "Baggy Trousers", "It Must Be Love", но и некои потазе теми. Имено, тие оваа година објавија и нов албум, под наслов "The Liberty of Norton Folgate".

Но добро сега, да се разбереме, и годините си го земаат данокот. Madness не се веќе оние разиграни бубуљичави момчиња, кои пленеа со изведување бесни глисти во своите шармантни спотови, во кои до израз доаѓаше нивниот откачен смисол за хумор, па така некои од песните не ми звучеа сеа баш исто к’о што звучеле пред 30 години, кога биле снимени, што е и нормално.

Madness се сега средовечни џентлмени, но секако, јас и понатаму си ги сакам. Инаку, тие настапија во својата оригинална постава. На чело на бендот, симпатичниот фронтмен Греам Мекферсон звани Suggs, потпомогнат од пратечкиот вокалист, денсер и повремен инструменталист, Chas Mash. Куп луѓе на бината, гитара, бас, бубањ, клавијатура, дувачка секција, литературна секција, драмска секција, сликарска секција, све више... сите облечени во вкусни црни одела. Особено се истакна саксофонистот, Ли Томсон, со pork pie шешир на главата, нели, во типичен ska фазон. Во позадината пак, светлечки натпис к’о на Бродвеј, "MADNESS". Баш к’о што и доликува на вистински водвиљ спектакл! Now that's what I call entertainment!

Настапот заврши, а јас задоволен од од него, тргнав да се оддалечам од бината, знаејќи дека следни се The Prodigy и дека тука ќе има масовна навала на (проста) маса, како и во случајот со Moby претходната вечер. Не згрешив во проценката. Крда разјарени носорози (и машки и женски) крајно дивљачки почнаа да се гураат, борејќи се за предните редови на мејн стејџот. По пут ќе изгазеа и еден повозрасен пар, веројатно дојден да си ги види милениците од младоста, Madness. „Шта вам је бре људи??“- викаше типот. Џабе. Ова беше испијанет/ издрогиран шљам дојден не за музика, туку да се треска од земја на извиканите и више искурцани The Prodigy. Тип на „публика“ која доаѓа само на извикани имиња кои ги видела на MTV, а по завршувањето на нивниот настап, истата таа „публика“ експресно ја снемува, покажувајќи тотална незаинтересираност за било кој од другите изведувачи. Они се нели, као јаките „технаџии“ стегнати у тесни маици со „техно“ цвикери (се разбира, ова цинично во наводници, немам ништо против вистинските обожаватели на електронска музика). И повторно, како на Moby, несносни гужви, задушен простор, лакташење, летање пива, ја не знам како некој не загина! Огромна концентрација на негативна енергија, тензијата во воздухот можеше буквално да се сече со нож! Епа ако тоа го нарекувате „забава“, или нешто не е во ред со вас, или можеби со мене? Се оддалечив на безбедно растојание од таа кланица и повторно себеси се запрашав, добро, зошто да речеме Explosive стејџот каде праши најбрутален death/ thrash/ black/ doom metal или hardcore punk, и каде НАВИСТИНА е место за дивљање и шутки останува релативно полупразен и зачудувачки мирен? Сега, бар колку што можев да видам у пролаз, корегирајте ме ако грешам. Истовремено, на главната бина, за една одамна искомерцијализирана, такаречи поп група, The Prodigy, летаат пердуви?! Ете, тоа е жалниот факт, се чини дека вистинските почитувачи на музиката (без разлика дали пожестока или не), веќе ги нема на Exit или можеби јас имам погрешен впечаток.

Да се разбереме, немам јас ништо против slam dancing и moshing, т.е. популарната шутка! Но се знае каде се праи тоа, па кој нејќе и не мора да се пика у неа. На панк легендите Секс Пистолс и Пекиншка Патка лани се шутирав у први редови, но ако некој паднеше, нормално, го дигаме сите и сл. Та не е целта да загине некој! А овие, навидум културни и тренди „технаџии“ (во наводници), ќе те згазат и ќе те дотепаат и тоа пази, на The Prodigy, па што онда требаше да се случи ако вечерта свиреа Napalm Death например, војна?!. „Ние сме откачени, леле колку сме откачени, ептен сме откачени, до јаја сме откачени, ооо колку сме откачени, у пичку матер сме откачени!“ така делуваше и настапот на The Prodigy, а и публиката дојдена за него. Воопшто не спорам дека таа група си има свои заслуги во поновата музичка историја! Некои нивни траки се навистина антологиски, ама уште во деведесеттите некако ме одби целата таа помодарска хистерија околу нив. Ми се згади од изнасиленоста на целата работа и појдов негде подалеку од мејн стејџот да одморам. Земав пиво од еден од шанковите, најдов некое место за седење, запалив цигара и кулирав. Гледав во убавите девојки кои поминуваа, знаејќи дека све е џабе. Фестивалот ете се ближеше кон својот крај.

Прошетав за последен пат наоколу и не знам како, но во таа гужва налетав на Нишлиите, па  да ги барав, нема да ги најдев. Где си македонац ово-оно, ме викнаа да одиме во т.н. Silent Disco. Како што ми го опишаа местото, делуваше како интересен концепт, дискотека во рамки на фестивалот, каде секој посетител добива бежични слушалки на кои ја слуша музиката од диџејот. Разглас нема, па навистина е „филм“ да присуствуваш во едно такво место без нив, да гледаш луѓе како танцуваат во тишина, евентуално прекинувана од одеците на нивните чекори и извици. И јас самиот имав фикс идеи такво нешто да се направи во Скопјево, но никогаш не сум бил во можност тоа да го реализирам. Појдовме таму, следеше мачно пентрање по калдрмите на тврдината и поминување низ нејзините веќе претходно споменати тунели, мостови и чуда. Гужвата на влезот на ова бизарно диско не ветуваше многу. Претпоставувам, заради ограниченоста на бројот на слушалки и на просторот, не може туку така да се влезе. Чекавме и чекавме редарите да ја отворат капијата, веќе беше доцна, бев на крај на силите и нервите и ми пукна. Се заблагодарив за друштвото и тргнав назад до студентскиот дом. Правилна одлука, сабајлето требаше да се брка бус за Скопје, а со оглед дека фестивалот заврши, се очекуваа огромни гужви на станиците.

Фатив бус за да одам назад до Домот, кога се испостави дека дрво пијан ко што сум бил, сум фатил погрешен број. Ај јеботе, мораше ли баш сега. Се решив да терам до задња станица, па после назад, поарно така, отколку да се симнам на некоја потполно непозната станица. За среќа, бусот тераше до железничката станица, сепак некаква цивилизација. Иако беше рано наутро, 3-4, веќе и не памтам, тука веќе беа собрани неколку друштва кои си бегаа назад во своите градови од фестивалот. Суботица, Бачка Паланка, Апатин, Панчево, Вуковар, Осијек, што ли, неам појма. Се промував низ станицата, поседов на клупа и сл., па најдов каде беше постојката за автобусот кој ми требаше. По подолго чекање, дојде, се качив, стигнав до Домот и легнав да спијам. Повремено ме будеа гласните прдежи на холандскиот ми цимер. Беа некако на висока фрекфенција, прсссст- прррсст или сл., не она „фрау- фрау“, да се знае бре дека е прдеж. По кратко интераптед спиење, станав да се пакувам, при што и него го подразбудив, па проговоревме кој од нас како ја поминал последната вечер во Нови Сад. Со девојката со која имал дејт, биле у некоја традиционална кафана со тамбурици. Јадел некои таму ваљда домашни специјалитети, испил и доста ракии, па веројатно од таму и прдењето?

Но, не е важно сега неговото Шенгенско прдење, се поздравивме и се симнав да се одјавам од собата. Холанѓанецот остана да спие. Ако имало уништено ќебе или перница, согласно на потпишаната изјава, он ќе одговара. Долу на рецепција, седеа млади луѓе, задолжени за дочек / испраќај на гостите. Црномурестата ја немаше, а наместо неа имаше една навистина симпатична плавушка, која ме поздрави со "hi" мислејќи дека сум странец. Еее џабе сеа "hi" душо, јас си одам, си помислив. Видов што видов, мишн акомплишд.

Отидов со такси до меѓуградска автобуска. Ги поминав мачните редици околу резервација на возниот билет, за среќа си фатив место. Земав некој сендвич, кроасан и сокче. Веќе е разденето, сонце шиба, се осеќав добро. И повторно следеше мачно повеќечасовно кланцање и потсетување на гратчињата, кои претходно ги поминавме на патот до Нови Сад. До мене седеше еден повозрасен момак. Во скутот држеше некаква ташна од која не се одвојуваше. Можда носел пари, којзнае. Разговаравме околу тоа „како је код вас у Македонији“, за политичката и економска ситуација и сл. Типот се симна во Ниш. Овојпат навистина застанавме таму, затоа што требаше да менуваме автобус. Се најдов до една девојка од Тирана, Албанија, која била на Exit. Муабети ова-она. На граница на излез од Србија, повторно тормозење на патниците. Симнаа некој момак за претрес, автобусот не го чекаше, си продолжи понатаму, па тој мораше да фати еден од следните. На влез во Македонија, влегуење цариник насмеан до уши. „Ами имате нешо да пријавите за царина?“. Штама. „Е како бе немате?! Ај ти дечко симни се да те провериме“. Симнаа некого, но кратко траеше, барем ми се чини. Влеговме во нашата дежела, се олабаив, аман со тие граници. Стигнавме во Кимахобо (лат. Куманово), мама миа Чентрале Африка, каде седнавме на станица да здивнеме. Пристигна и автобусот со момакот кого го симнаа на излез од Србија. Добро е, се прибра.

Следуваше краток пат до Скопје. Се прибрав дома со такси (не од оние станичните, кои генерално дерат). Влегов и некако се осеќав чудно. Ми требаа повеќе денови да се аклиматизирам, по што седнав да повторам градиво околу она што го гледав на Exit. Дури кога човек ќе седне на раат дома пред монитор, уз музика и видеа, тек тогаш сфаќа што уствари гледал. Гужвите, малтретирањата и сето тоа не ти даваат вистински да ги одуживаш своите херои. Па ја ги глеав Madness и Kraftwerk, човеку! - си помислив. Ги свртев сите оние познати спотови и музики со кои сум растел, надојдоа и емоциите.

И така, тоа беше уште една потполно заморна и финасиски неисплатлива авантура во име на музиката, догледање до следната (ако воопшто ја има). I know it's only Rock'n'roll but I like it!

 

 

Видео клип со извадоци од настапите на моите фаворити на овогодинешниот Exit - Madness и Kraftwerk, но и некои други изведувачи, како и снимки кои ја доловуваат атмосферата на фестивалот.

Прилози во текстот:

Фотографии, видео и негова обработка: Вангел Башевски - Барми


Види и: видео статии за поединечни учесници на Exit 09:

За аудио прилозите на тема: Exit, кликнете ТУКА.

Браво, закон, секоја чест...

Браво, закон, секоја чест... уживав а богами и се изнасмеав додека ја читав... :)))

komentar

Odlicna statija, na momenti se smeev mnogu, samo ne mi e jasno zosto se ruga rajata sto dosla na Moby ili Prodigy, i zosto se narekuvaat pomodari, ili izdrogirani kopiljaci? Pa zarem BRE samo kopiljaci vide tamu? Kaj ti bile ocite covece? Aj za Moby delumno se soglasuvam deka e tapa i deka pomodari ima eden ton, ama Prodigy???? Luge rastele so toj bend, i ne bile dovolno vozrasni da gi gledaat vo Skopje pred 5 god ili pred 12 god, pa sega specijalno fakjale avtobusi, vozovi i chuda samo za da dojdat da gi gledaat. A toa dali nekoj bil na tabla, ili bil naduvan ili nashmrkan, tebe ne te zasega mislam direktno neli? Fakt e deka imase MNOGU luge, i opasno shutkanje... PA NORMALNO!!!! PRODIGY SE NA SCENA !

Мене најдобар момент ми беше

Мене најдобар момент ми беше кога после сите турканици и борба за живот на Продиџи некако се најдовме со пејачот на Меднес на ист шанк, си пиевме пивце и си слушавме драм’ен’бејс :)

Wall of text hits you.

Wall of text hits you. Critical hit! You die.

Слични содржини

Музика
Музика
Музика / Историја
Уметност / Теорија / Музика / Историја
Книжевност / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото