1015 hPa
94 %
11 °C
Скопје - Саб, 08.11.2025 01:59

Raumlabor Berlin е група која од 1999 г. се занимава со урбан дизајн, архитектура, изградба и истражувања. Нивната работа е насочена кон јавниот простор кој тие го доживуваат како суштина на секој град. Главното прашање што тие го поставуваат е „Што денес навистина се случува во јавниот простор?“.
Каква општествена промена се случува таму и какви обележја треба да има јавниот простор? Каква улога можат да имаат архитектите и урбанизмот во производството на тие карактеристики? Како луѓето се однесуваат на јавните места и на плоштадите од своите градови? И кому е дозволен пристапот?
Предавање на Јан Лисеганг и Матијас Рик
Во урнатините на општествена Европа
Попрецизно ќе ги опишеме своите методи на долгорочниот проект кој се нарекува „Eichbaumoper“ (Дабова опера), а се наоѓа во поранешниот индустриски регион Рур, на западот на Германија. Овој регион претставува конгломерат кој се состои од 53 града чии економии се засноваа на јаглен и металургија. Во 1950-те и 1960-те неколку визионери замислија нов голем инфраструктурен систем заснован на автопат и подземна железница со кој овие 53 града би се претвориле во метрополитенска област. Тоа беше модерен поглед на градот, кој ја спојува новата инфраструктура со јавните простори. Исто така, стануваше збор за еден вид општествена утопија, со оглед дека со тоа се сакаше да им се овозможи мобилност на над 10 милиони луѓе кои живееја во таа област.
Иако целиот развој во регионот беше воден од социјални идеи (социјално-демократската партија градеше станови, патишта, подземна железница), исход од сето тоа беше едно големо гето покрај автопатот. Бевме шокирани, но истовремено и воодушевени од тој простор. Решивме да го снимиме документарниот филм „Utopie 18“. Разговараме со планерите кои на тоа место „ја изградија“ својата утопија. Разговараме и со оние кои живееја таму за да сфатиме како живеат и се справуваат со условите за живот. Беше тоа првиот чекор на нашата работа во таа област.
Додека разговараме, наидовме на местото на кое сите феномени од оваа област се поклопија – железничката станица Eichbaum. Станицата се наоѓа на местото каде што се вкрстува автопатот, а истовремено претставува отворен простор на кој подземната железница влегува во автопатот и излегува од тунел на другата страна. Тоа е навистина застрашувачки простор, бидејќи автопатот ги разделува двата дела на градот меѓу кои се наоѓа изолиран зелен појас. Кога разговараме со луѓето, сите тие се плашеа од тој простор, и го избегнуваа и поминуваа преку патот кој е подолг за еден километар само за да не поминуваат оттаму. Тој простор за нас претставуваше противречност – луѓето кои го направиле планот за таа област сакале да направат нешто добро, но тоа се претворило во технократска бесмисленост.

Што ако изградиме опера на местото на станицата?
Тој необичен периферен простор нè поттикна да посакаме да изградиме опера на него. На почетокот тоа беше само идеја која им ја предложивме на трите театри – да го претвориме тој дел во еден вид јавен простор. Со оглед на нашиот романтичен поглед на јавниот простор, тоа место ни остави силен впечаток и нè поттикна да замислиме што операта како уметнички облик би ѝ дала на станицата. Тој простор е многу драматичен, полн со надежи, желби, трагедии и приказни, па поради тоа се решивме за специфичен модел на опера кој може да ги раскаже сиве овие приказни. Иако на почетокот замислата беше провокација, многумина, од кои некои и од светот на театарот, подоцна заклучија дека станува збор за добра идеја, па почнавме да го шириме кругот на соработниците.
Кога се согласивме дека ќе работиме на станицата, моравме првин да се преселиме таму. Многу е битно за нашата работа да се користиме со просторот на кој ќе работиме. Луѓето кои живееја близу беа изненадени што некој на тоа место поставил маса и скара и ги кани луѓето да му се придружат и да уживаат во просторот. Немавме намера да донесеме постоечка опера на тоа место туку сакавме операта да израсне од самото место. Ни беше важно да ги откриеме можностите што истото ги нуди и да создадеме простор од заедничките приказни, па ги повикавме луѓето од соседството за да поразговараме.
За таа прилика изградивме мала градба од бродски контејнери. Зградата ја нарековме „барака за изградба на операта“, а таа ја имаше истата улога како и градежните бараки во средниот век. Пред да се изгради катедралата, сите градежни стручњаци се среќавале во нив за разговараат за нејзините размери и структурата. Нашата барака, изградена на станицата, ја користевме како работен простор, ни и како отворен простор за луѓето кои сакаа да се вклучат во процесот на изградба на операта. Градбата беше сместена на малиот плоштад кој во 1960-те требаше да биде претворен во мал пазар, но безуспешно. Важно ни беше таа биде видлив знак на преобразба и да биде на повисоко ниво од автопатот, за да се види дека се наоѓа на станицата, но и надвор од неа.

Враќање на животот во местото
На местото на идната опера одржавме работилница со уметникот Кристофер Дел и месните жители. Во привремениот полупроѕирен балон луѓето градеа фрагменти од операта, служејќи се со сопствениот талент и сфаќањето на поимот опера. Работилницата беше успешна: луѓето доаѓаа на просторот кој порано го избегнувале и се користеа со него како заеднички простор на кој можеа да се изразат и уметнички.
По работилницата продолживме со активностите. Поканивме композитори, уметници и луѓе од други струки за да развиеме различни стратегии на користење. Еден музичар и композитор почна да одржува работилници со младите на кои смислуваа сопствени песни и веднаш ги снимаа. Се одржа и работилница на која учесниците читаа сопствени текстови за тој простор. Потоа, кога добивме донација од еден локален производител на боја, организиравме работилница со тинејџерите од соседството кои ја насликаа фасадата на таа градба. Во неа почнаа да се одржуваат различни случувања – изложби, свирки, забави, расправи, работилници. Почнавме и да издаваме весник со наслов Eichbaumer, кој доживеа три броја.
Важно ни беше да бидеме таму како личности, а не како институција. Кога работите со луѓе, имате одговорност, создавате односи, но на крајот сепак морате да си заминете. Еднаш мора да си отидете и да оставите нешто зад себе.

Остварување на утопијата
Никој не веруваше дека таму ќе има градба. Ние изградивме гледалиште и кафез кој беше истовремено и сцена. Кога почнаа пробите, се појави напната ситуација, зашто подземната железница постојано си работеше и луѓе продолжуваа да поминуваат низ тој простор до некоја своја крајна дестинација. Па така, постојано имаше љубопитни гледачи на пробите. А потоа, некаде пред почетокот на летото во 2010 г. имавме 8 оперски вечери со вистински оперски пејачи, како и со жителите на тој простор кои учестуваа пеејќи ги приказните за луѓето и просторот.
Откако ја изградивме операта, отворивме и кафуле. Во него се собираа луѓе – посетители, оперски пејачи и тинејџери. Во средбите меѓу тие различни групи, нашата опера отвори многу умови и создаде огромен потенцијал. Луѓето не можеа да си замислат дека на тоа место е можно нешто, а ние со градење на операта им докажавме дека сè е можно. Операта се прекина за време на летниот распуст, но побаравме финансиска поддршка од германското министерство за урбан развој, од каде што се сложија да ја финансираат нашата работа со тинејџерите од соседството.
Извор: Grad POST-kapitalizma
Слични статии:
Кога истражувањето ќе стане милитантно
Правото на град - повеќе од популарен концепт?
Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме
Поуката од периферијата на моќта