Меѓу популизмот и демократијата

06.02.2012 16:15
Меѓу популизмот и демократијата

Кога еден систем ќе ги исцрпи своите потенцијали за одржување на социјален баланс во општеството тогаш настапуваат популизмот и/или револуцијата. Општеството запаѓа во состојба на дистопија, односно, оптоварено со многу неволји, запаѓа во состојба на колективна безнадежност.

Либералниот модел кој Запад го наметна како проект за транзиција на општествата од поранешниот блок на социјалистичките држави и на СФРЈ сè повеќе и повеќе ја покажува својата неспособност. Тој ги продлабочи социјалните разлики и создаде простор за засилување не само на традиционалната десница, која денес се нарекува нова десница, туку и на ултрадесницата.

Од друга страна, имајќи ги предвид структурите кои подолго време управуваат со системот, било да се на власт или претендираат да ја заменат, тешко е да се очекува дека тие имаат капацитет да ги остварат очекуваните промени, ниту за тоа има простор доколку тие структури се бараат внатре во постојните системи. Веќе се истрошени фразите дека треба да се дејствува низ институциите на системот кои се толку истрошени што секое верување во институционалната демократија е илузија. Се чувствува беспомошност, запоставување на моралните стандарди, базирани на човекот како основна вредност наспроти шпекулативниот капитал и профитерството. Денес, на планeтеран план, повеќе е од очигледно дека парите ја исцрпија демократијата. Тоа го покажа и собирот во Давос. Во такви услови десницата и популизмот одат заедно.

За разлика од порано денес популизмот се јавува низ две форми: како социјален протест не само од страна на оние чија егзистенција е загрозена туку и од оние кои сè повеќе ја чувствуваат својата маргинализација под притисок на мултинационалниот корпоративизам и финансиската олигархија; второ, популизмот се јавува и како политички програм на новата десница.

Како политички програм на новата десница популизмот ги загрозува основните вредности на либералната демократијата, ја нагризува нејзината суштина и доведува до нејзино конечно разорување. Но, во исто време популизмот како таков може да се толкува од една страна како патолошка страна на демократијата западната во криза, а од друга како предизвик за промени на закостенетата институционална демократија.

Популизмот како идеологија на екстремната десница се позиционира како: анти-емигрантски, анти-муслимански, расистички и националистички.

Како политички програм, популизмот на новата десница се повикува на ‘‘народот‘‘и на ‘‘малиот човек‘‘; неговата основна парола е ‘‘НИЕ‘‘ наспроти ‘‘ТИЕ‘‘, при што за нив ‘‘ТИЕ‘‘се естаблишментот, политичката класа и елитата, а самите се дефинираат како анти естаблишмент и анти елита. Овој вид политички популизам е базиран на тезите за хомогеност на ‘‘народот‘‘ и на ‘‘малиот човек‘‘ кои по својата суштина значат сепарирање и исклучување на другиот. Идеологијата на популизмот на десницата отсекогаш се засновала врз принципите на водач и следбеници.

Сепак, како што напоменавме, политичкиот популизам претставува и предизвик за ‘‘успаната и самодоволна демократија‘‘, која го изгубила креативниот потенцијал пред новите предизвици, особено во време кога неолиберализмот се наоѓа во длабока криза. Во такви услови популизмот се јавува како ‘‘катализатор‘‘ за забрзување на процесите за излез од кризата во која сè повеќе тоне институционалната демократија.

За политичкиот популизам институциите на системот се само инструмент за остварување на ‘‘волјата на народот‘‘ како ‘‘света цел‘‘ на десницата. Тој е во директен судир со двата столба на граѓанската демократија: институционалниот (Правната држава) и демократијата (сувереноста како неотуѓиво право на народот). Тогаш кога ќе се обезвреднат демократските вредности и конституционализмот, се отвора широкиот простор за политичкиот популизам. Популистите во принцип не ја почитуваат поделбата на власта. Тие немаат доверба ни во една од иституциите кои имаат капацитет на независност (Уставните судови, Централните банки и сл.)

Почитувањето на со устав гарантираните права на етничките, конфесионалните и други малцински групи, не се приоритет на популистичката политика.

Популизмот почива врз илузијата за апсолутно единство внатре во самиот себе. Неговата фикција за хомогено политичко единство ја генерира логиката која идејата за различноста и другоста ја елиминира од поимањето на демократијата. Демократијата базира на идејата на отворено општество, а политичкиот популизам на имагинацијата на затворено, хомогено, колективно единство кое се изразува преку власта која е ‘‘добиена‘‘ од народот. Судирот помеѓу идеологијата заснована на политички популизам и вонинституционалниoт, невладин сектор е перманентно присутен.

И конечно, политичкиот популизам не може да опстане без пропагандата зошто би изгубил многу од психолошкиот ефект кој сака да го постигне – било да внесе страв и чувство на несигурност или пак да го добие ‘‘народот‘‘ наспроти демократските институции. Пропагандата и популизмот одат заедно. Заради тоа од суштинско значење за политиката базирана на популизам е да ги ‘‘освои‘‘ медиумите.

Дали зад ваквите анализи се препознава политичката реалност во Р. Македонија, тоа ќе му го оставиме на читателот.

18.01.11.

Илустрации: Dana Schutz