Реставрирано уште едно архитектонско модернистичко ремек-дело

06.02.2012 20:37
Реставрирано уште едно архитектонско модернистичко ремек-дело

По две години работа и речиси седум милиони потрошени евра, реставрацијата на Вилата Тугендат (Vila Tugendhat), дело на славниот архитект Лудвиг Мис ван дер Рое, во Брно,Чешка, се ближи до крајот. Идејата за обнова потекнува уште од 2001 година, кога вилата е ставена на листата на УНЕСКО како дел од Светското културно наследство, а е финансирана од градот, државата и одредени ЕУ фондови.

По нарачка на Грета и Фриц Тугендат, германски Евреи и косопственици на фабрика за текстил, ова ремек-дело на модернизмот е завршено во 1930 година. Иновацијата и оригиналноста произлегуваат од користењето на тогаш напредните технологии и егзотични материјали со цел да се постигнат едноставни геометриски форми во архитектурата.

Трокатницата со рамен покрив е сместена на врвот на стрмен рид и гледа на југозапад. Носечката структура на зградата ја сочинуваат 29 челични напречни пресеци, кои во Брно биле донесени од фабрика од Берлин. Таквата структура овозможила пространи простории, а стаклениот ѕид истовремено и ги спојува и ги одвојува надворешниот и внатрешниот дел.

Вредноста и можностите на така поставениот простор најдобро ги илустрира бурната историја на зградата, откако сопствениците ја напуштиле во 1938 година, кратко пред нацизмот. По доаѓањето на Германците Гестапо ја презема зградата и без чувство за вредноста на нејзиниот простор ја адаптира градејќи нови внатрешни и надворешни ѕидови.

Во сојузничкото бомбардирање Вилата Тугендат останува само со еден стаклен ѕид, додека сите останати се срушени. По ослободувањето на Брно од страна на Црвената армија, во 1945 година дневната соба на вилата послужила како место за чување на офицерските коњи. Во општата немаштија тогаш полиците на големата библиотека се искористени како огрев, што е сосема незамисливо ако имате на ум дека самиот ван дер Рое го проектирал целиот мебел за вилата. По завршувањето на војната зградата е користена како училиште за балет и центар за рехабилитација на деца со оштетен ‘рбет. Од 1980-та, вилата е во сопственост на градот, но никогаш не била успешно обновена. Напротив, во тоа време е уништен и единствениот преостанат стаклен ѕид од оригиналната опрема во тоалетот.

Од горе наведеното може да се претпостави предизвикот пред којшто се нашле реставраторите. Со помош на фотографии од архивата на MoMA во Њујорк, од архивата на градот Брно и од семејната архива се извадени копии на оригиналните нацрти, а според кои се воделе реставраторите при реставрацијата. Ивет Церн, архитектка од Градскиот музеј на Брно која од 2002 година е задолжена за вилата, нагласува дека со оваа реставрација вилата Тугендат станува единствениот споменик на архитектурата на Ван дер Рое во Европа со сочувани преку 80% изворни обележја (да се потсетиме дека павилјонот на Ван дер Рое во Барселона е реконструкција).

За тоа можеме да им се заблагодариме и на некои среќни околности. Оригиналната када која исчезнала во 1940 година е пронајдена во соседната куќа, а закривениот ѕид од абонос е пронајден во бифето на Правниот факултет во Брно, каде што нацистите го вградиле во својот бар. Сепак, најголем предизвик за реставраторите претставувале потполно изгубените елементи. За стаклените плочи со дебелина од еден сантиметар да бидат што послични на оригиналните, истите се нарачувани дури од Белгија, додека белиот линолеум кој оригинално го прекривал подот денес е заменет со ист таков од германската фабрика што го произведувала и пред 80 години.

По тие бурни години, минималистичките простории и стаклените ѕидови на вилата Тугендат се вратени во автентичната состојба и вилата ќе ги отвори своите врати за посетителите, сега служејќи како музеј. Магијата на светлата кои се создаваат кога сончевите зраци низ големите прозорци под одреден агол се одбиваат од големиот ѕид од оникс во дневната соба, магијата за која раскажувала Грета Тугендат и од која бил воодушевен и самиот Ван дер Рое, од март ќе им биде достапна на сите. Ако патот ве одведе во Брно, не пропуштајте да го посетите ова ремек-дело на светската архитектура.

Извор: pogedaj.to

If only there were more

If only there were more ceelvr people like you!

ОкоБоли главаВицФото