Бунтот на платената буржоазија

07.02.2012 10:28
Бунтот на платената буржоазија

Како Бил Гејтс стана најбогатиот човек во Америка? Неговото богатство нема врска со тоа што Мајкрософт произведува добри програми по пониски цени од конкурентите ниту, пак, со успешната „екплоатација“ на работниците (Мајкрософт ги плаќа своите интелектуални работници релативно добро). Милиони луѓе и понатаму ги купуваат програмите на Мајкрософт затоа што тие се наметнаa како универзален производ, практично монополизирајќи го целиот пазар, како отелотворување на она што Маркс го нарекуваше „општ интелект“, под што подразбираше колективно знаeње во сите области, од наука до практична умешност. Гејтс во суштина го приватизираше општиот интелект и се збогати присвојувајќи ја рентата која следеше.

Можноста за приватизација на оштиот интелект е нешто кое Маркс во своите дела за капитализмот никогаш не можеше да го замисли (главно затоа што не ја земаше предвид социјалната димензија на капитализмот). Сепак, во ова се крие суштината на денешната борба околу интелектуалната сопственост: како што улогата на општиот интелект – заснован на колективно знаење и општествена соработка – се зголемува во постиндустријалискиот капитализам, така и богатството се акумулира несрезмерно во однос на трудот потрошен за негово производство. Резултатот не е, како што сведочеше Маркс, самоуништување на капитализмот, туку постепена трансформација на профитот генериран со експлотација на трудот во рента присвоена со приватизација на знаењето.

Истото важи за природните ресурси, чија експлоатација денес е еден од најголемиот светски извори на рента. Се води непрекината битка околу тоа каде оди таа рента: помеѓу жителите на Третиот свет или помеѓу западните корпорации. Иронично е тоа што, објаснувајќи ја разликата помеѓу трудот (со чие користење се произведува вишок на вредност) и другите стоки (чија вредност се троши со употреба), Маркс нафтата ја вбројува во „обична“ стока. Секој обид порастот или падот на цените на нафтата да се поврзе со падот и порастот на трошоците на производство или цените на експлоатираниот труд би бил бесмислен: трошоците на производство се незначајни во пресметката на цента која ја плаќаме за нафтата, цена која всушност е рента која сопствениците на рентата можат да ја одредуваат благодарение на нејзината ограничена понуда.

Последиците од порастот на продуктивноста, предизвикани од екпоненцијалниот пораст на колективното знаење, значат промена во улогата на невработеноста. Токму успехот на капитализмот (поголема ефикасност, раст на продуктивноста итн.) предизвикува невработеност, придонесувајќи сè повеќе работници да бидат непотребни: она што би требало да биде дарба – намалување на потребата од напорен труд – станува проклетство. Или, со други зборови, можноста за долгорочно екоплоатирање на човекот сега се доживува како привилегија. Светскиот пазар, како што зборува Фредерик Џејмсон, е „простор каде што секој е продуктивен работник и каде што трудот започнува да се вреднува надвор од системот“. Во тековниот процес на капиталистичката глобализација, категоријата на невработени не може повеќе да се ограничи на марксистичката „резервна армија на труд“ ; во неа спаѓаат и, како што забележува Џејмсон, „оние бројни народи на светот кои ’испаднале од истроијата’, кои се плански исклучени од модернистичкиот проект на капиталистичкиот Прв Свет и се отпишани како безнадежни и терминални случаи“: т.н. пропаднати држави (Конго, Сомалија), жртви на гладот или еколошките катастрофи, оние фатени во замката на псевдоархаичната „етничка омраза“, предмети на филантропијата или, пак, невладните организации или мети за војни против тероризам. Па така, категоријата на невработени се прошири и опфати огромен број на луѓе, од привремено вработени, невработени и трајно невработени, преку жители на гетата или сиромашните краеви (сите оние кои често и Маркс ги опишуваше како „лумпенпролетеријат“), па сè до цели народи и држави исклучени од глобалниот капиталистички процес, исто како празни места на стари мапи.

Некои тврдат дека овој нов облик на капитализам создава нови можност за еманципација. Тоа, во секој случај, е тезата на Негриевата и Хартовата книга „Multitude“, во која тие се обидуваат да го радикализаираат Маркс, кој сметаше дека само ако се пресече главата на капитализмот ќе се дојде до социјализам. Маркс, според нив, бил историски ограничен: размислувал во границите на централизиран, автоматизиран и хиерархиски организиран индустриски труд, а како последица на тоа го добиваме неговото поимање на „општиот интелект“ како своевидна агенција за централно планирање; дури денеска, со подемот на „нематеријалниот труд“, револуционерниот пресврт стана „објективно возможен“. Овој нематеријален труд се протега помеѓу две крајности: од интелектуален труд (произведување на идеи, текстови, компјутерски програми итн.) до афективен труд (лекари, дадилки итн). Денеска нематеријалниот труд е хегемонски, во смисла на Маркс кој го означуваше големото индустриско производство на деветнаесеттиот век како хегемонско: тоа не се наметнува со својата бројност туку игра клучна, симболична структурна улога. Резултат е новиот домен на „заеднички добра“: заедничко знаење и нови облици на комуникација и соработка. Продуктите на нематеријалното производство не се предмети, туку нови општествени и меѓучовечки односи; нематеријалното производство е биополитичко, тоа е производ на општествениот живот.

Харт и Негри овде го опишуваат процесот кој идеолозите на денешниот „постмодерен“ капитализам го величат како премин од материјално кон симболично производство, од центалистичко-хиерариска логика кон логиката на самоогранизација и мултицентрична кооперација. Разликата е во тоа што Харт и Негри се верни кон Маркс: се обидуваат да докажаат дека тој бил во право, дека подемот на општиот интелект долгорочно е неспоив со капитализмот. Идеолозите на современиот капитализам го промовираат токму обраниот став: марксистичката теорија (и пракса), тврдат тие, остануваат во границите на хиерархиската логика на централизираната државна контрола, па така таа не може да се носи со општествениот ефект на информатичката логика. Тие имат и добри емпириски докази за ова тврдење: комунистичките режими практично ги уништи нивната неспособност да се прилагодат на новата општествена логика што произлезе од информатичката револуција. Се обидоа да ја насочат револуцијата, да ја претворат во уште еден крупен централизиран проект на државно планирање. Парадоксално е што Харт и Негри овој процес го фалат како единствена можност за надминување на капитализмот, додека идеолозите на информатичката револуција го величат како подем на новиот „безконфликтен“ капитализам.

Во анализите на Харт и Негри има некои слаби точки кои нам ни помагаат да сфатиме како капитализмот успеа да го преживее она што требаше да биде (во класична марксистичка смисла) нова организација на производство која би го направила излишен. Тие ги потенцираат размерите во кои денешниот капитализам (барем краткорочно) успешно го приватизира самиот општ интелект, како и размената во која самите работници, повеќе од буржоазијата, станаа излишни (станувајќи во сè поголем број не само привремено невработени, туку структурно невработени).

Ако стариот капитализам во идеален случај подразбираше претприемачи кои инвестираат (свои или позајмени) пари во производството кое го организираше и со кое управуваше, а после тоа го собираше профитот од него, денеска се јавува нов идеален тип: повеќе го нема претприемачот кој поседува своја компанија, туку стручен менаџер (или управен одбор) којшто управува со компанијата која ја поседуваат банки (исто така управувани од менаџери кои не се сопственици) или дисперзирани инвеститори. Во овој нов идеален тип на капитализам, старата буржоазија, прогласена за нефункционална, се рефункционизира во облик на платен менаџмент: припадниците на новата буржоазија примаат плата, и дури и ако поседуваат дел од својата компанија, добиваат акции како надомест („бонуси“ за своите „успеси“).

Оваа нова буржоазија и натаму го присвојува вишокот на вредноста, но во (мистификувана) форма која се нарекува „вишок на заработка“: тие добиваат прилично повеќе од пролетерскта „минимална заработка“ (често митска референтна вредност, чиј единствен реален пример во денешната глобална екомонија е заработката на фабричкиот работник во Кина или Индонезија), и токму оваа дистинкција од обичниот пролетер го дефинира нивниот статус. На тој начин буржоазијата во класична смисла исчезнува: капиталистите повторно се јавуваат како подвид платени работници, како менаџери квалификувани да заработуваат повеќе поради вишокот на нивната стручност (затоа псевдо-научната „евалуација“ е клучна: таа ја легимитира нееднаквоста). Бидејќи не е ограничена само на менаџери, категоријата на работници кои примаат вишок плата опфаќа разни видови експерти, администратори, државни службеници, лекари, правници, новинари, интелектуалци и уметници. Вишокот се јавува во два облика: вишок на пари (за менаџери итн.), но и помалку работа и повеќе слободно време (за поединци – интелектуалци, но и за државни служебници итн.).

Постапката на евалуација со која се одредува кои работници ќе добијат вишок плата претставува произволен механизам на власта и иделогијата, кој на ниту еден сериозен начин не е поврзан со вистинска стручност; на тој начин вишокот на заработка не постои од економски, туку поради политички причини: поради одржување на „средната класа“, со што би се сочувала социјалната стабилност. Произволноста на општествената хиерархија не е грешка, повеќе поента, каде што произволноста на евалуацијата игра паралелна улога со произволноста на пазарниот успех. Експлозијата на насилство не се закнува кога во општествениот простор има премногу неизвесност, туку кога се обидуваме да ја ограничиме таа произволност. Во книгата La Marque du sacré, Жан Пјер Дипуи ја замислува хиерархијата како една од четирите процедури („dispositifs symboliques“), чија функција е да го направи односот на надреденост непонижувачки; самата хиерахија (надворешно наметнат поредок кој ми дозволува својот низок социјален статус да го сфатам како нешто независно од мојата суштинска вредност); демистификација (идеолошка постапка која покажува дека општеството не е меритократско, туку е производ на објективни социјални борби, кои ми овозможуват да избегам од болниот заклучок дека нечија супериорност е резултат на неговите особини и успех); неизвесност (сличен механизам, со помош на кој сфаќаме дека нашата положба на социјалната скала зависи од социјална и природна лотарија; среќни се оние кои се родени со богати гени и богати родители) и комплексност (неконтролираните сили имаат неконтролирани последици; на пример, невидливата рака на пазарот може да доведе до мој неуспех и до успех на мојот сосед, дури и ако работам повеќе и иако сум многу попаметен). Иако можеби не изгледа така, овие механизми не ја оспоруваат и не ја загрозуваат хиерархијата, туку ја прават пријатна, бидејќи „зависта ја иницира идејата дека другите ја заслужуваат својата среќа, а не обратната идеја – која е единствента која може отворено да се изрази. Дипуи од оваа премиса изведува заклучок дека е погрешно да се верува дека разумно праведното општество, кое себе си се доживува како такво, ќе биде лишено од огорченост: напротив, токму во тие општества оние кои ги заземаат инфериорните положби ќе најдат вентил за својата повредена гордост во насилни експлозии на огорченост.

Во врска со оваа е и слепата уличка во која денеска се наоѓа Кина: идеалот на реформите на Денг беше воведување на капитализам без буржоазија (бидејќи тоа би значело формирање на нова владеачка класа); сега, меѓутоа, кинеските лидери ја откриваат болната вистина дека капитализмот без утврдена хиерархија која го обезбедува постоењето на буржоазијата – произведува трајна нестабилност. Тогаш, по кој пат ќе тргнат Кинезите? Поранешните комунисти, инаку, се појавуваат како најефикасни капиталистички менаџери, зашто нивната историска нетрпеливост наспрема буржоазијата како класа совршено одговара на тенденцијата на денешниот капитализам да се превори во менаџерски капитализам без буржоазија – и во двата случаи, како што Сталин еднаш рече, „кадарот решава сè“. (Интересна е разликата помеѓу денешна Кина и Русија: во Русија, универзитетските професори се страшно лошо платени – тие се de facto дел од пролетеријатот – додека во Кина истите добиваат прилично пристоен вишок на заработка која, пак, ја гарантира нивната покорност).

Идејата за вишок заработка сега им дава нова рамка на „антикапиталистичките“ протести. За време на криза, најочигледни кандидати за „стегање на ременот“ се оние луѓе од пониските слоеви на буржоазијата: политичките протести се нивното единствено засолниште, доколку сакат да избегнат спојување со пролетеријатот. Иако нивните протести се номинално насочени против бруталната пазарна логика, тие всушност протестираат против постепената ерозија на нивната (политички) повластена економска положба. Ејн Ренд во својот роман „Atlas Shrugged“ фантазира за штрајк на „креативните“ капиталисти, а таа фантазија на первезен начин станува вистина во денешните штрајкови, од кои поглем број ги организира „платената буржоазија“ во страв дека ќе го изгуби својот вишок на заработка. Овие не се пролетерски протести, туку протести против заканата за спуштање на ниво на пролетаријатот. Кој се осмелува денес да штрајкува, кога и самото редовно работно место е привилегија? Тоа не се бедно платените работници (остатокот) од текстилната индустрија итн., туку оние повластени работници кои имаат загарантирани работни места (просветни работници, работници од градскиот превоз, полиција). Во тоа светло треба да се набљудува и бранот на студентските протести: нивната главна мотивација е најверојатно стравот дека и високата стручна спрема повеќе не гарантира вишок на заработка подоцна во животот.

Меѓутоа, јасно е дека големиот број на обновени протести за време на изминатата година, од Арапската пролет до Западна Европа, од Окупирај го Волстрит до Кина, од Шпанија до Грција, не треба просто да се отфрлат како револт на платената буржоазија. Секој од овие случаи треба посебно да се разработи. Студентските протести против реформите во високото образование во Британија очиледно се разликуваат од Августовските немири, кои беа потрошувачки карневал на деструкција, вистинска експлозија на запоставените. Може да се каже дека побуната во Египет започна делумно како бунт на платената буржоазија (каде што млади и образовани луѓе протестираа против лошите животни можности), но тоа беше само еден дел од аспектите на пошироките протести против тиранскиот режим. Од друга страна, протестите не ги мобилизраа сиромашните работници и селани, и изборната победа на исламистите јасно ја открива тесната социјална база на првобитниот секуларен протест. Грција е посебен случај: последните децении, новата платена буржоазија (особено во прекубројната државна администрација) создадена е благодарение на финансиската помош на Европската унија, па протестите во голема мера беа мотивирани од заканата дека таа помош ќе заврши.

Покрај пролетаризацијата на ниските слоеви на платената буржоазија, на другата крајност го имаме ирационалното богатство на наградуваните врвни менаџери и банкари (ирационално бидејќи е обично, како што покажаа истрагите во САД, обратно пропорционално од успехот на компанијата). Затоа наместо овие трендови да ги подложиме на морална критика, треба да ги читаме како показатели за тоа дека капиталистичкиот ситем повеќе не е способен да воспостави саморегулаторска стабилност – со други зборови, тој се заканува да излезе од контрола.

Извор: London Review of Books

Илустрации: Edrem

ОкоБоли главаВицФото