Бабелсберг, најстарото филмско студио на светот

07.02.2012 11:34
Бабелсберг, најстарото филмско студио на светот

Во Филмското студио Бабелсберг (Babelsberg), најпознатата фабрика на соништа, снимале најголемите светски ѕвезди, почнувајќи од Марлен Дитрих, Кристоф Валц, Кејт Винслет, а не изостанал ниту мегапопуларниот Бред Пит.

На 12 фебруари, Бабелсберг одбележува 100 години постоење. На претстојното 62 издание на филмскиот фестивал – Berlinale, ќе биде овенчан со престижната награда „Berlinale kamera“, а во рамките на посебна програма ќе бидат прикажани 10 филмови произведени востудиото. Овие филмови ќе се прикажуваат и во Филмскиот музеј во Берлин.

Сè почнало пред сто години, кога во 1912 е снимен немиот филм на Урбан Гад, „Танц на мртвите“ со тогашната ѕвезда Аста Нилcен во главата улога. Во годините кои доаѓале, студиските хали станале омилено место за снимање на германските и странските филмови. Токму сега, за заокружување на јубилејот во Babelsberg се снима најскапиот германски филм до сега „Атлас облак“ (Der Woklenatlas), а дел од актерската екипа се и Том Хенкс и Хали Бери. Најголемата продукција кога и да е, снимена во Бабелсберг со сигурност е немиот филм „Метрополис“ за којшто режисерот Фриц Ланг ангажирал 36000 актери и статисти. Ланг, роден во Виена, сними скоро 20 филмови во „Бабелсберг“ вклучувајќи го и неговиот прв тонски филм „М“ и антинацистичкиот филм „Тестаментот на доктор Мабузе“. Вториот беше готов набрзо откако Хитлер дојде на власт во јануари, 1933 година и нацистите веднаш го забранија како закана за јавното здравје и безбедноста.Сите коишто сакаат да дознаат повеќе за ова познато филмско студио можат да ја посетат изложбата во Филмскиот музеј на Плоштадот Постдам во Берлин, наречена „Фабрика на соништата – 100 години филм во Бабелсберг“.

Најстарото филмско студио на светот е познато како колепка на германскиот филм, но имаше големо влијание и врз развојот на меѓународниот филм. На овогодинешното Берлинале во посебна секција, „Среќен роденден, студио Бабелсберг“ ќе бидат прикажани десет филмови снимени во студиото.

Во дваесетите години на минатиот век, Бабелсберг го доживеа својот врв во производството на филмови. Од 1933 година е зголемен бројот на филмови со нацистичка пропаганда. После Втората светска војна, студиото запаѓа во советската зона на окупација и од 1949 година припаѓа на ДДР. Во 1946 година е основана филмската куќа DEFA, која до 1990 година произвела точно 1500 филмови и телевизиски серии во Бабелсберг. После падот на Берлинскиот ѕид, студијата се приватизирани.
Меѓу бројните познати уметници кои снимале во Бабелсберг спаѓаат и Фридрих Вилхем Мурнау, кој во 1924 го сними „Последниот човек“, потоа, Алфред Хичкок, Конрад Волф, Фолкер Шлендорф, Роман Полански кој во 2008 го сними познатиот „Пијанист“. Тука се снимени и „Проклетници“ на Квентин Тарантино и „Анонимус“ на Роланд Емерих.

„Бабелсберг пишуваше политичка и филмска историја последниве сто години. Студиото било и остана многу ценето во снимањето на домашни и меѓународни филмски проекти. Берлинале им го честита роденденот и се радува на филмовите кои ќе бидат снимени во Бабелсберг“, вели директорот на Берлиналето, Дитер Кослик.

Извор: dw.de

ОкоБоли главаВицФото