Горкиот Бирс

07.02.2012 13:55
Горкиот Бирс!

Како новинар остро пишуваше против општественото лицемерие, неморалот и глупавите правила, против поткупливата власт и правосудството, непрестајно, на ведар и сатиричен начин се потсмеваше на човечката глупост, религиозните фанатици и здебелените политичари. Поради сето ова, уште на почетокот на својата кариера, го стекна прекарот „горчливиот Бирс“ кој ќе го следи до крајот на животот. Како писател, се одликува со едноставен стил, а црниот хумор преовладува во неговите дела без оглед на нивната тема.

Циник: Поразениот кој, поради несовршениот вид, работите ги гледа такви какви што се, а не онакви какви што би требало да бидат (Ѓаволовиот речник).

Во годината 1842, од татко Марк Аурелиј и мајка Лаура Шервуд Бирс, на една фарма во државата Охајо е роден идниот новинар, писател и сатиричар, Емброуз Бирс. Интересно е што се родил како десетто дете од дури тринаесетте што ги имале неговите родители, и по желба на таткото, сите имале имиња кои започнувале на буквата А( Ambrose). Неговите родители биле верски фанатици кои барале строга дисциплина и потчинување, а Емброуз бил пргаво дете.

Гласини: Омилено оружје на оние кои сакаат да ви го поткупат угледот (Ѓаволовиот речник).

Во Белград во 1846 година е отворена првата читална во Србија, во Русија се родил Карл Петар Фабреже, кој подоцна ќе се прослави преку специфичната изработка на скапоцени велигденски јајца, а фамилијата на малиот Бирс се сели од Охајо во Индијана. Тука, Емброуз почнува да посетува основно училиште, но слично како и Марк Твен, со неполни петнаесет години го напушта родителскиот дом. Почнува да заработува како чирак во печатница која соработува со локалните весници. Три години подоцна се вработил во циглана, за потоа да почне да работи како продавач во трговија.

Пијанство: Душевна состојба која му претходи на следното утро (Ѓаволовиот речник).

Во Соединетите Американски Држави избива граѓанска војна помеѓу државите на Северот и Југот во 1981 г. Несогласувања имало со децении претходно, а главната причина биле големите економски разлики. Додека Северот имал голема и силна индустрија, главниот економски мотор на Југот било земјоделството на големи фарми на кои работеле робови, главно црнци. По засилувањето на отпорот во државите од Северот, кои се залагале за укинување на ропството, државите од Југот се почувстувале загрозени, бидејќи на тој начин би ја изгубиле основната работна сила – робовите. За да го спречат нивното ослободување, државите од Југот прогласиле осамостојување од заедничката држава и создале сопствена Конфедерација. Војната била неизбежна.

Историја: Главно лажна приказна за главно неважни настани, кои се последица на одреден број главно расипани владетели кои се служеле со главно глупави војници (Ѓаволовиот речник).

Емброуз Бирс, уште од почетокот бил страстен поддржувач на идејата за укинување на ропството. Доброволно се пријавил во војската на Северот и веќе на 10 јули 1861 година, херојски спасил ранет пријател во една битка во Западна Вирџинија. Во војската бил топографски инжињер задолжен за правење на мапи од бојните полиња и во таа работа покажал извонредни вештини, па дури и неколкупати бил унапредуван. Сепак, и покрај унапредувањата, никогаш не ја засакал војската, а тоа што го видел и доживел оставило длабоки траги во неговата душа. Години подоцна, тој ќе пишува многубројни потресни воени приказни, секогаш зборувајќи против војната и објаснувајќи ги сите зла што таа ги носи.

Успех: Единствениот непремостлив грев на ближниот (Ѓаволовиот речник).

При крајот на војната, во јуни 1864 година, Бирс е погоден со снајпер во глава во текот на една битка во Џорџија. Имал голема среќа што погодокот не бил смртоносен, но оставил сериозни последици. Бирс до крајот на животот ќе пати од вртоглавица и повремено губење на свест, што дополнително го исцрпувало покрај астмата која му била верен придружник од детството.

Одморање: крај на досадувањето (Ѓаволовиот речник).

Неколку години по завршувањето на Американската граѓанска војна, Бирс се упатил во Сан Франциско, каде списанието „Калифорниан“ го објавил неговото прво дело, поема под името „Базилика“. Набрзо станува уредник на весникот „Њуз Летер“ во кој пишувал колумна „Градски чувар“. Тука, Емброуз имал прилика да се запознае и да создаде доживотно пријателство со сјајниот американски писател и сатиричар Марк Твен, кој лично ја посетувал редакцијата за да си ја уплати годишната претплата за весникот. Освен сличниот стил на пишување, во кој предност имала иронијата, цинизмот и горката сатира, интересно е да се напомене дека Твен и Бирс дури и во физичкиот изглед си наликувале. Дополнително, и двајцата имале тешко детство, биле самоуки и само со сопствениот талент се пробивале на големата книжевна сцена, засекогаш менувајќи ја.

Прогонет: Човек кој ѝ служи на својата земја живеејќи во странство, но не е амбасадор (Ѓаволовиот речник).

На Божиќ 1871 година, Емброуз се жени со Мари Елен Деј, попозната како Моли, девојка од една од највлијателните и најпознати фамилии во Сан Франциско. Бирс и Моли отпатувале за Англија на меден месец, и таму се задржале дури 4 години. Тоа биле најсреќните години за Бирс. Во 1872 година, Моли родила машко дете на кое му го дале името Деј, а две години подоцна им се родил и вториот син, Ли. Освен што во семејството владеела топла, речиси идилична атмосфера, и на професионален план Емброуз нижел успеси. Пишувал за списанието „Фан“ и „Фигаро“, и слично како и во Америка, брзо се пробил благодарение на препознатливиот, сатиричен стил. Во Лондон ја објавил и првата книга „Забава на демоните“, по која следувале уште две книги, збирки колумни.

Егоист: Персона со низок лош вкус бидејќи повеќе се интересира за себе отколку за мене (Ѓаволовиот речник).

Сепак, во почетокот на 1875 година, од непознати причини, Моли со синовите се враќа во Сан Франциско, а кон крајот на годината се враќа и Бирс, но доста неволно, бидејќи го засакал животот во Лондон. Тука на брачниот пар Бирс им се раѓа и трето дете, ќерката Хелен. Враќајќи се во Америка, Бирс првин почнал да работи како управник во рударско претпријатие, но без успех, па се вратил на својата омилена активност – пишувањето.

Дури десет години подоцна, во 1887 година, кога почнал да соработува со познатиот богаташ Вилијам Рандолф Херс, кариерата на Бирс добила вистински, силен залет. Станал прв редовен колумнист во весникот „Сан Франциско Егзаминер“, во кој ја пренел рубриката „Разговори“ со која веќе постигнал успех во весникот „Аргонаут“. Нивната соработка била динамична и темпераментна, бидејќи Бирс редовно давал откази, не дозволувајќи никој, па дури ни сопственикот да му се меша во работата. Колку Бирс немал влакна на јазикот покажува и случката кога Херст со гордост му ја покажувал својата преубава куќа, со посебен пиетет зборувал за вредните колекции на слики, книги и таписерии кои ги поседувал, за на крај да го праша дали и тој има некоја слична скапоцена збирка, на што го добил следниов одговор:

Јас собирам зборови. И идеи. Исто како вас и јас ги складирам, но во трезорот на својот ум. Можам да ги земам и да ги покажам во секој миг. Тие се во најголемиот дел подвижни, господине Хернс, но јас немам потреба да им ги покажувам на сите цело време.

Среќниот брак со Моли завршува во 1888 година, кога Бирс открива писма упатени од непознат обожавател за неговата сопруга и во истиот момент се иселил од дома. Моли долго одбивала официјално да се разведе, конечно се согласила во 1904 година, но наредната година починала, додека бракоразводната парница сè уште не била почната.

Парница: Машина во која влегувате како свиња, а излегувате како колбас (Ѓаволовиот речник).

Емброуз Бирс својата најголема победа над моќните индустријалци ја извојувал во 1896 г. Имено, испитувајќи еден случај каде индустриските магнати се обидувале да протнат во Конгресот на САД, закон со кој нема да мораат да го вратат огромниот паричен заем од државата во износ од тогашни 130 милиони долари, отпатувал во Вашинтон, каде што случајно се сретнал со Колис Хатингтон, сопственик на најголемата железничка компанија во Америка, во тоа време. Сакајќи да го избегне притисокот на јавноста, Хатингтон побарал од Бирс да каже колку бара за да не пишува за тој случај. Бирс мирно го погледнал и ја кажал денес веќе, антологиската реченица:

Мојата цена е 130 милиони долари. Доколку, кога ќе бидете подготвени да ја платите не сум во градот, парите можете да ги оставите кај моите пријатели, во трезорот на САД.“

После овој обид за подмитување, Бирс уште пожестоко им се спротиставил на железничките компании.

Во 1906 г. го објавува „Ѓаволовиот речник“, дело во кое дава дефиниција на различни поими, и во кое најверојатно најдобро се гледа неговата остра духовитост, секогаш проткаена со цинизам и иронија. Во првото издание, книгата имала наслов „Речник на циникот“,за потоа во второто издание од 1911 година, да го добие денес познатото име.

Предавач: Човек кој посегнува во вашиот џеб, ви труби во увото и верува во вашето трпение (Ѓаволовиот речник).

На 67 години, Бирс почнал со подготовка на своите собрани дела, кои се издадени во дванаесет тома, во 1912 година. Исто како што живеел по свои правила, и светов го напуштил водејќи се само и единствено по своите правила. Имено, во 1913 година решил да замине за Мексико за одблиску да биде сведок на Граѓанската војна. Ги завршил сите обврски во Америка, напишал тестамент, но со никого не ја споделил својата намера засекогаш да ја напушти земјата во која се родил. Исплашена од татковото ненадејно исчезнување, ќерката Хелен ја алармирала и официјалната влада на САД. Единствената трага дека Бирс навистина заминал за Мексико е писмото испратено до неговата пријателка Бланш Перингтон, напишано на 13 декември 1913 година, во кое вели:

Збогум – ако дознаеш дека некој стрелачки вод ме разнел покрај некој мексикански ѕид, те молам, знај го моето мислење дека тоа е прилично убав начин да се напушти овој свет. Така ќе го избегнам стареењето, болестите, или пад низ подрумски скали. Да се биде Гринго во Мексико – ах, па тоа е евтаназија.

Никогаш не е откриено на кој начин (и на кое место) Бирс умрел.

Извор: Политикин забавник

Те мразам: најискрен начин да

Те мразам: најискрен начин да му кажеш некому дека е во право :)

Најискрен начин да му кажеш

Најискрен начин да му кажеш некому: Ми е.а матер!

ОкоБоли главаВицФото