Осмели се

08.02.2012 13:41
Осмели се

Две стројни момчиња со диплома се шуткаат и не знаат, ниту имаат идеја што со неа понатаму? Вреди ли нешто дипломата, отвара ли некоја врата кон иднината? По тоа што го гледаме, изгледа НЕ. А тие, толку безидејни и празни, како ли воопшто дошле до диплома? Но, поентата и не е во дипломата, туку во Идејата која доаѓа од надвор. Во овој случај, од нивната другарка. Девојчињата секогаш биле попргави, и сè нешто им текнува. Таа успева да ги убеди, женско! Па така приказната станува надежна, а натаму сè е лесно. Двајцата претходни „токмаци“, откако ќе се решат, набргу потоа ќе се најдат и во одела, наконтени, самозадоволни, а тоа веќе значи и успешни. И сето тоа за само една година – се освестија, сменија став и физиономија, и ги собраа плодовите од добрата Идеја. Осмели се, освести се за да не се онесвестиш од премногу задоволство и среќа.

Со многу пораки, хаотични како и животот на овие „млади и зелени“, како што ги оцртува авторот, кампањата сака да каже едно: Млади, свестете се, животот ви помина во безделничење и глупости, наместо да се спастрите и да смислите нешто паметно. А, ако толку не ве бива и не ви текнува, еве, ние ќе ви помогнеме, вака треба да изгледате...

„Осмели се“ е, всушност, прототип на нашиот менталитет во однесувањето кон младите. Не пружаме ништо, освен памет и совети, а чекаме тие да ни дадат сè, и тоа што умеат и што не умеат, и што можат, и што не можат. Не создаваме услови, не ги поттикнуваме, не покажуваме респект, не нè интересира нивното мислење, не им оддаваме признание кога заслужуваат, а ги казнуваме кога себе си нешто си докажуваме. Ги фалиме некритички, им попуштаме од сожалување, им ги навредуваме родителите, а од НИВ очекуваме да ни вратат повеќекратно и долгорочно, и тоа со почит, послушност, со премолчување кога со нештата не се сложуваат, и сето тоа затоа што се (по)млади, неискусни, зелени, глупави, неснаодливи, а најчесто дрски и невоспитани. Кога ќе се повикаат на некое свое право, велиме: прво заслужи го, или покажи одговорност.

„Осмели се“ го покажува и нашиот мајтапски однос кон младите, кога сакаме да ја прикриеме сопствената нетрпеливост и нетолеранција, во недостиг на капацитетите за дијалог, за рамноправно учество во дијалогот. Кога не сакаме да признаеме дека ТИЕ всушност никогаш и не ни се допаѓале сосема, никогаш и не биле по нашиот терк, до крај. Сме ги сакале, ама не сме ги разбирале. Нè радувале и нè плашеле во исто време. Младите отсекогаш биле такви, поинакви, а нашите одговори на таа различност секогаш биле несигурни, стереотипни и конфузни заматени црно-бели слики на огромното разнообразие од бои и нијанси, за кои отсекогаш сме биле слепи. И наместо да сме го откривале, препознавале и поддржувале тоа непресушно богатство во сопствените дворови, ние постојано ги мелеме и негираме, настојувајќи да направиме производи по сопствена мерка, инсистирајќи на тоа ТИЕ да бидат поинакви, поинаку да се однесуваат и да изгледаат, поинаку да нè претставуваат. И сиот тој страв и несигурност, со кој сме ги поправале и дотерувале, секогаш било околу тоа дали ќе успееме, а не дали можеби не грешиме, кога така постапуваме со нив? И сето тоа за себе, за тоа НИЕ да можеме да се гордееме со нив, и да не тие НАС да нè посрамотат. А, кога тоа не сме го добивале, никогаш не сме се предавале. Дури и независно од поразите. Колку понеуспешни, толку сме биле понастојчиви и поманипулативни, толку повеќе сме ги лажеле, без срам и каење, сме ги условувале со работите што не се реални, па дури и со оние кои им припаѓаат и на кои отсекогаш имале право.

„Осмели се“ е обид за божем трпеливо а, всушност, манипулативно моделирање на младите, со подметнување на лажната формула „како се успева“, како од „млад и зелен“ се станува успешен, и тоа со следење туѓи примери и вкусови. „Осмели се“, е почеток на крајот на нашето трпение, и чекање. Слично како кога детето проодува, а ние никако да го дочекаме клучниот момент на триумф. И така чекајќи, добиваме идеја да го прелажеме, а ТОА внимателно, крајно претпазливо и со недоверба наѕира што му се подготвува. Но сè уште е мало, и затоа ни вреува. Но, нашето трпение е при крај и одлучуваме да ја пуштиме раката за која тоа цврсто се држи, и без предупредување го поттурнуваме, воскликнувајќи: Ајде бе, „осмели се“ веќе еднаш, ебати белјата. Но, тогаш – види беља – тоа паѓа наместо да продолжи, за следните месеци да изгуби секаква желба повторно да се обиде.

И тука е почетокот на крајот на добрите перспективи што им ги кроиме на децата, засновани на измамата, која продолжува. Дома сакаме да ги научиме кој е главен, за бргу потоа некритички да им ги предадеме на институциите, и нивното долгогодишно „дотерување“. Таму тие со денови и месеци ќе поминат во нереспектабилно, насилно и нездраво опкружување, безимени и отуѓени, ќе следат досадни предавања, ќе учат лекции напамет, а ќе се очекува и да бидат мирни, послушни и скромни, да не разговараат на час, и да не го прекинуваат наставникот. И ние со сето тоа ќе се сложиме, и ќе ги цениме само доколку не нè вознемируваат, и ни носат „петки“. На факултетите ќе се соочат со уште поголемо разнообразие од млади и возрасни на најразлични позиции, со ограничени способности и знаења, и неограничени моќи и самоволија. Тука, нивното автентично мислење, или она што останало од него, уште помалку ќе добие признание. Тоа што ќе го учат, повторно ќе биде празно, зошто од нив ќе се бара чиста репродукција, верна на оригиналот (на белешките/скриптата на професорот) кои, меѓу другото, не подлегнуваат на никаква сериозна рецензија, зошто рецензенти се колегите, а референците можат да бидат стари и по 30 години, одамна напуштени и нерелевантни. Ама, нашиот студент учи и ќе научи како да се снајде и со тоа. Ќе се распраша, ќе препише, ќе се замеша каде што треба, колку да го видат, и храбро ќе се впушти во тековните случувања. И веќе по неколку години, лесно се фаќа во орото, го пренесува тоа што го начул(а), без да го провери, или да се посомнева во било што. Оттука натаму темата веќе и не е важна, за него/неа ништо не е проблем, затоа што, во меѓувреме тој/таа научиле „како треба“.

А за вистинските, животни теми, тој/таа нема да имаат независни, аргументирани мислења. Затоа што немале никакво искуство на учество во ниту еден процес на одлучување во нивните животи, па немале ни како, ни каде да ги развијат своите вистински интереси, склоности и таленти, или да ги разменат и проверат своите ставови и мислења, во врска со ниту едно прашање. И да ги постават во однос на зададена референтна точка, или контекст, и така да ги артикулираат. Но, празнините мораат да се пополнат, и за тоа отсекогаш имало кој да мисли. Веќе има подготвени решенија, кои се сервираат однадвор. Спасоносните идеи за доброто на младите само чекаат на реализација. Затоа и „Осмели се“ е за оние кои знаат да се снајдат, само им треба уште добрата идеја. „Осмели се“ не е за оние кои умеат и сакаат да вложуваат, за да одат напред ...

А ние возрасните сето тоа го гледаме, и ништо не нè чуди, ниту збунува. И натаму продолжуваме по старо, ЧЕКАМЕ. Чекаме ТИЕ да пораснат, чекаме да се опаметат, чекаме конечно да ја преземат одговорноста. И не дека не нè фаќа нервоза од тоа чекање. Но не се откажуваме, чекаме да помине времето за еден ден и тие да видат како е, па на своја кожа да почувствуваат, и слични глупости. Го чекаме денот кога ќе ни станат слични, за да почнеме да ги есапиме сериозно. Наместо да направиме сè да ги охрабриме и поддржуваме, да бидат поразлични од нас, да стасаат подалеку, да веруваат во себе и без нас, и никако да не бидат истите како нас. Зошто ние и сега знаеме многу помалку од нив, и многу понеправедно и понеодговорно се однесуваме кон нивните животни перспективи, отколку тие самите кон себе и другите, кога би можеле да одлучуваат.

Затоа не ТИЕ, туку НИЕ треба да „се осмелиме“ и да го прифатиме ризикот, повеќе да им веруваме. Но тоа е веќе сосема друга, сè уште ненапишана приказна.

Извор: globusmagazin.com.mk

Фотографии: Catalina Bartolome

Колку многу букви а колку

Колку многу букви а колку малку речено. Просто, неверојатно. Согласувам со револтот од кампањата, согласувам дека перцепциите на возрасните се на тотално различна фрекфенција од перцепциите на младите и ред други работи што ја прават кампањата утка уште во првиот чекор. Очекував дека ќе прочитам бодрење, перспектива, критички увид во нетретирањето на проблемите на младите од страна на државата. А прочитав многу шарено насликано едно те исто. Почит за креативноста во раскажувањето но критика за отсуството на заклучоци и решенија.

Најдобронамерно

Текстот е одличен, целосно се

Текстот е одличен, целосно се согласувам со некомпетентноста и авторитарноста на нашите образовни институции, толчењето што настанува уште од мали години...
За жал, сеуште сме назадно општество во коешто патријаршијата го има последниот збор, и дека изреката круша под круша паѓа сеуште се смета за позитивна појава.
Инаку што се однесува до кампањата „Осмели се“, сметам дека е крајно манипулативна и дека сосема ја извртува реалноста. Сметам дека целта е луѓето да ги одврзат новчаниците и со тие малку пари што им остануваат да се впуштат во слободниот пазар. Секако, тука нема гаранција дека ќе успеете, но затоа пак државата ќе може да ги таксува вашите трансакции и да заработува од тоа... 

Со исклучок на колумните на

Со исклучок на колумните на Гелевски, полоша анализа не сум прочитала во животот. Да имаше награда за најлоши текстови, овој би требало да биде барем во првите три за оваа година. Особено иритира крајот, кој личи како есеј за писмена работа во трета година од средно школо - блуткаво и лигаво, со излитена поента и квази-дидактички тон, типичен за недооформен стил на изразување. Или, со еден збор - тапа.

ОкоБоли главаВицФото