- Реципроцитет во националистичката инерција? - Не, благодарам.

09.02.2012 13:29
- Реципроцитет во националистичката инерција? - Не, благодарам.

Повеќе од јасно е дека ДПМНЕ и ДУИ се во постојана коресподенција со бог и алах! Секогаш кога ќе чуеме дека Владата планира изградба на нова црква (во случајов кај Саат кулата во Битола), набргу потоа ќе се јават припадниците на другиот табор, кои најавуваат изградба на нова џамија (во случајов во битолското село Лажец). Се разбира, редоследот може да биде и обратен, но редот на нештата е секогаш ист. – Очигледно е дека Владата, во тесна комуникација со световните еманации/инкарнации на бог и алах, редовно успева да воспостави реципрочна и пропорционална застапеност на соодветните божји храмови.

Се разбира, истото важи и во случаите кога треба да се покажат заби. Доколку некој (на Вевчанскиот карневал, на пример) си игра мајтап со Куранот или со некои други муслимански верски симболи или, пак, доколку ордите навивачи се обидуваат да го изедначат неспоивото (Гоце Делчев и етноцентризмот), вие ќе им го запалите нивното национално знаме и јавно ќе ги нарекувате „Каури“. Во таквите случаи, секој од двата коалициони партнера воопшто не треба ни да ги подгрејува своите орди, зашто националистичката идеолошка индоктринираност кај нас ги манифестира најопасните знаци на инертност.

Имено, најдобриот индикатор за вистинската опасност на национализмот е неговата склоност (доколку властите тоа го дозволат, се разбира) да влегува во инерција или под кожа, односно во состојба кога веќе никој не мора експлицитно да ја охрабрува масата за оваа спонтано да се иживува врз туѓите, а во името на своите бои. Тоталитарната идеологија е најмногу идеологија (во најопасната смисла на зборот) кога никој не мора да го прави она што режимот го бара, туку кога секој искрено сака да го прави тоа. Национализмот е најопасен кога излегува од областа на принудата и кога влегува во подрачјето на посакуваното / фантазиското, односно кога во него се препознава безгрижноста, утехата и среќата на мајчината прегратка. Ако нешто требаше да научиме од Орвеловата 1984, тогаш тоа е најмногу ова.

Но, и покрај тоа, ние продолжуваме слепо да веруваме дека реципроцитетот во дозирањето на биполарниот национализам е решението, но и терапијата за сите евентуални (сегашни и идни) меѓуетнички проблеми! Во тој контекст, се сеќавам на една изјава од филмот Недопирливи, кога полицаецот кој го глуми Шон Конери го подучува Елиот Нес (Кевин Костнер) каков е уличниот начин во Чикаго за справување со бескрупулозноста на мафијата: „Ако тој тебе ти извади нож, ти нему ќе му извадиш пиштол! Ако тие пратат еден од нашите во болница, ние ќе пратиме еден од нивните на гробишта!“


И ете го клучниот проблем во залагањето за наводно беспрекорната равенка на меѓуетничкиот реципроцитет. Имено, кога се обидуваме пропорционално да ги суредиме меѓуверските и меѓуетничките односи, како да забораваме (поточно, сакаме да забораваме, оти така ни одговара) дека ние си немаме работа со непогрешиви машини, кои секогаш (со прецизност до децимала) можат да пресметаат колку вреди еден запален Куран, односно кои и колку православни симболи треба да бидат осквернавени, за „правдата“ да биде задоволена. Или колку вредат изблиците на националистички импрегнираната навивачка орда? Со други зборови, колку македонски знамиња треба да бидат запалени во тој случај, за другата страна да може да биде спокојна дека „реципроцитетот“ е запазен?

Ние, драги и загрижени „божји послушници“, си немаме работа со абакус! Ние си имаме работа со колективно несвесно, кое последниве неколку години, најсилно од 1945 година до денес, беше индоктринирано (на најбрутален, најбалкански начин) со вирусот на национализмот. Во една таква ситуација, бројниот сооднос на изградените цркви/џамии или на запалените курани/библии станува небитен. Во таква ситуација, вистинскиот приоритет е како да се запре забревтаниот воз кој е тргнат по удолница без машиновозач!

Фотографиите се од филмот The Untouchables (1987)