Не за био-политичкото тетовирање

27.07.2009 17:00
Tamara_Lepicka.JPG

Био-политичкото тетовирање кое САД ни го наметнува на влезот на нивната територија може да биде предзнак ова подоцна да се прифати како нормална регистрација на идентитетот на добрите граѓани во државните механизми

Весниците потврдија: отсега па натаму секој што ќе сака да оди во Соединетите држави со виза ќе има посебно досие и ќе мора да остави отпечаток од прстот на влезот во земјата. Јас, лично, немам намера да се подложам себеси на такви процедури и затоа не се двоумев да го откажам курсот што во март требаше да го држам на Универзитетот во Њујорк.

На овие страници сакам да објаснам зошто го направив тоа, односно, зошто, и покрај пријателството што толку години наназад ме врзува со моите американски колеги и нивните студенти, сметам дека оваа одлука во овој момент е нужна, а ќе се залагам да ја споделат и другите европски интелектуалци и професори.

Тоа не е само непосредна изнасилена реакција на една процедура која одамна им се наметнува на криминалците и политичките борци. Доколку само тоа беше во прашање, сигурно ќе бевме способни морално да ја споделиме, од солидарност, понижувачката состојба на која се подложени толку многу човечки суштества.

Суштината не е во тоа. Проблемот ги надминува границите на личната осетливост и едноставно се однесува на правно-политичкиот (или би било поедноставно да се рече, на био-политичкиот) статус на граѓаните на т.н. демократски држави во кои живееме. Во последните неколку години постоеја обиди да нè убедат да ги прифатиме како човечки, и како нормален дел од нашето постоење, практиките на контрола кои отсекогаш се сметале за нечовечки и исклучителни. Така, никој не е свесен дека контролата што ја спроведува државата со употребата на електронски средства, како што се кредитните картички или мобилните телефони, достигна досега невидени размери.

Како и да е, нема да може да се пречекорат одредени граници во контролата и манипулацијата на телата без да се влезе во нова био-политичка ера, без да се оди чекор понатаму во она што Мишел Фуко го нарече прогресивна анимализација на човекот која се воспоставува преку најсофистицирани техники.

Електронскиот отпечаток од прстот, снимката од зеницата, поткожното тетовирање како и другите слични практики се елементи со кои се дефинира оваа граница. Безбедносните потреби на кои се повикуваат, како оправдување за овие мерки, не треба да ни остават посебен впечаток: тие немаат никаква врска со тоа. Историјата нè учи дека практиките кои на почетокот им биле наменети на странците подоцна почнале да се применуваат врз целото население.
Овде станува збор за, ни помалку ни повеќе, нов "нормален" био-политички однос меѓу граѓаните и државата. Овој однос веќе нема ништо заедничко со слободното и активно учество во јавната сфера, туку се однесува на запишувањето и складирањето на најприватниот и некомуникабилен аспект на субјективноста: овде мислиме на биолошкиот живот на телото.

Овие технолошки средства што го регистрираат и идентификуваат голиот живот се исти како медиумите што го контролираат и манипулираат јавниот говор: помеѓу овие два екстрема на тело без зборови и зборови без тело, просторот што некогаш го нарекувавме политика е уште поистенчен и смален.

Така, со наметнувањето на овие техники и средства кои беа измислени за опасните слоеви од граѓанството, или поточно за човечките суштества, државата, која треба да го сочинува прецизно омеѓениот простор на политичкиот живот, ги направи сомничави сите идеали, до точка до која самото човештво стана опасен слој.

Пред неколку години напишав дека политичката парадигма на западот повеќе не е градот-држава, туку концентрациониот логор, и дека ние преминавме од Атина во Аушвиц. Тоа беше очигледно филозофска теза, не историски рецитал, бидејќи човек не може да ги меша феномените кои добро ги познава, напротив негова работа е да ги разликува.

Сакав да укажам дека тетовирањето во Аушвиц несомнено им изгледало како најнормален и најекономичен начин за регулирање на влегувањето и регистрацијата на депортираните луѓе во концентрационите логори. Био-политичкото тетовирање кое САД ни го наметнува на влезот на нивната територија може да биде предзнак ова подоцна да се прифати како нормална регистрација на идентитетот на добрите граѓани во државните механизми. Затоа треба да се спротивставиме.

извор: Le Monde, 10.01.2004

Слика: Tamara Lempicka

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Книжевност / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото