УПМ! устројство/поредок/матрица

10.02.2012 13:43
УПМ! устројство/поредок/матрица

Сретен Угричиќ е еден од ретките српски писатели кој поетички и со својот ангажман постојано ѝ пружа отпор на културата на инерција, подаништво и на поредокот кој се заснова на негирање на злосторствата и на бегство од одговорноста. Досега објавил три книги раскази, еден роман и „Инфинитив“, теориска студија за еден современ измислен филозоф. Неговата нова книга, збирката огледи „Вовед во астрономијата“, се појави кон крајот на октомври 2011 г. во издание на Stubovi kulture. Јавноста реагираше очекувано – речиси со едногласно премолчување на книгата која прецизно го анализира первертираниот социо-симболички поредок во Србија.

Томислав Марковиќ: Во поднасловот на Вашата книга стои „Огледи за статусот на имагинацијата и одговорноста во Србија“. Зошто токму имагинацијата и одговорноста?

Сретен Угричиќ: Прогресивните заедници и култури, како и поединците, се разликуваат од регресивните според статусот на имагинацијата и одговорноста. Исто така и според статусот на знаењето, институциите, економијата итн. Но статусот на имагинацијата и одговорноста е посебно критичен, бидејќи непосредно го одредува статусот на слободата. Имагинацијата и одговорноста се примарни форми – артикулации, медиуми – на слободата. Одговорен е само оној кој е слободен и обратно – ако не си одговорен, ја поништуваш својата слобода. Слично е и со имагинацијата: фантазерски и креативен е само оној кој има слободен и отворен ум, и обратно – ако не си имагинативен и креативен, значително ја намалуваш својата слобода. Ако имагинацијата и одговорноста ни се залудни, бесмислени, лажни, тогаш ни следуваат тешки и далекусежни проблеми. Залудната, осиромашената и редудантна фантазија како последица има недостаток на радост, а занемарената и заборавена одговорност носи страшен недостаток на доверба. Исчезнувањето на радоста и довербата се погубни за секоја заедница, па и за нашата, српската.

Според вас, фантазијата и одговорноста ги втемелуваат уверувањата.

Така е. Ги втемелуваат мерилото, светогледот, вероисповедта, убедувањето... Машината на историјата има неподвижен придвижувач – тоа се убедувањата, секогаш судрени, секогаш поинакви, а секогаш исти, до баналност повторувајќи се од генерација до генерација. А убедувањата се алфа и омега на историјата. Доминантната претстава на светот го одредува доминантното искуство на светот. Имагинацијата и одговорноста се претпоставки на поредокот, а историјата ја прават последиците од поредокот. Политичарите управуваат со претставите, а уметниците ги разбираат и артикулираат. Убедувањата можат да бидат засновани врз знаење, креативност и одговорност, или врз незнаење, пасивност, јаловост, ирационалност. Во тоа е сета разлика. Ние избираме едно од двете и со тоа си ја бираме судбината. (...)

А зошто токму така се прави во земјава Србија?

Страв, очај, мрзливост на духот... Полесно е да излажеш, потешко е да ја кажеш вистината. Полесно е да се мудрува, самоуверено и исклучиво, за она што не го знаеме или го познаваме само површно – потешко е да се знае, да се биде упатен, искусен, компетентен за работите и нештата за кои изнесуваш став. Полесно е да се препуштиш да те мами и забавува магионичар, потешко е да си ја гледаш својата работа. Полесно е веднаш да се поверува – потешко е да се знае и разбира. Полесно е да се украде – потешко е да се заработи. Полесно е да се пцуе и вреви – потешко е да се свират Бах, Сати, Шопен. Полесно е да се откажеш – потешко е да истраеш. Полесно е да ветиш – потешко е да исполниш. Полесно е да се степаш – потешко е да направиш како што треба. Полесно е да повредиш – потешко е да одбраниш. Полесно е да се преправаш дека си глув и слеп – потешко е да слушнеш и да видиш. Полесно е да порекнуваш – потешко е да се искупиш. Полесно е да бидеш Србин, или Хрват, или Американец, или комунист, или естраден уметник, или што било – потешко е да бидеш човек. Полесно е да се преправаш дека си глув и нем, потешко е да слушнеш и да се изјасниш разговетно. Итн. И така во недоглед. О да, полесно е. Но, таквиот избор е поразувачки. Што значи, немерливо потежок. Бидејќи така залудно се троши и понижува и обесмислува она најскапоценото со што располагаме: моралноста, принципиелноста, човечноста, слободата. Прескапа е таа наша леснотија.

Во што потфрли имагинацијата во Србија? Што е тоа што е дефектно во имагинацијата на српските граѓани што ги спречува да ја преобразат Србија-жанрот, Србија-дијагнозата во Србија-државата?

Тоа е како да ме прашате зошто во некоја ТВ сапуница или реално шоу сè е тривијално и зошто таму нема повеќе дух, имагинација, подлабоки увиди во феномените и законите на животот... Фала му на бога, Србија не е тоталитарна, ама затоа е тотална. Законот на жанрот наложува дека во него е вообичаено и можно нешто што во другите жанрови не важи. Аберацијата настанува најчесто во издвоената реторичка хипертрофија според која еден жанр се разликува од друг со својата пренагласеност или редукција. Во Србија аберацијата настанува со вулгарната буквалност на хипертрофијата која продрела во опкружувањето, во вкупната стварност. Главната примамливост и ефект се кријат во воспоставувањето премолчен пакт меѓу жанрот и неговата рецепција, дека ќе се преправаме дека тоа може иако знаеме дека вон жанрот истото би било невозможно, неверојано, непримерно, неприфатливо, гротескно, лудо, болно... Од сите поредоци во светот, на Србите најмногу им се допаѓа да живеат во жанрот, па нека чини колку ќе чини... на пример, во Србија институциите служат за нелегитимното да го претворат во легално и нелегалното во легитимно. Дека Србија е жанр – тоа значи оти овде може и е сосем нормално она што никаде не може и го нема, и дека сите се приспособени кон истото и анестезирани, како и дека илјадниците нешта кои се нормални во други земји, кои се подразбираат и по автоматизам им припаѓаат на сите и сите ги практикуваат без дополнителен напор и создавање посебни услови за нив, таквите нешта овде не се нормални, тоа овде го нема и ти мораш одново да се бориш за нив, за секој следен чекор, за секоја следна јасна мисла, за секој човек поединечно.

Во огледот „ДеЛило во Србија“ велите дека ДеЛило се занимава со општите места на Американците – рокенролот, убиството на Кенеди, берзата, рекламократијата итн. – за преку нив да дојде до препоставката на доминантниот симболички поредок. Кои се општите места на Србите и каков е нивниот однос кон митот за Косово кој, според Вас, е централното митско јадро на српскиот симболички поредок?

ДеЛило е од оние писатели кои избегнуваат да се појавуваат во јавноста. На доделувањето на Американската награда за книга на годината неговиот роман „Белата врева“ го прогласиле за победник. ДеЛило станал и им се обратил на насобраните во свечената сала на Њујоршката јавна библиотека, со зборовите: „Жал ми е што вечерва не сум во можност да бидам со вас“. И пак си седнал крај својата маса. Тишина. Потем неколкумина станале и почнале да му аплаудираат. Сите станале и френетично му аплаудирале.

Па што треба тоа да значи?

Делириум на недоразбирањето. Тие ништо не разбираат. Не е битна личноста, туку поредокот, режимот, оти личноста секогаш е функција и учинок на поредокот. Тие му аплаудираат нему, а тој, како и во своите текстови, им порачува: личностите се подредени кон режимот, а не обратно, не гледајте во огледалото туку во машината што нè меле, занемарете ги ликовите и психологијата, обрнете внимание на силата што управува со главата и удовите.

Не одговоривте на прашањето кои се општите места на Србите?

Општите места на Србите се, како што и треба да бидат, познати и блиски на сите: Видовданите, од 1389 до оној од 1914, или оној од 2001, кога го испорачавме Милошевиќ на светската правда. Потоа тука се четниците и партизаните, Гуча и Егзит, мантрата „Белград е светот“, а кога навистина беше светот никој не мораше тоа да го извикува и спинува, пустото турско и имитираното европско, домаќинот и славата, културата на сплавови и културата на негирање, Добрица Ќосиќ версус Раде Костантиновиќ, Караѓорѓевиќи версус Обреновиќи, Коштуница версус Ѓинѓиќ, одложената адолесценција и одложената транзиција, EKV версус Riblja čorba, кајмакот и расолот, Кустурица како Немања... Има еден куп такви.

Страшна е таа манипулација со идентитетот. Затоа и велам: одговорност наместо идентитет. Ние сме само она за што сме одговорни, ни помалку ни повеќе од тоа. Тоа е единствената реална смисла на категоријата идентитет, сето друго се мистификации и инструментализации.

Зошто во Србија сè уште не се појавил уметник којшто, како ДеЛило, би го раскринкал она што вие го нарекувате ПМУ (поредок/матрица/устројство)?

Само буквите да ги наредиме поправилно: УПМ, акронимот значи исто, но во овој редослед ја освојува и референцата на нашата најзачестена пцовка, па симболички вака е многу пожив, а има и дополнителна дескриптивна и експликаторна вредност.

Морате да ги критикувате ограничувањата на митот за националната држава и демократијата.

Така е. Вашата демократија, господа, им се обраќам на пријателите на Запад, во Европа и Америка, е лош превод од оригиналот. Притоа, нашата демократија е далеку полош превод од истиот оригинал. Се разбира, оригиналот е изгубен, недостапен, сите ние само го замислуваме. Линијата меѓу демократијата и популизмот е тенка, лесно се кине и пречекорува. Истовремено, многу е дебела линијата меѓу популизмот и демократијата. Оваа линија, пак, е непреодна, бодликава и низ неа тече струја од висок напон.

(...)

Генеалогијата на српската проза на преминот од 20-иот кон 21-от век ја опишавте како конверзија на дихотомијата соц-реализам – соц-естетизам во нац-реализам – нац-естетизам. Кои се нац-реалисти, а кои нац-естетисти во српската книжевност? Каква е нивната улога во создавањето на доминантниот културен модел?

Пред сè, овде не станува збор за тоа кој е писател а кој не е, туку за тоа кого сè машината на српскиот низок буџет и морал на спектаклот го произведува во писател, а кого не. Таму каде што има најголема тишина, таму би препорачал да се трага по вистинскиот писател.

А од оние кои мошне ни се наметнуваат?

Националистички реалисти се старата гарда која сè уште не се дава и упорно објавува: Ќосиќ, Капор, Милован Витезовиќ, радослав Братиќ, Миќа Данојловиќ, Младен Марков, Драгослав Михајловиќ, Добрило Николиќ. А националистички естетисти би биле Павиќ, Бела Марковиќ, Горан Петровиќ, Миро Вуксановиќ.

(...)

Во огледот „Пост-балканска симболичка инфраструктура“ напишавте дека „сите проблеми на Балканот беа проблеми на балканската култура, проблеми својствени за културната матрица на неодговорност, несоодветност, подаништво, недоследност, самозаборав“. Вашата книга е чекор кон менување на таа матрица. Што уште треба да се стори за да дојде до промена на доминантниот културен модел?

Пресудниот пресврт изискува нашите заедници, култури и идентитети, кои се заедници, култури и идентитети на убедувањата, да мораат да се преобразат во заедници, култури и идентитети на контролата врз последиците од убедувањата.

Во истиот оглед тврдите оти Европа денес зачекорува во период на одговорност и дека „човековите права мораат да бидат припоени кон соодветните човечки одговорности“. Дали овде мислите на идејата на Симона Веј дека поимот обврска има предност над поимот право, бидејќи „правото не е делотворно самото од себе, туку едиствено преку обврската на која ѝ одговара“?

Со загарантираните права располагаат и одговорните и неодговорните. Правата, меѓутоа, се заслужуваат, а не се добиваат од природата и тато и мама. Само оној што е одговорен во еден домен на човечноста или активноста, има права во тој домен. Неодговорните самите себе си ги укинуваат правата. Правниот систем не ја познава оваа дистинкција, оти штити или казнува како сите луѓе да се однесуваат подеднакво одговорно. Но, не си недолжен ако си неодговорен. Тоа е битната граница за парадигмата на владеењето на правото и затоа таа е во голема криза, наспроти актуелната историска слика за општата глобална прифатливост и доминација. Дури одговорноста е доволен услов за слободата. Ако ја сакаш слободата, мораш да бидеш одговорен. Гаранцијата на правото не задоволува, ако сакаш да си слободен потребна е гаранцијата на твојата одговорност. Кој се откажува од одговорноста, се откажува од слободата. Бидејќи само слободниот човек може да одговара за своите постапки и за односите спрема другите и себеси. Овде сè се прави токму обратно, за да се одржува и зацврстува културата и поредокот на подаништвото, па слободата е непожелна, одвишна, бреме што треба да се отфрли.

Во огледот „За политичарите“, во делот насловен „Три спрема еден“, направивте поделба на луѓето во доминантно националистичките заедници на две групи: над-националисти и под-националисти, а секоја од овие групи ја поделивте на уште две. Во која група спаѓа оној кој верува дека презирот кон својот народ е највисок облик на патриотизам?

Во над-националистите, секако. Таквото класифицирање е неизбежно во драстично националистичките средини. Презирот на патриотскиот тип е извик на некој што умира во пустина. Крик на очај во безнадежниот обид за будење на околината од зачмаеноста и застоеноста, глувотијата и рамнодушноста. Но истовремено и е безнадежно и опасно, бидејќи тој мора дополнително да се образложува. Но во овој жанр тоа се, едноставно, изнудени ставови, некакви класични ограничувања на демократијата која е врамена во државата устроена на националистичката идеологија. Сите поранешни југословенски републики се такви.

За каква надеж воопшто може да се говори ако „Милошевиќ и понатаму владее, бидејќи сè уште ги исцицува последните капки морална супстанција на сопствениот народ, бидејќи тоа му е најслатката суровина“?

Потсетувам дека тој есеј го напишав и објавив уште додека Милошевиќ се наоѓаше на власт. Него повеќе го нема. Го нема на многу начии и во многу области. Но остана на две клучни, на двете последни линии на одбраната, во двата бункера на своето волчјо дувло: во моралната сфера и во тајните служби. Како што знаете, во Србија овие две сфери се нераскинливо поврзани. Мораме да ја пресечеме таа папочна врвка.

Иронично забележавте дека „во земјата Србија само уште часовниците функционираат одговорно, принципиелно, непристрасно, доверливо“. Господине Угричиќ, кое време го покажува Вашиот часовник?

Сите српски т.н. најважни прашања ги решија и ги тргнаа од дневен ред други наместо нас: Косово ни го решија Албанците, Југославија ни ја решија Словенците, Хрватите, Босанците, Македонците, Црногорците. Комунизмот ни го реши Горбачов. Патот во Европа ни го решава Европа. Економијата ни ја решаваат странски инвеститори. Војската ни ја решава НАТО. Безбедноста ни ја решаваат криминалци. Образованието ни го решава болоњската декларација. Животот, здравјето и потомството ни ги решава смртта која е во постојан статистички и конкретен налет, кој ние го нарекуваме бела чума. Како и да е, часовниците во Србија се навистина ендемски вид, културно малцинство во изумирање. Само уште тие работат како што треба, непристрасно, точно, оправдувајќи ја смислата на своето постоење. Граѓанинот на Србија може да се потпре уште само на часовникот, сè останато е од онаа страна на објективноста, извесноста, солидноста.

Извор: Feral Tribune, Split 19.04.2007

Слики: David Jien

tapa, potapa, najtapa

tapa, potapa, najtapa

Имагинацијата и одговорноста

Имагинацијата и одговорноста се примарни форми – артикулации, медиуми – на слободата. Одговорен е само оној кој е слободен и обратно – ако не си одговорен, ја поништуваш својата слобода. Слично е и со имагинацијата: фантазерски и креативен е само оној кој има слободен и отворен ум, и обратно – ако не си имагинативен и креативен, значително ја намалуваш својата слобода. Ако имагинацијата и одговорноста ни се залудни, бесмислени, лажни, тогаш ни следуваат тешки и далекусежни проблеми. Залудната, осиромашената и редудантна фантазија како последица има недостаток на радост, а занемарената и заборавена одговорност носи страшен недостаток на доверба. Исчезнувањето на радоста и довербата се погубни за секоја заедница, па и за нашата

Страшна е таа манипулација со

Страшна е таа манипулација со идентитетот. Затоа и велам: одговорност наместо идентитет. Ние сме само она за што сме одговорни, ни помалку ни повеќе од тоа. Тоа е единствената реална смисла на категоријата идентитет, сето друго се мистификации и инструментализации.

Пресудниот пресврт изискува

Пресудниот пресврт изискува нашите заедници, култури и идентитети, кои се заедници, култури и идентитети на убедувањата, да мораат да се преобразат во заедници, култури и идентитети на контролата врз последиците од убедувањата.

Дури одговорноста е доволен

Дури одговорноста е доволен услов за слободата. Ако ја сакаш слободата, мораш да бидеш одговорен. Гаранцијата на правото не задоволува, ако сакаш да си слободен потребна е гаранцијата на твојата одговорност. Кој се откажува од одговорноста, се откажува од слободата. Бидејќи само слободниот човек може да одговара за своите постапки и за односите спрема другите и себеси. Овде сè се прави токму обратно, за да се одржува и зацврстува културата и поредокот на подаништвото, па слободата е непожелна, одвишна, бреме што треба да се отфрли.

Страшно добро! Одговорност

Страшно добро!

Одговорност наместо идентитет!

ОкоБоли главаВицФото