Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

10.02.2012 16:31
Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

На сликата горе: од проектот во Лил

Exyzt е колектив од Париз кој настанал во 2002 г. со идејата „да се гради и да се живее заедно“. Моментално во колективот има 15 луѓе: архитекти, графички дизајнери, фотографи, занаетчии, градежници, столари, музичари, готвачи и др. Преку својата работа тие ја прошируваат областа на архитектурата низ разни трансдисциплинарни полиња (градење, инсталации, гастрономија, видео, музика) и истражуваат нови алатки за дејствување и овозможување неформална интеракција при создавањето и користењето на просторот. Иако ја одбиваат стандардната архитектонска пракса, која е под постојан економски и политички ограничувања, нивните интервенции се физички присутни и изградени во просторот. Сами проектираат, градат и живеат во изградените простори, оставајќи му на посетителот да го користи и присвои нивниот објект.

Предавање на Николас Хенингер и Александар Ромер

Архитектурата како место за размена и место на отпор

Архитектурата за нас не значи ништо без животот кој се одвива во неа. Затоа во нашата работа користиме архитектура која овозможува размена, заедничко искуство и развивање поинаков поглед на животот. За нас таа претставува алатка со која може да се организира сопствениот живот, поинаков од оној кој ни го наметнува општеството. Притоа настојуваме да работиме во ситуации кои можат да ја (з)готват архитектурата, ги извртат нејзините основни поставки, да ја сфатат како медиум кој допира до животот и луѓето и да ја измешаат со различни состојки со кои таа може да создаде нови односи во општеството и нови погледи на начинот на живот. Со други зборови, архитектурата не ја доживуваме како независна дисциплина туку како место за размена и отпор.

Создавање дом од градот, создавање планета од отпадот

Честа тема на нашето работење е градењето привремени живеалишта. Тоа го опишуваме со следниве зборови: „Фрлете го телевизорот од прозорец и изградете ја својата тераса“. Со оваа парола ги повикуваме луѓето да престанат само да консумираат и да почнат поактивно да уживаат во благодетите на позитивната енергија од градењето на сопственото животно опкружување. Затоа низ нашите акции секогаш ги повикуваме луѓето да ни се придружат за заеднички да изградиме околина по наша мерка.

Изградбата на привремени колективни домови е централна тема на сите наши акции. Меѓутоа, пред да се населиме некаде создаваме фикции, приказни или утопии кои се обидуваме да ги материјализираме, барем на одредено време, за да ги зближиме луѓето кои живеат на одреден простор. Една од првите фикции кои ги изградивме беше играта за самоизградба за 400 учесници на двонеделниот собир на студенти по архитектура на EASA во Лил 2004 г. Организиравме игра и систем во кој 400 лица го градеа своето привремено сместување. Во тој самоорганизиран град на секој му беше доделена еднаква количина материјали за самостојно да го изгради својот привремен дом.

Проектот Metaville на Венециското биенале

Две години подоцна, на повик на архитектот Патрик Бушен, ја организиравме акцијата Metaville на францускиот павилјон во Венеција. Metaville на француски јазик може да значи и Mets-ta-vie, или буквално преведено: „Стави го онде својот живот“. Францускиот павилјон го претворивме во место во кое се живее и работи, градејќи го сето она што овозможува нормално функционирање во секојдневниот живот: дневен престој со трпезарија, бар и кујна, работен простор, ателје и библиотека, хостел и голема спална, базен и сауна. Сето тоа изгледаше како искривена слика на Венециското биенале. Наместо пасивна изложба францускиот павилјон стана микрокосмос, способен да го прифати и вдоми секој посетител. Metaville се претвори во повик до сите посетители на Биеналето да учествуваат во животот на заедницата, желба да се нагостат соседите или да им се пружи засолниште на политичките бегалци. Во времето во кое живееме, одбележано од стравот за сопствената безбедност, овој чин на вдомување случајни миувачи станува политичка акција, а архитектурата место на отпор. Францускиот павилјон стана место на живеење кое беше отворено 24 часа во текот на два месеци, место на заеднички живот, место на работилици, на предавања, прослави, па дури и потење во сауната, место на средби, на пријателства, на љубов и омраза.

Работата на Венециското биенале ја доби својата завршница во проектот Re-biennale, каде што им се придруживме на луѓето собрани околу социјалниот центар Morion во Венеција. Првиот чекор во проектот беше обвнова на куќата Morion со отпадните материјали кои Биеналето ги остава зад себе. Од тие материјали успеавме да го оспособиме хостелот во социјалниот центар. Исто така, во 2009 г. учествувавме и во изградбата на курдскиот павилјон, наречен Planet k, повторно користејќи ги отпадоците останати по Биеналето.

Методот на изградба на фикција и развивањето привремени населби го остваривме во неколку поголеми европски градови. Интервениравме во оние делови од градот каде што е видлив расколот меѓу начинот на живот на оние кои со поколеија ги населуваат тие места и новите планови за „развој“, т.н. „капучино бран“, т.е. бран на гентрификација.

Првата таква интервенција беше 2005 г. во привремениот сквот Poble Nou, населба во Барселона, каде што старите складишта беа заменети со деловни простори и станбени згради со високи цени за домување. Изградивме вселенска ракета во облик на новиот небодер во населбата кој стана симбол за гентрификацијата на градот и замисливме приказна за астронаутот кој ја лансира во вселената. Ги повикавме луѓето да ни се придружат во колективниот транс за сите заедно да го лансираме тој „вселенски брод“, а всушност ја подигнавме свеста за негативниот процес на гентрификацијата кој ги погодува граѓаните.

Базенот во Лондон

Слични акции изведовме во Париз и Лондон. Лондон е град во кој трошоците за живот постојано растат и поголемиот дел од она што се гради само дополнително го поскапува животот и им го прави понедостапен на оние кои не можат да си го дозволат тоа, така што изобилството станува алатка на гентрификацијата на градот. Кон овој проблем пристапивме сакајќи да создадеме нешто во заедницата и за заедницата. Во првиот случај изградивме базен во јавен простор, со цел да создадеме место на кое ќе може да се одмора, плива и бесплатно ужива во градот, а во вториот поставивме ветерница наречена Далстон. Далстон е населба во источен Лондон под постојана закана од гентрификација. На повикот на галеријата Barbican Art да осмислиме активност во јавниот простор, предложивме ветерна мелница за производство на брашно од кое на лице место би се печеле пекарски производи. Низ заедничката работа градската населба заживеа преку дружењето и забавата. Именувањето на ветерницата Далстон за цел имаше да го освести локалниот идентитет и подобро да ги поврзе луѓето со местото во кое живеат.

Одгледување печурки во поранешна воена зона

Со акциите во големите европски градови се обидовме да се бориме против гентрификацијата, додека во источна Европа се сретнавме со специфичен проблем на напуштање на воените зони кои потоа се населени од сиромашни семејства, значи, сосем обратни ситуации од оние со кои се среќаваме на западот.

Посебен случај беше искуството во поранешата советска воена зона Кароста во Латвија. Таа локација, изградена околу впечатливата црква Св. Никола, која како и повеќето православни световни градби има карактеристичен покрив кој потсетува на печурка, ни го привлече вниманието и нè заведе со контрастот меѓу преубавата природа и квалитетот на живот во опаѓање. Во советско време околу црквата израснал комплекс за околу 10.000 луѓе, главно воени лица и нивните семејства. Во 1993 г. војската го напуштила комлексот, оставајќи зад себе голем број празни станови во кои потоа се населиле многу сиромашни семејства, правејќи дом од тој заборавен простор. Таа област набрзо се претворила во градско гето со недостаток на градски активности, лоша инфраструктура и висока стапка на невработеност.

По неколку поминати месеци со жителите на Кароста, сфативме како луѓето живеат таму и решивме да изградиме уште една фикција. Овојпат фикцијата мораше да има доволно сила и лудост ментално и финансиски да го оживее овој зафрлен простор. Повторно си поигравме со идентитетот на местото и решивме да го поврземе со симболот на печурката. Како што знаете, печурките претставуваат трет вид на живот на планетава – освен растенијата и луѓето и животните, тие постојат како посебен облик на живот. Одгледувањето печурки го одбравме како симбол на новиот живот на тој деградиран простор, но и како начин за создавање комерцијален бренд кој може да обезбеди работни места и да ги зближи луѓето околу заеднички проект.

Се здруживме со мештаните и започнавме одгледување на печурки, создавајќи го брендот „The Good Mushroom“, Добрата печурка која ќе го спаси местото. Ги употребивме достапните ресурси како напуштениот санаториум или градскиот систем за греење. Бидејќи подземните цевки на парното греење беа лошо изолирани, во зимскиот период тие ја загрејуваа земјата и со тоа создаваа постојана температура во текот на годината, па на градската топлана ѝ предложивме изградба на стакленици долж топловодите за да се искористи губењето енергија за одгледување печурки.

Оваа акција тогаш почна да се развива на неколку различни нивоа, меѓу кои и уредувањето на галеријата на една од поранешните воени згради, на предлог на локалниот културен центар. Таа градба од 19 век немаше покрив, а ние повтрно решивме да си поиграме со идејата за печурките и печуркестиот покрив, па го конструиравме mashroof (печурка-покрив), кој требаше да израсне како печурка од внатрешноста и да создаде услови за одгледување. За изведување на привремената покривна конструкција ги искористиме стеблата на дрвјата кои растеа покрај градбата, а од остакотокот на дрвата ја изградивме меѓукатната конструкција. Успеавме да создадеме сосем функционална производствена лиија од четири простории уредени според фазите на одгледување печурки и нивно косумирање, вклучувајќи и простор за забава и галерија. Сите работи ги изведовме во соработка со месните столари и претпријатија, со вкупен буџет од 15.000 евра. Целиот проект го одбележа почетокот на еден нов живот во таа област, па печурката стана и симбол на тој раст. За крај на изградбата организиравме фестивал на печурките и повикавме дури и воен оркестар. Фестивалот беше успешен бидејќи мештаните се појавија во голем број и бидејќи тој им ја врати вербата во местото во кое живеат.

Една година потоа пропадна невладината организација која беше задолжена за грижа за проектот, и никој не продолжи со таа активност што, за жал, е еден од можните исходи на таквите интензивни, но привремени проекти.

За крај, би сакале да го завршиме овој преглед на нашата работа со следнава реченица: „Архитектурата може на многу начини да ја подгрее ситуацијата, може да ја пробие границата на уметноста и да зачекри во градскиот простор, а може и да ја смени општествената организација и да создаде заеднички простор на игра“.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www. exyzt.org

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото