Сакати мајстори

11.02.2012 11:20
Сакати мајстори

Отсекогаш ми било интересно да следам една чудна појава во Македонија. Тоа е корелацијата на поделената јавност во Македонија, делот на македонски и делот на албански јазик. Имено, ретки се медиумите и обидите некој целосно да ја покрие македонската јавност со сите настани, барем во највозможниот дел: на македонски и на албански јазик. Алсат-М телевизија е една од поретките, која, ете, долги години прави напори за ова.

Оваа некомплетност се манифестира во две појави. Медиумите на македонски јазик, иако не ја покриваат целосно јавноста, без албанството во неа, себеси се сметат за комплетни, поради силината и разновидноста која ја имаат во своите содржини. Албанските медиуми, пак, поради својата слабост и некомплетност, ги тераат своите реципиенти да следат и македонски медиуми, со што имаат аудиториум покомплетен и од нив самите.

Чинам дека ваквата комплицираност на јавноста во Македонија заслужува опсежно, дури и научно следење, за да може докрај да се разјасни и да се дефини-ра начинот на функционирањето и влијанието на јавноста во нашата земја. Дотогаш, ми останува само да дадам еден предлог-назив на тој иден можен труд: Сакати мајстори!

„Сакати мајстори“ е насловот на култниот, генијален кунгфу-филм, од нашето детство, во кој еден од мајсторите е без раце, а другиот без нозе! Но, тие во филмот, здружени, не ретко качени еден на друг, ги прават крш сите што им застануваат на патот! Но, нашите кунгфу-мајстори кои вешто манипулираат не се новинарите, па и не се толку и медиумите – кои, ете, се трудат и реално даваат свој придонес за демократизација на нашето општество – туку политиката и политичките злоупотребувачи зад нив.

Имено, во светот постои термин кој се нарекува „прикачено новинарство“ и се употребува за новинарство кое и јавно е поврзано со национални институции (како армијата и другите служби), и како такво, се труди да му служи на нивниот занает. Тука, кај нас, ова приклучување е кон обични и евтини штекери, кое нема заземјување и кое неретко е поврзано на трафостаници, кои уште понеретко им се исклучуваат целосно. Така се случува кабелот да им остане целиот в раце, но станицата на која тие се приклучиле – им се исклучила.

Но, дури ние чекаме научно и сериозно да ја следиме корелацијата на поделената јавност во Македонија, политичарите одамна ја откриле и неретко ’ршум прават, токму употребувајќи ја таа поделеност. Чести се спинувањата и коментарите кои со обратнопропорционален контраефект ни се сервираат како вистини. Тие никогаш не стануваат документирани вистини, но остануваат да лебдат во јавноста, што им е доволно на злоупотребувачите. Некои од таквите спинувања се дека службите ја формирале ДПА, дека челници на ДУИ, пред воопшто да постои ДУИ, имале средби со СДСМ и заедно го фингирале конфликтот од 2001 година. И најновото – дека на „Разбуди се“ им биле предложено немири и протести! При такви спинувања се случуваат авансирања, вработувања, разни на-ти-го-дај-ми- го и најновото: кредити!

Затоа кога такви спинувања се расфрлаат од нешто обично, како збор, изјава или колумна, мајсторите се чудат како е можно сето тоа. Заборавајќи дека, сепак, вистината е евтина!

Токму коалицијата на ДУИ и ДПМНЕ е најсоодветна за да се именува како – сакати мајстори. И тоа поради фактот што на двете партии, одвоено, им недостасува по нешто многу важно, како на мајсторите на кои на едниот му фалеа рацете, а на другиот – нозете. Имено, ДПМНЕ никако да сфати дека треба да има став кон Албанците во Македонија. Едноставно „МК без Шиптари“ е можно само на графитите и можеби тоа е причината што тоа често е напишано и уште почесто не е избришано. По примерот како што експресно се бришат графитите, кои не им се по ќеф на властите!

Секој што читал малку балканска историја, увидел дека најлошата опција – меѓу тоа да мразиш, да војуваш или да живееш со Албанците – е четвртата опција, да не ги есапиш! Византија, Отоманското царство, три Југославии и две Србии, се доволен аргумент за овој долг историски муабет!

На ДУИ, пак, ѝ фалат нозе и луѓе кои ќе им го истрчаат интегративниот муабет за државата Македонија. Овие досега, со ретки исклучоци, се луѓе кои не само љубовта и парите, туку и личностите си ги пронашле откако ги зазеле функциите! Како такви, фалични, тие се идеални да бидат потценети од народот и од опозицијата, а, сепак, ете гледаме, бумбар нè прават!

За малку тоа ќе му се случеше на СДСМ, на кого не му прилега поради годините, да биде везден вака во позиција на младо момче, кое мисли дека љубовницата, која богато се омажила за друг, сè уште сонува за него! Тоа, едноставно, не е точно, гледано според обемот на шопингот што го прави и крзното што го облекла богатата ни мома за мажење! Опозицијата сега може да се спаси, ако трезвено, освен што нема веќе да ги потценува сакатите мајстори, нема да влезе во стапицата која ѝ ја наместија, а тоа е да се фасцинира со албанофобија. Тоа може да донесе малку гласови, но тие не се бериќетни.

Опозиционерите треба да бидат цели. Како Албанците, кои се тука и имаат комплетен увид во јавноста. Тие одамна видоа дека Артан Груби сонувал да се разбуди во политиката и што се однесува до нив, тој сега слободно може да конкурира на јавните огласи за претседател на месниот комитет на ДПМНЕ за Чаир, кој, нормално, не го опфаќа Топанско Поле. Којзнае, можеби тоа е полесна опција за политика, оти продирањето во општинскиот комитет на ДУИ за Чаир, ете, увидел и самиот, оди многу, многу тешко!

Извор: Фокус

Илустрации: Glennz

ОкоБоли главаВицФото