Пиратите и Зелените го освојуваат гласачкото тело во Германија

14.02.2012 12:43
Пиратите и Зелените го освојуваат гласачкото тело во Германија

Традиционалните германски политички партии минатата година изгубиле голем број на членови, додека видно е зголемено членството во партиите на Зелените и Пиратите.

Најмногу членови изгубиле Либералите (ФДП), партијата која е власт, во коалиција со Христијанско –демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел.

Како што покажа во понеделник објавеното истражување на „Емнид Институтот“, Либералите мината година ги напуштиле 5.400 луѓе, што е 8 проценти од вкупното членство. Така, оваа партија, која во моментов ужива доверба само кај два до три проценти од гласачкото тело, остана со 63.100 членови.

Двете најголеми германски партии, ЦДУ и Социјалдемократската партија на Германија( СПД), низ годините имале приближно ист број членови, нешто преку 500.000, а сега за првпат паднаа под таа граница.
СПД, која пред 20 години имала милион членови, уште не може да го наведе точниот број на членови на почетокот на 2012 година. Конзервативците, според сопствените проценки, имаат 489.900 членови, што е за околу 15.400 помалку од минатата година.

Видлив успех доживеале само Зелените и Пиратите. Така Зелените се единствената партија застапена во Бундестагот, која лани го зголемила своето членство – и тоа за скоро 11 проценти, за сега да изнесува 59.000 членови. Опозиционерската Левица, исто така изгуби членство.

Партијата на Пиратите која е основана во 2006 година, и која минатата година во Берлин за прв пат излезе на избори во некоја германска сојузна покраина, успеа да го зголеми членството за дури 8.000 луѓе, така што сега има нешто повеќе од 20.000 членови.

Германските партии, покрај членовите и донациите, се финансираат и од државни средства. Тие се доделуваат врз основа на успехот на покраинските, сојузните и изборите за Европски парламент, но и според бројот на членови.

Шефот на „Емнид Институтот“, Клаус Питер Шепнер, оценува дека одливот на членови не треба да нè чуди бидејќи „партиите едноставно веќе не се доволно атрактивни“.

Проблемот е во тоа што, како што наведува тој, партиите во време на сè поголема „европеизација на политиката делуваат сè понемоќни“. Така „граѓаните имаат впечаток дека политичарите сè помалку можат да влијаат на случувањата“, а покрај тоа „политиката е и сè потешко сфатлива“.

Извор: e-novine.com

ОкоБоли главаВицФото