1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
(Текстов е продолжение на Мажите се врвни или бедни, а жените се средни?)
Психолозите во поново време укажуваат на една интересна разлика помеѓу жените и мажите, разлика која во голема мера влијае врз целокупните културни и општествени односи. Накусо, разликата се состои во следново: во социјалните интеракции жените се многу повеќе насочени кон помалубројни но поцврсти и поинтимни односи; мажите, пак, прeтпочитаат пошироки мрежи на социјални познанства кои често не се продлабочени но се мошне продуктивни во поширока општествена смисла.
Проучувањето деца на игралиште ја покажува различната „друштвеност“ меѓу мажите и жените: девојчињата често и долго си играат во пар; момчињата почесто избираат поголеми групи и различни парови. Кога две девојчиња играат заедно и истражувачите доведуваат трето девојче, првите две се спротиставуваат. Две момчиња во игра многу полесно прифаќаат трето. Девојчињата, значи, најчесто негуваат односи еден на еден, а момчињата избираат поголеми групи или мрежи.
Социјалната психологија често ја занемарувала друштвеноста која излегува од рамките на интимното и непосредното и која повеќе е насочена кон пошироки и поповршни мрежи на односи. Тоа произлегува од фактот што луѓето (пред сè, жените, но и мажите) често велат дека е поважно да имаш неколку блиски пријатели отколку мноштво површни познајници. Но, пошироките социјални мрежи се исто толку важни, особено во подолгорочна општествена и културна смисла.
Уште еднаш ќе го повториме клучното согледување на современата еволуциона психологија: мажите и жените не се разликуваат толку во способноста колку во мотивацијата. „Машките“ области на уметноста, науката, политиката итн. – се области на избор, а не на нужда. Обратно, жените биле повеќе сосредоточени кон нужните каузи, опстанокот на видот, кон интимните односи и грижи без кои децата не би преживеале, а заедниците би изумреле. Жената била поблиску до природата, мажот до културата. Но, културата е моќен погон за подобрување на животот и во текот на повеќе генерации таа создава големи количества знаење, богатство и моќ.
Минатиот пат го цитирав психологот Баумајстер: на културата може да се гледа и како на биолошка стратегија. Културата е систем кој ѝ овозможува на човечката група заедно да работи користејќи информации. Координирани дваесет луѓе на пуст остров вршат многу поголема и поефикасна работа отколку дваесет луѓе од кои секој си работи за себе. Иако и други животински видови (мајмуните, китовите, слоновите, одредени птици) имаат своевидни форми на култура, само човечкиот вид го достигна она ниво кога културата станува главен придвижувач на ненадејниот еволуциски исчекор, премавнувајќи ги физичките ограничувања и ограничувањата на животната средина. (Шекспировиот Хамлет извикува: „ Какво ремек-дело е човекот! Како е благороден со умот! Колку е неограничен во способностите! ...Како во изразот наликува на ангел! Како според разумот наликува на бога!“ Еден друг голем англиски писател, Честертон, вели нешто друго: „Да, човекот е исклучок, што и да е друго... Ако не е вистина дека паднало некое божествено суштество, тогаш само можеме да речеме дека едно од животните сосема се мрднало во умот“.)
Најнеобично во развојот на човекот е неверојатното забрзување што се случува последниве десетина илјади години, откако се појавуваат цивилизациите; од првиот откршен камен-орудие до првото истопено парче железо требале да поминат три милиони години; од првото парче железо, пак, до хидрогенската бомба требало да поминат само три илјади години. Постарото камено доба, палеолитот, траел од појавата на човеколиките мајмуни кои правеле орудија, пред речиси три милиони години, до топењето во последното ледено доба, пред околу дванаесет илјади години. Тоа време опфаќа повеќе од 99,5% од човековото постоење. Меѓу другото и затоа велиме дека културата има неспоредливо големо место во еволуцијата на човекот, па и во машко-женските односи.
Од друга страна, никогаш не смееме да заборавиме на нашето природно потекло и на надмоќноста што природата ја има над културата. Како што вели опасната теоретичарка Камил Паља, сексот е многу помрачна сила одошто тоа феминизмот го признава. Сексот отсекогаш, во сите култури, бил опкружен со табуа. Сексот е допирна точка помеѓу човекот и природата, каде што моралноста и добрите намери се извртуваат во примитивни нагони. „Во западната цивилизација сексуалната средба никогаш не може да биде сосема телесна или ослободена од тескобноста. Секоја привлечност, секоја матрица на допирот, секој оргазам – се одредени со психички сенки.“ А љубовта меѓу двајца луѓе е преполн театар, вели Паља, зашто бескрајни биолошки и културни слоеви влијаат врз нашите инстинкти и однесувања. Сексот е моќ. И идентитетот е моќ и судир. Културата се гради околу нагонски јадра. Убиваме за да живееме. Секоја генерација го гради својот пат врз коските на мртовците.
И притоа, се разбира, се самозалажуваме зашто продолжувањето на животот бара постојано произведување илузии. Верата во бога и во добрата природа е човечки механизам за преживување. Оние што се обидуваат да „прогледаат“ (како Хамлет, на пример, можеби клучниот западен мит) најчесто стануваат уништени. Притоа, и низ (само)уништувањето, жртвите стануваат митови и придонесуваат за развојот на културата, која веројатно е само уште едно илузионистичко средство во нашите обиди да ѝ се спротиставиме на природата.
Слики: Свирачиња
Кој за што, Коља за
Испратено на 19 февруари 2012 од Sigmund JungКој за што, Коља за психоанализата. Добро е што ги прати најновите достигнувања во „неговата“ област. Само да беше малце поредовен со терапијата.