Студен бран од истокот

15.02.2012 10:45
Студен бран од истокот

Веќе две недели сибирската зима во Европа не попушта. Во Германија многумина се радуваат на идиличното зимско време, додека во источна Европа дневно умираат над десетина бездомници, болни и стари лица. Во Украина до пред една недела смрзнаа 135 луѓе. Во Полска, од последиците на смрзнување, умреа 68 луѓе. Во Романија, Чешка, на Балканот и во Русија, исто така имаше многу жртви.

Причините за ваквите ужасни бројки не се само температурите кои во Украина веќе подолго време се задржуваат на околу минус 30 степени, што е неспоредливо со ситуацијата во Германија, туку тие бројки, пред сѐ, се доказ за тоа колку е тешка економската, политичката и социјалната реалност во источните земји. Овие жртви, пред сѐ, се индикатор за социјалните потреби на овие земји и за пропаѓањето на тие држави.

Најлош пример е Украина. Таму државата е во рацете на мафијашките банди на мрачните економски шефови, таканаречените олигарси. Веќе дваесет години, дваесетина луѓе ја пљачкаат оваа земја. Тоа не го промени ниту револуцијата во 2004 г. Олигарсите трупаат милијарди евра и се фалат со луксузните јахти и другите статусни симболи. Граѓанството се смрзнува и гладува – и тоа не само сега, кога се најде во област под висок воздушен притисок.

Уште за време на топлото лето во 2011 г. поради владиното смалување на социјалната помош демонстрираа илјадници пензионери, чернобилски и авганистански ветерани. Инфраструктурата во земјата е сосем запуштена и, освен онаа која им служи директно на потребите на олигарсите, се заканува да се распадне.

И економското чудо во Полска бара некои доправки, како што покажа овој студен бран. Во регионот помеѓу реките Одра и Буг не беа само бездомниците и алкохоличарите оние кои тонеа во сон и умираа по улиците. Десетина луѓе умреа во своите куќи поради труење со јаглен моноксид од дотраената топлинска инсталација. Ова доволно зборува за потребата да се модернизира оваа земја.

Во Полска, по економскиот раст од 4,3 проценти во претходната година, забележан е пораст на невработеноста, најголем во последните пет години. Експертите ова го објаснуваат со големиот број договори на одредено време и лошата заштита на работниците од отказ. Кога економијата ќе тргне лошо, како што е случајот сега, работодавците реагираат со отпуштање. Огромниот број бездомници во Полска, кои најмногу страдаат на студов, е последица на менталитетот „вработи-отпушти“. Тоа посебно ги погодува младите, кои склучуваат таканаречени „џанк-договори“ без социјално осигурување.

Јазот помеѓу истокот и западот уште е присутен. Тоа може да се промени кога со тоа сериозно би се позанимавале најмоќните членки на ЕУ, како што се Германија и Франција. Меѓутоа, се случува токму спротивното. Низ Брисел, Париз и Берлин се шири таканареченото „отрезнување на истокот“. Тоа до некаде е разбирливо, кога ќе се погледне што се случува со Украина. Но е исто така и многу опасно, ако се земе предвид растечкото нерасположение кон ЕУ во Полска, како и чекорите за излегување од ЕУ во Унгарија.

Претседателот на Украина, Виктор Јанукович, се обиде да ги изигра и Западот и Русија, и заврши во изолација. Приближувањето на Украина кон ЕУ не е блокирано само поради апсењето на Тимошенко. Демократијата и правната држава пропаднаа во толкава мера што Киев во овој момент не може да биде партнер со Брисел. Во Полска, од друга страна, чии граѓани сè до неодамна беа евро-ентузијасти, сега сè почесто се прашуваат каква корист им донесе членството. Влезот во еврозоната сега е непожелен од две третини од граѓаните.

Во Унгарија, Виктор Орбан како виновник за економската катастрофа на земјата го посочи Брисел. Многу граѓани на Унгарија го поддржуваат овој став, така што излезот на Унгарија од ЕУ не е исклучен. Меѓутоа, со тоа расте опасноста дека по катастрофата на монетарната унија, како неуспех ќе се покаже и ширењето на ЕУ на исток. Ова е една од пораките кои заедно со ладниот бран стигнаа на Запад.

Извор: Frankfurter Rundschau

Убаво си кажуваат Drang nach

Убаво си кажуваат Drang nach Osten и ни мува не ги лази.

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото