1006 hPa
100 %
4 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 23:59

Целта на политиката на унгарската влада е протерување на Ромите, јасна е оцената на унгарскиот правобранител за правата на малцинството, Ерн Калај. Неговата функција сега се укинува, а неговиот последен официјален акт беше извештајот за положбата на Ромите.
Централната тема на овој извештај е состојбата во општината Ѓонѓоспата, лоцирана на еден час возење од Будимпешта, која минатата година стана позната, за жал, по маршот на неонацистите. „Народна одбрана“ патролираше против Ромите со недели, нарушувајќи го државниот монопол на сила и претворајќи го локалното ромско население во гето. Владата на почетокот воопшто не реагираше, а подоцна се обиде да ги прикрие случувањата. После ова, граѓаните на локалните избори избраа неофашист од „Јобик“ за градоначалник на општината.
На овој пример, како и на некои примери од други места како што е Епатак, професорот и социолог Калај укажува на некои застрашувачки факти: постои остра сегрегација на ромските деца во школите; на граѓаните за најмали прекршоци им се изрекуваат огромни парични казни, при што им се укинува и основното право на сослушување пред суд. Работата на Калај, иако му беше доверена од страна на парламентот, главно беше попречувана од градоначалникот на Ѓонѓоспата.
Во својот извештај, Калај посебно ги опиша деталите за тоа како се спроведува програмата за јавни работи, која дури во текот на оваа година ќе се примени на подрачјето на целата земја и врз основа на која минатото лето беа спроведени неколку програми во Ѓонѓоспата, најверојатно за во пракса да се провери колку оние кои се опфатени со оваа програма можат да издржат. Тој докажуваше дека оваа програма не претставува инструмент со кој би се мотивирале работоспособните корисници на социјална помош да пронајдат легална работа за веќе да не бидат товар на државата, што беше главната намера, туку програма која повеќе се користи за расистичко и мотивирано вознемирување кое на крајот може да доведе до целосно загрозување на егзистенцијата на овие малцински групи, и тоа до посакуваната цел – протерување на унгарските Роми од местата каде што Унгарците се мнозинство.
Додека на Ромите во тие места им се доделуваат бесмислени и напорни работи, за нивни надзорници се поставуваат корисниците на социјална помош кои не се Роми. Со оваа програма не е предвидено правото на минимална заработка. Калај предупредува на последиците кои би можеле да настанат ако сите одредби на законот во иднина целосно се применат, како, на пример, онаа за испраќање на работа во оддалечени работни места, со преноќиште во принудно сместување.
Во законот постои одредба која ја овластува локалната власт да може на корисниците на социјална помош да им дава упатства за погледот на нивниот „животен простор“, на пример, за одржување на чистотата на куќата и градината. Ова правило ја отвора вратата за произволности и злоупотреби.

Калај известува за инспекциите на градоначалникот на Ѓонѓоспата, кои се појавуваат ненајавени и во придружба од шест наводни службеници и неколку полицајци, со цел да контролираат дали се спроведуваат упатствата кои се однесуваат на животниот простор. Притоа се вршени снимања и мерења, внатре во куќата и надвор, а на вдомените не им се објаснувале постапките ниту, пак, се барала нивна согласност. Калај ги идентификува овие наводни службеници како учесници во неонацистичките маршови.
Во почетокот работниците два пати дневно пеш минувале пат од 4 километри до работнто место, а дури подоцна е воведен автобуски превоз; самото работно место немало тоалет, а опремата за заштита при работа – според извештајот на надлежните служби – не била соодветна; исто така немало доволно вода за пиење. Ако немало доволно алати, се работело со голи раце.
Еден од најгнасните детали во овој извештај е фактот дека луѓе со нарушено здравје молеле да продолжат да работат, за да не им биде одземена социјалната помош. На еден човек му забраниле наредните три години да се пријавува за социјална помош, затоа што работел подобро платена работа која ја нашол преку програмата за вработување.
„Стравот, стаписаноста, осудите, расното раслојување и зголеменото присуство на полицијата станаа секојдневие“, пишува Калај за Ѓонѓоспата. Иселувањето на Ромите продолжува, а сиромашните Роми во Унгарија како никогаш досега се чувствуваат како граѓани од втор ред, што е неприфалтива состојба во една демократска држава. Целиот закон за вработување, заедно со неговото спроведување, им испраќаат „јасна порака“ на Ромите, дека не се вредни и дека мораат да се подредат на мерата на мнозинството, резимира малцинскиот застапник.
Извор: Die Zeit