Прустов прашалник за Жижек

28.07.2009 13:43
zizek2.jpg

 

Овие класични лексикографски прашања кои се поставувале во споменарите од неговото време, особено во англиските, Пруст ги пронашол во споменарот на својата пријателка Антоанета, ќерка на подоцнежниот француски претседател Феликс Форе. Овој прашалник се појавува во најразлични варијации низ многу светски списанија и весници, а Жижек на него одговара во Гардијан.

 

Кога бевте најсреќен?

Неколку пати во животот кога се радував на некој настан што следеше или кога се сеќавав на него – никогаш во мигот на случувањето.

 

Од што најмногу се плашите?

Дека би можел да се разбудам по смртта – затоа сакам во истиот миг да ме запалат.

 

На која жива личност најмногу и’ се воодушевувате и зошто?

Жан-Бертран Аристид, двапати сменетиот претседател на Хаити. Тој е модел за она што за луѓето може да се направи дури и во најтешките ситуации.

 

Кој аспект од својата личност најмногу го презирате?

Индиферентноста кон маките на другите луѓе.

 

Што најмногу презирате кај другите?

Нивната лигава подготвеност да ми понудат помош кога не ми е потребна.

 

Најнепријатниот миг во животот?

Гол пред жена пред љубовен чин.

 

Освен имот, што е најскапото што некогаш сте го купиле?

Новото германско издание на собраните дела на Хегел.

 

Што ви е највредно од она што го поседувате?

Погледни го претходниот одговор.

 

Што ве депримира?

Кога луѓето се глупави и среќни.

 

Што најмногу ви пречи кај вашиот изглед?

Тоа што поради него изгледам онака како што изгледам.

 

Која е вашата најмалку привлечна навика?

Апсурдно претераните тикови што ги изведувам со рацете додека зборувам.

 

Што би избрале за бал под маски?

Би си ја ставил маската на своето лице за сите да мислат дека не сум јас туку некој кој се прави дека сум јас.

 

Кое е вашето најсилно забрането уживање?

Гледањето непријатно патетични филмови како „Моите песни, моите сништа“.

 

Што им должите на родителите?

Се надевам ништо. Не потрошив ни секунда жалење по нивната смрт.

 

На кој би сакале најмногу да му се извините и зошто?

На моите синови зашто не сум доволно добар татко.

 

Како се чувствуваме кога сме вљубени?

Како за време на голема несреќа, нападнати од некој монструозен паразит, во постојана состојба на итност која ги уништува сите мали задоволства.

 

Што или која е најголемата љубов на вашиот живот?

Филозофијата. Потајно мислам дека стварноста постои само за да можеме да ја анализираме.

 

Вашиот омилен мирис?

Природата во изумирање, како дрво што скапува.

 

Дали некогаш сте рекле „Те сакам“ без навистина да го мислите тоа?

Цело време. Кога некој навистина го сакам, тоа можам да го прикажам само со агресивни и невкусни забелешки.

 

Кого најмногу презирате и зошто?

Докторите кои им асистираат на измачувачите.

 

Најлошата работа која некогаш сте ја имале?

Предавања. Ги мразам студентите, тие се (како и другите луѓе) главно глупави и здодевни.

 

Кое е вашето најголемо разочарување?

Она што Алан Бадју го нарекува „опскурната катастрофа“ на дваесеттиот век: катастрофалната пропаст на комунизмот.

 

Доколку би можеле да го промените своето минато, што би промениле?

Своето раѓање. Се согласувам со Софокле: најголемата среќа е да не се родиш. Но, шегата има продолжение: на многу мал број луѓе им успеало тоа.

 

Доколку како во времеплов би можело да се патува назад, каде би заминале?

Во Германија од почетокот на 19 век, на предавањата на факултет на Хегел.

 

Како се опуштате?

Секогаш и повторно слушајќи го Вагнер.

 

Колку често водите љубов?

Тоа зависи од тоа што за вас е секс. Ако тоа се однесува на вообичаеното мастурбирање со жив партнер, тоа настојувам да го избегнам по секоја цена.

 

Кога сте биле најблиску до смртта?

Кога имав благ инфаркт. Почнав да го мразам своето тело: обвиваше да ја изврши својата должност и слепо да ме слуша.

 

Која едноставна работа би можела да го подобри квалитетот на вашиот живот?

Да ја избегнам сенилноста.

 

Што сметате дека е вашето најголемо достигнување?

Поглавјата во кои развивам, според мене, добра интерпретација на Хегел.

 

Која е најважната лекција што ја научивте од животот?

Дека животот е глупава, бесмислена работа која на ништо не може да те научи.


Откријте ни една тајна?

Комунизмот ќе победи.

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност / Живот
Технологија / Живот / Теорија
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото