1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Еден француски делегат од Унијата за народното движење (UMP) на францускиот претседател, ќе биде остро казнет поради негирање на депортацијата на француските хомосексуалци во текот на Втората светска војна, соопштија од партијата во среда.
„Пратеникот Кристијан Ванест доби закана дека ќе биде повлечена неговата кандидатура за парламентарните избори во јуни и дека ќе биде исклучен од партијата“, изјави генералниот секретар на UMP, Жан Франсоа Копе.
„Политбирото едногласно ги осуди тие неприфатливи, длабоко шокантни изјави кои не можат да се толерираат“, додаде Копе откривајќи дека санкциите спрема Ванест ќе бидат усвоени на состанокот на политбирото во среда.
На видео снимка, објавена на интернет, францускиот делегат вели дека „постои фамозна легенда за депортацијата на хомосексуалците“.
„Во Германија имало репресии и депортации..., но никаде на друго место“, рекол Ванест и додал дека „депортација на хомосексуалци немало во Франција“.
Ванест и претходно предизвикувал скандали со своите изјави за хомосексуалците, па во 2010 година ги поврза педофилијата и хомосексуалноста. Во текот на 2006 година Ванест стана првиот француски политичар во историјата кој е осуден за хомофобичен говор. Пресудата е укината две години подоцна врз основа на правата за слобода на говор.
Неговите последни коментари се објавени во склоп на видеото под име „Фаворизирање на семејството за подготовка на иднината“. Ванест тврди дека нарцизмот е основниот елемент на хомосексуалноста бидејќи гејовите го „одбиваат другиот пол“. Тој исто така тврди дека на прашањето за правата на хомосексуалците му се придава преголемо значење во политиката и дека медиумите го преувеличуваат нивното значење во јавниот живот.
Француската опозициска левица жестоко го критикуваше пратеникот и побара од UMP да го исклучи од партијата. Кандидатот за француски претседател, Франсоа Оланд, ги опиша ставовите на Ванест како „одвратна идеологија“. Оланд вети дека ќе ги легализира истополовите бракови во Франција доколку стане претседател.
Според историчарот Микаел Бертран, повеќе од десетина илјади хомосексуалци од Франција се депортирани во текот на Втората светска војна.
Извор: e-novine.com