Игрите на авторитарните водачи

16.02.2012 14:17
Игрите на авторитарните водачи

Не знаев дали да плачам или да се смеам кога слушнав дека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, нашол решение за кризата во Сирија. Во говорот одржан во Дамаск, Лавров изјави дека сè е под контрола: претседателот Башат ел-Асад „во целост е посветен кон задачата за спречување на насилствата, од каде и да доаѓаат тие“. Руското министерство за надворешни работи ја поддржа оваа изјава, повикувајќи на „најбрза можна стабилизација на ситуацијата во Сирија, врз основа на најбрзото спроведување на демократски реформи, чие време конечно е дојдено“.

Да бидеме искрени, времето за „демократски реформи“ одамна помина во Сирија, каде што војската на Асад не покажува никакви знаци на „спречување на насилствата, од каде и да доаѓаат тие“. Всушност, насилствата можеби и се влошија за време на неколкуте часа кои Лавров ги помина во Дамаск. Меѓутоа, дури и Сирија да претставува Швајцарија во арапскиот свет, сосем подготвена за одржување „уставен референдум“, како што сугерира Лавров, би било тешко сериозно да се сфатат коментарите на рускиот министер за надворешни работи. Во овој миг, навистина е тешко да се каже на кој начин Русија ги бира своите политички претставници, но овој процес сигурно не го вклучува гласачкото тело, барем не во голема мера. „Брзото спроведување на демократските реформи“ е дефинитивно концепт кој треба да се примени подеднакво во Москва и Санкт Петербург колку што и во Дамаск и Алеп.

Па сепак, вреди да се забележи бидејќи е неверојатно тоа што сега дури и Русите чувствуваат обврска да говорат со ваков јазик. Можам да претпоставам дека демократијата во Сирија воопшто не го интересира Лавров: тој ја посети оваа земја зашто Сирија купува огромни количини оружје од Русија, зашто Русија се исплаши од судбината на Моамер Гадафи и зашто протестите во Сирија можат да имаат лошо влијание врз останатите интереси на Русија во тој регион. Порано, претставникот на СССР, кој ќе заминеше во посета на земјата-клиент чиј претседател е во неволја, во слична ситуација ги користеше изразите како „солидарност меѓу другарите“ наместо „демократија“, и со себе ќе поведеше неколку воочливи воени советници, колку да му се најдат при рака.

Денес ваквото однесување, едноставно, не е прифатливо. Да те сметаат за водач на земја која е под диктатура не е добро за меѓународниот углед на еден политичар. Исто така, постепено станува сè потешко да се префрлаат своите пари од една сметка на друга низ светот, или да ги школуваш своите деца во швајцарски интернати.

Што е многу поважно, дури и авторитарните режими се грижат за тоа каков впечаток оставаат дома нивните односи со другите авторитарни водачи. Лавров е претставник на режимот кој, иако во овој миг не е загрозен, сигурно се плаши од незадоволството на граѓаните, антикорупциската реторика и политичките демонстрации, слични на оние кои доведоа до Портокаловата револуција во Украина, или Арапската пролет низ северна Африка. Затоа Русија чувствува потреба да одржува барем привид на легитимитет. За време на последните претседателски избори во Русија, претседателот Дмитриј Медведев не патуваше низ земјата ниту се среќаваше со своите поддржувачи. Руските медиуми ја извршуваа таа работа за него, така што на Медведев телевизијата му ја посветуваше речиси секоја минута од своето време, додека другите кандидати добиваа малку или воопшто не добиваа. И покрај тоа, граѓаните беа поттикнувани да гласаат, а поставени се и сите примамливи замки на демократијата, иако беше сосем јасно кој ќе победи на крајот.

Ист е случајот кога станува збор и руската дипломатија. Јасно е дека Лавров, како и неговите шефови, не сакаат граѓаните на Русија да мислат дека тој го поддржува режимот кој пука врз демонстрантите – иако го поддржува – посебно во неделата кога демонстрантите ги исполнија улиците на Москва, носејќи транспаренти на кои се бараат „чесни избори“. Тој не сака да остави впечаток на недемократичност. И затоа руското министерство за надворешни работи мора да се преправа дека води битка за сириската демократија, истовремено додека сириската војска со сета сила води војна против сопствениот народ.

Морам да признам дека се двоумам кога се работи за ова „божемно поддржување на демократијата“, природен израсток на руската божемна демократија. Од една страна, ова го прави политичкиот дискурс безвреден. Ако „ја поддржуваме демократијата во Сирија“, всушност, значи „ја поддржуваме диктатурата во Сирија“, тогаш се наоѓаме во некаков Орвеловски свет, каде што повеќе ништо нема никакво значење.

Од друга страна, луѓето не се глупави: и Сиријците и Русите ја сфаќаат разликата меѓу „демократија“, „устав“ и „референдум“ од една, и чистото насилство, од друга страна. Колку повеќе политичарите ги користат овие зборови, и на Русите и на Сиријците ќе им биде сè поочигледно дека тие се бесмислени во овој контекст. Можеби некои од нив во еден миг ќе решат дека сепак го сакаат она вистинското.

Извор: Slate

Фотографии: Јан Кривол