Криза на парламентарната демократија

17.02.2012 10:02
Криза на парламентарната демократија

Криза на политократската и етноцентрична демократија

Парламентарната демократија во Р. Македонија е подолго време во криза. Три основни причини ја детерминираат кризата. Политократијата, која се појави веднаш по падот на еднопартискиот систем, моделот на етноцентричен консенсус и, секако, економската и социјална криза. Секој од тие три фактори, но и сите заедно, продуцираат криза во функционирањето на парламентарната демократија.    
 
Собранието на Р. Македонија, како и сoбраниjата на Градот Скопје и на општините, сè повеќе ја губат својата функција како највисоки органи на  демократијата и израз на  основните вредности на парламентарната демократија, а со тоа и институции од довербата на граѓаните. Вонпарламентарноста сè повеќе станува форма на фактичко одлучување и нагодба помеѓу или внатре во партиите, претворајќи ги собранијата во трансмисија на однапред договорените законски или други решенија. Неколку причини заслужуваат посебно внимание.
 
Прво, изборниот систем, базиран на пропорционалниот модел, кој го преферира мотивот дека најбитно е да се најдеш на партиската кандидатска листа, и тоа во добитниот дел, a услов за тоа е правоверноста кон раководството и, секако, сумата која треба да ја обезбедишза изборната кампања на партијата. Со ваквиот изборен систем пратениците стануваат зависници од партијата, незаменливи за време на мандатот и неодговорни пред избирачите. Истовремено, пропорционалниот систем е извор на корупција на советниците како во локалната самоуправа така и на пратениците во Републичкото Собрание, кои за одредени суми, привилегии или привлечни функции лесно ги менуваат партиите без каква било одговорност пред гласачите. Тие, особено преку управните органи на јавните претпријатија и со фаворизирања на фирми преку тендерските процедури, се задолжени да обезбедуваат средства за алиментирање на партиските буџети. Фондовите на јавните претпријатија стануваат каси на партиите.
 
Второ, партиските листи станаа единствен критериум и можност да се стекне пратеничката, односно советничка фотелја, секако, за одредена цена, со што ставот на пратеникот е предодреден од интересот на партијата, а не од интересот на граѓаните. Станува збор за строго контролиран изборен систем од страна на партиските врхушки кој, сам по себе, ги руши вредностите на парламентарната демократија. Од моментот кога граѓанинот, не ретко изманипулиран со ветувања, за чие неисполнување никој не сноси одговорност, го стави своето гласачко ливче во изборното сандаче, тој оди во заборав. Неговото незадоволство од работата на пратениците и Собранието завршува пред вратите на Собранието.  
 
Истото се случува и со внатрепартиските односи, без разлика дали се работи за позицијата или, пак, за опозицијата. Ставот на партијата е став на врвот, а тој пак станува став на советниците и пратениците. Повторно граѓанинот се наоѓа пред затворен круг, со кого партискиот врв контактира само пред изборите, немоќен и заборавен до следните избори.  
 
Ставот зад кој се кријат партиите дека пропорционалниот систем е според европските стандарди е само маска за да се задржат позициите. Повеќе од 20 години во пратеничките фотелји по правило се речиси истите лица. Точно е дека пропорционалниот систем е еден од моделите и стандардите на развиената европска демократија, но во исто време извонреден модел за промовирање на партократија, на нејзините интереси за опстојување на власт, што е основна карактеристика во земјите со ниско ниво на демократски капацитети. Во нив парламентите сè повеќе се изразуваат како место за привилегии,  надоместоци за репрезентации, патувања, а не за артикулирање на интересите на граѓаните.  
 
Невладиниот сектор е политички и институционално маргинализиран, економски зависен од власта, а со тоа марионета во рацете на партиите кои се на власт или, пак, во опозиција; разликите се само во времето кој кога ќе дојде на власт.
 
 
Политичкиот и парламентарниот дијалог е неплоден, сè почесто заради ниското ниво на кое се одвива, маргиналноста на темите за кои се води „остра“ расправа зад која, всушност, се кријат амбициите за власт, создавање на лажна парламентарна дебата, без програмска содржина и нужно критичко промислување од аспект на реалните интереси на граѓаните. Последиците се разочараност, бесперспективност, апстиненција и сè поголема свртеност, на младата генерација, кон странство, како последна шанса.  
 
Салонските дебати на интелектуалците во добро загреаните хотелски салони, посебно на оние кои штотуку ги изгубиле или штотуку заседнале во удобните советнички фотелји, богато наградени за своите услуги, ја покажуваат хипокризијата на македонската интелигенција, односно на интелектуалните епигони. Покрај нас се одвива незапирлив процес на изчезнување на критичкиот дух на македонската интелегенција.
 
„Политичката проституција„ стана легитимна, „политичките проститутки“ стануваат медиумски личности. Споредено со класичната проституција, и двете ги поврзува човечкото достоинство – во првиот (политичката) таа се третира како доблест и право на слободен избор, а во вториот како извор на егзистенција или порок, во зависност од кој агол гледате. Сепак, сè е трговија, само личностите се заменети. 
 
Македонскиот парламентарен систем сè повеќе се стреми да стане етно-политократски во кој го нема граѓанинот, а уште помалку работникот, но затоа, пак, инструментализацијата на етникумот од страна на политократија е услов за нејзиниот опстанок. За овој политократски слој економската миграција е етнички обоена иако таквите процеси се со исклучително социјална боја и се одвиваат со децении, предизвикувајќи депопулација на цели региони во целата земја, независно од етничката припадност на населението. Политичкиот конформизам опстојува заедно со политички далтонизам за реалната социјална состојба во која се наоѓа речиси половина од вкупното население.  
 
Сè поизразено е чувството кај граѓаните дека западнале во една џунгла во која од сите страни демнат, за него недопирливи, сили за кои низ една малигна симбиоза, шпекулативниот капитал станува услов за политика, а политиката услов за шпекулативен профит.
 
Напуштање на пропорционалниот и воведување на мнозинскиот принцип во изборниот систем е повеќе од актуелно. Предлогот Р. Македонија да биде единствена изборна единица не го решава суштинскиот проблем, туку само репродукцијата на политократијата. Иницијативите за отворени листи исто така имаат ограничено влијание врз слободниот избор на кандидатот, особено ако кандидатурата оди низ партиските процедури во кои решавачка е улогата на партискиот врв.
 
 
Трето, се изгуби социјалната функција на државата, но и се случи отсуство на стимулативен баланс меѓу трудот и профитот, кое доведува до тоа алчноста на профитот да го изеде трудот, а трудот спасот да го бара на улица. Се разбира, со ова тешко се помируваат неолибералистичките епигони во македонската економија кои нè убедуваа(т) дека пазарот решава сè, дека банкарството е двигател на развојот и дека државата треба да се „протера“ од економијата. Во македонскиот парламентарен дискурс ги нема основните економски и социјални интереси. Доминираат меѓупартиските конфронтации и нивните интереси. Сè поголемата социјалната поделеност, стравот за елементарен опстанок и сиромаштија, се исклучително поволни за опстанок на политократијата и за нивна инструментализација врз партиска или етничка основа. Македонскиот парламентаризам функционира врз принципите и интересите на партократијата и етноцентризмот како принцип на функционирање на државата.   
 
На политичката сцена сè повидлива е нова трансформација на епигоните – од бракот со договорната економија, потоа со неолиберализмот, па сè до брак со новопромовираниот модел на државен капитализам. Тие не сакаат да кажат дека алчноста на мултинационалните корпорации и на виртуелниот, банкарски,  капитал го доведоа либералниот капитализам до работ на амбисот. Се потврдува проценката на Карл Маркс дека кога профитот ја надминува стапката од 300%, капиталот го „губи разумот“ и е подготвен на секаково злосторство. Според извештајот на Управата за буџет на Конгресот на САД, за периодот 1979-2007 добивката на богатите, а тоа се само 1% од населението на САД, пораснала за 275%, а кај најбогатите дури и до 392%. Во исто време, според овој извештај, давачките за оваа категорија граѓани биле намалени за 37%. Од друга страна, пак, според истражувањата на Меѓународната организација на трудот, дури 40% од истражуваните држави се соочени со ризик од социјални експлозии кои и на глобален план се во пораст.
 
Премногу облаци се надвиснати над европското небо за да се игнорира можноста од социјалната бура која нема да ја заобиколи Македонија. Време е за сериозни промени во политичките програми на партиите, за реафирмирање на социјалната функција на државата, но и за промени во изборниот систем ако се сака да се надмине кризата на параламентарната демократија во која денес се наоѓаме.

   

 
Илустрации: Kaye Blegvad

Ја мислам во устав да се

Ја мислам во устав да се стави, без оглед кој победи на избори, СДСМ да биде на власт. Да се поштедиме од замарања.

ОкоБоли главаВицФото